12.8 C
Скопје
23:35 - 28 април, 2024

Дувни ветре, светни молњо!

Сношти, додека ги слушав како рикаат моќните дрвја во чијашто закрила живеам, и ги гледав како се веднат, ми се чинеше ничкум до земја, како да му се молат на бога да подзапре малку, да ја попушти силата на ветерот што го пуштил да ги искорне сите од корен, и да ги расфрла нетрагум во темнината… велам, додека бучеше ветерот, нерамно, во бесни таласи, со татнеж засилен од небаре машинскиот шум на дрвјата што фучеа како џиновски воз што пројурува преку куќниот кров, помислив – а не беше тоа ни мисла, туку уплашен инстинкт – дека ми се нишаат армирано-бетонските темели на мојот атеизам, дека ваков моќен елемент не ќе да е од овој наш банален материјален свет. Час подоцна, кога ветерот исчезна во мрачната небиднина, да ги следи своите слепи патеки и да корне некои други дрвја, излегов надвор и ги здогледав моите стамени шумски другари како – потполно смирени и индиферентни, како ништо и да не се случило – си ги дотресуваат палтата од суви гранки, борови иглички и по некое дабово ливче, моето мигновено болникаво религиско чувство на дробност, незаштитеност и безначајност, веќе беше исчезнало. Го снема бога, како и да не бил.

Но, сабајлево кога пријател ми јави за веста дека бесниот ветер „ги испорушил“ барокните фасади од „Скопје 2014“ и ги расфрлал по градот за показ и поука, поткренат од радоста дека сепак некој, ако не во Македонија, а она над неа, решил да се справи на вистинскиот начин со скопското кичерско светогрдие, за миг повторно помислив – овој пат сосем присебно – дека ова е знак од Горе! И, пак, некоја минута подоцна, ми отпадна – како воопшто и да не била – нераспупената пупка на вербата, кога ги видов сосема недоволните штети што ветерот им го нанел на фекалните слоеви на вмровската архитектонска блуеница. Не, нема бог, и тоа е!

Ветровна деструкција со јасна симболика

А сепак… сепак, оваа ветровна деструкција не беше само со јасна симболика, дека дури и вишите елементарни сили се беа разгневиле, и како старозаветниот бог со прекраток фитиљ – Јахве, кој поради човечка изопаченост и разврат ги согорел градовите Содома и Гомора; и решиле елементите со ветерна порака да ѝ покажат на новата македонска влада како единствено треба да се справува со спомените на содомизацијата на македонскиот модернизам. Да, тоа небото над Македонија се разгневило и засакало да ѝ укаже на новата власт (во очекување) дека државниот кич е смртен грев и злостор на изопачениот вмровски режим, и дека фашистичкиот „барокен“ вкус е всушност перверзна ароганција на глупоста, црна есенција на човечкото дно, и дека не постои друг начин една култура да преживее, отколку да го поруши тој јад и да го развее во ништо.

Од друга страна, пак, си мислам, на колку ли ниско дереџе се лизнала македонската култура и цивилизација, и колку безнадежно е таа институционално – но и човечки! – декапацитирана, кога за решавање на еден толку прост и јасен санитарен проблем како што е чистењето на контаминираното фашистичко ѓубре, наречено „проект Скопје 2014“, и отстранувањето на еден крајно отровен и смртоносен отпад, кој им ја претвора мозочната маса на нашите деца и внуци во неупотреблива протеинска каша, си мислам, колку треба да сме веќе озрачени и културно девастирани, кога чекаме пасивно и немоќно, со лигушки што ни течат на кошулата со врзани ракави, да дувне ветерот, и да светне молњата, и да ги сруши и оддува и малоумните споменици и галиите и фасадите, што нормална, слободна и здрава култура би го направила во првите сто дена од слободата.

Трагедијата на вирусот на вмрото

Македонското општество, за жал, не успеа да се ослободи од вмро и токму општата немоќ да се справиме со спомениците на вмрото е сигурен симптом дека тој вирус е жив и здрав, можеби малку разнишан, обезглавен и обесмислен, но сепак жив, вирулентен и смртоносен. Трагедијата на вирусот на вмрото – како и на актуелниот ковид 19, коронавирус – се состои во фактот што имуносистемот на општествениот организам на Македоња Норд не го препознава како смртна закана! Веќе безмалку никој не ја препознава културната смрт на Македонија во спомениците и фасадите на „Скопје 2014“?! Каков парадокс: од огромните отровни и смрдливи копролити, високи по 20 и 30 метри никој не се плаши, како да е обистинета онаа – чија ли беше? – дека „спомениците се најневидливите нешта во градот“, додека од невидливиот и потполно апстрактен, нематеријален и присутен само како гласина или вест – коронавирус, луѓето веќе паничат, купуваат безвредни маски и други глупости, прават што сè не за да се спасат од невидливата закана.

Нашата национална несреќа, всушност, се мери со фактот дека нашите ѓоа слободни и демократски избори се повторно уште едни дигитални, нечовечки, потполно недемократски во својата бит избори – каде се избира помеѓу животот и смртта. Изборите на коишто се избира помеѓу вмро и сите други, се повторно неслободни избори во коишто практично нема избор: нормалниот човек мора да го избере животот, а лудакот ѓаволот го тера со леснотија да ја избере смртта. Зашто, вмро било, е, и ќе биде избор на сигурната смрт на македонскиот културен и државен проект. Тоа било така уште од дваесеттите години од дваесеттиот век, кога ВМРО се основа со цел да се уништи вардарскиот дел од Македонија што влезе во кралството на Србите, Хрватите и Словенците; тоа се повтори како смртна пресуда кога ВМРО во состав на контрачетите ги убиваше македонските партизани во Втората светска војна; тоа се повампири во деведесеттите кога вемерето како ДПМНЕ стана партија во независната македонска држава; тоа триумфираше во фашистичката творба на партиско-мафијашката диктатура на Груевски и неговата ВМРО; и, конечно, тој малоумен избор помеѓу животот и смртта ни се нуди и во овие предвремени, а задоцнети избори 2020.

Ќе дувне ли повторно ветерот, ќе светне ли моќно молњата, да ни го покаже патот?

The post Дувни ветре, светни молњо! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....