12.8 C
Скопје
08:25 - 29 април, 2024

Ексклузивно интервју со дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ

Дали симболиката на Осми март кај нас е доволно сфатена и навистина се практикува или, пак, Македонките празникот го сметаат само за уште еден повод за прослава? Дали празникот треба да се одбележува и ако се слави, тогаш на каков начин? На овие и други прашања разговараме со дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ.

Дали Осми март и денес е празник посветен на борбата на жените за економски, социјални и политички права или е банализиран и типичен празник за масовната култура и потрошувачката? Дали Осми март е повеќе симулација на женската рамноправност, вештачки начин на одбележување со што се поништува вредноста на тој ден. Денот треба да се одбележува, но на каков начин?

– За мене Осми март како ден на одбележување на борбата за економските, социјалните, културните и политичките права на жените е ден кога треба да ги славиме генерациите жени и феминистки пред нас кои ја воделе оваа борба. Денешните слободи и права се резултат на нивната борба. Затоа Осми март треба да е ден на дијалог со нашите претходнички. Но, овој ден не е само датум со историско значење. Осми март, исто така, означува важен датум за жените да ја изразат својата солидарност со другите жени. Осми март е денот кога е неопходно да се излезе и да се зборува за сите неправди гласно. Осми март е ден за славење и одбележување на отпорот и борбата која е постојана. Борба за секоја жена и девојка, борба за силни и солидарни жени, без кои не може да има силно и развиено општество. Осми март треба да биде потсетник дека секој ден во годината, со иста сила, енергија и упорност, ние жените треба да се бориме за што поголема застапеност во сите сфери на општеството и нашиот глас и ставови да бидат слушнати и прифатени. Сепак, прославувањето во традиционална смисла неизбежно

Со какви сè предизвици се соочува во денешно време македонската жена, која истовремено треба да биде успешна жена на деловно поле, добра мајка и добра сопруга? Што треба да направи таа за самата без ничија помош да се избори за своите права?

– На глобално ниво сè уште е проблем што жените секогаш се дефинираат преку нивниот однос со други лица, па жените секогаш ги претставуваме низ улогите на мајка, сопруга, ќерка, баба. Тоа не е случај со мажите. И оваа перцепција е нешто на што силно треба да работиме за да ја промениме. Жените се индивидуи сами за себе, со свои специфични потреби и потенцијали и обврска на институциите е да овозможи услови за реализација на тие потенцијали и потреби што ќе бидат личен избор на секоја жена. Треба да сме свесни дека тие очекувања што ги поставува општеството за „совршена жена“ влечат корени од патријархатот и за мене клучна во таа борба е женската солидарност. Се разбира дека институциите, и тоа колку, имаат одговорност да одговорат на многуте предизвици во усогласување на професионалниот и семејниот живот на жените и сметам дека се направени крупни чекори во таа насока во изминатите две години. Една од најзначајните измени е новиот Закон за прекин на бременоста, кој гарантира автономија во одлучувањето на жените за сопственото тело. Со реформите во социјалната и детската заштита вложуваме во развојот на социјални услуги и отворање детски градинки, со што креираме работни места во економијата за грижа, каде доминантно се вработуваат жени. Од друга страна, со развојот на овие услуги на локално ниво се намалува товарот на жените за обезбедување грижа во семејството. Клучен предизвик остануваат реформите во образованието, кои значат вложување во идни генерации што растат со вредностите на родова еднаквост, солидарност и ненасилство.

Сметате ли дека правата на жените од година в година сè повеќе се почитуваат или, пак, стагнираат бидејќи жените во Македонија сè уште се приврзани кон традицијата и правилата што ги диктира таа, наместо кон стремежот да бидат успешни и почитувани деловни жени?

– Факт е дека имаме уште многу работа во надминување на нееднаквостите меѓу жените и мажите во нашето општество. Но, промени се случуваат и во делот на економско јакнење на жените и учеството на жените во процесите на носење одлуки.
Сиромаштијата е женско прашање и токму затоа сме посветени на носење мерки што ќе значат поголема економска независност на жените. Активните мерки за вработување успеавме да ги приспособиме за да се постигне 50 отсто од нив да се искористени од жени и тоа го имаме како резултат во изминатите две години. Ја зголемивме за 60 отсто минималната плата и тоа во индустрии во кои доминантно се вработени жени, како текстилната и кожарската индустрија. Кога една жена е економски независна, таа има простор и да се гради себеси и да учествува во сите општествени текови.
Има уште многу борба за нас жените пред нас. Долгорочно најважно е за идните генерации да постигнеме јасна визија дека родовата еднаквост е учество на сите граѓани во државата на сите функции и дека не е борба меѓу мажите и жените. За првпат во државата имаме влада во која пет жени водат моќни ресори и имаме две заменик-претседателки на Владата. И тоа дава надеж дека тој број нема да се намалува, туку дека ќе се зголемува. Веќе имаме најави дека на овие парламентарни избори некои партии ќе имаат учество од 50 отсто на жените на изборните листи. Тоа е важен сигнал. Ни требаат повеќе жени и на извршни функции и на директорски функции и на сè што значи учество во распределба на моќта. Потребно ни е уште повеќе жени да сe охрабрат да влезат во таа битка и да го развијат својот потенцијал за лидерство.

Дали жената треба да биде декорација што ќе ги „разубавува“ мажот, домот и општеството? Општеството без оглед на развиеноста и богатството, во своите закони има различни критериуми за половите.

– Македонските закони обезбедуваат еднакво учество на жените и мажите во сите сфери на живеење, Владата постигна многу резултати за унапредување на родовата еднаквост во последните две години и ова како главен приоритет ќе продолжи да се имплементира и во иднина.
Наши предизвици за следниот период се застапеноста на жените на лидерски позиции на централно и на локално ниво, во приватниот сектор и во менаџерските позиции во јавниот сектор. Како што е забележано во овој дел, има подобрувања во последните неколку години, но сепак ќе биде неопходен континуиран напредок. Друг клучен предизвик е поврзан со традиционалните родови улоги, бидејќи жените имаат поголема веројатност да се вклучат во неплатена работа дома во споредба со мажите. Во просек, 39 отсто од жените што се на возраст од 18 години и постари, секојдневно се грижат за деца или внуци, додека кај мажите овој однос е 30 отсто. Податоците исто така покажуваат дека 71 отсто од жените од 18 години или постари се вклучуваат во домашни активности, какви што се готвење на дневна основа, наспроти 10 отсто од мажите. Балансирањето на родовите улоги во семејството ќе бара дополнителни стимулации и интервенции кои се менуваат во однесувањето.
Еден од клучните приоритети на земјата во наредните години ќе продолжи да биде подобрувањето на можностите за вработување на жените. Планирани се или се во тек многубројни иницијативи како средство за постигнување на оваа цел. За да им се овозможи на татковците пристап до породилно отсуство и да им овозможат на мајките побрзо да се вратат на пазарот на трудот, Владата ќе го измени Законот за работни односи во согласност со Директивата на ЕУ за родителско отсуство што важи за еднаква примена на родителско отсуство за двајцата родители.
Покрај тоа, Министерството за труд и социјална политика спроведува програма со Светската банка за проширување на пристапот до јавните предучилишни установи што ќе резултира во дополнителни капацитети за запишување од околу 50 отсто над сегашното ниво.

The post Ексклузивно интервју со дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....