21.8 C
Скопје
16:01 - 28 март, 2024

Доаѓаат и подобри времиња

Некаде прочитав дека, за време на Првата светска војна, некои од војниците на Западниот фронт, кои со месеци биле заглавени во бескрајните ровови на линијата на судирот, засадувале цели градини со цвеќиња. Во таа општа кланица – историјата ја става бројката на воени и цивилни жртви на некаде околу 40 милиони луѓе – овие „рововски“ градини служеле и како терапевтска мерка за она што денеска се опишува како актуелен и пост-трауматски стрес од таа ужасна воена калварија.

Денешните модерни „ровови“ во сегашнава „Трета светска војна“ со ковид-пандемијата се нашите балкони по зградите, дворовите на оние кои имаат куќи и двоседите и троседите на оние кои немаат ни балкони ни дворови. Битката е жестока, главно околу фрижидерите, на мобилните, за далечинските и по компјутерите – а времево е баш за садење пролетни цвеќиња, макар и во саксија на прозорецот од спалната соба.

Сепак, овие карантински занимации имаат и други, а не само анти-депресант ефекти. На пример, без разлика колку ви се намалени приходите, факт е дека ви се намалени и расходите… Едноставно, во овие месеци, најголемиот дел од луѓето трошат само за она што мислат дека е строго неопходно.

Оттука, ако има некаква добра вест од пандемијава, тоа веројатно се однесува на проценката на економските експерти дека цените на разно-разни производи и услуги, во догледна иднина по завршувањето на глобалниов, долг карантин, ќе паднат на рекордно ниски нивоа. Математиката е едноставна: голема маса на луѓе, после повеќе месеци неработење и живеење на вакви или онакви минималци и државна помош, општо земено, ќе имаат помалку пари за трошење. Како резултат на тоа, за илустрација, пазарната трка во туризмот ќе мора да понуди масовни поевтини аранжмани, за да може да се носи со намалената куповна моќ на луѓето за патувања и одмор. На пример, и глобалниот (и локалниот) кафеански бизнис ќе мора да ги намали цените, за да ги врати мераклиите по рестораните и кафулињата во оние бројки што ги паметат пред кризата.

Слично се очекува во индустриите на масовните технолошки производи – од мобилните телефони и телевизорите, до кујнските производи и автомобилската индустрија – бидејќи и производителите на овие понуди ќе мораат да се натпреваруваат со намалени маржи и профити, за и самите да преживеат, додека не се воспостави, којзнае кога, новиот круг на економско забрзување и повторен раст.

Претпоставките се дека истиот тренд на намалување на цените ќе се случи и на пазарот на нови станови, на деловен имот и на други видови на недвижнини. И понудата на банкарски кредити и за граѓаните и за фирмите ќе мора да се „испружи“ со нови поволности, ако заради ништо друго, тогаш за да се вратат старите кредити.

Ова, се разбира, не се однесува на пазарот на луксузните производи и услуги, бидејќи секогаш ќе има доволно милионери и милијардери кои вируснава пандемија ќе ја поминат како „лесна настинка“. Јазот помеѓу сиромашните и богатите ќе се зголеми, како и до сега да беше мал, но тоа за обичниот народ – па и за „средната класа“, како и да ја дефинирате – не значи многу: јас и сега не разбирам што е разликата помеѓу, да речеме, пет милиони евра и педесет милиони евра, освен што знам дека има нешто со нулите…

Така што, видете на цветните пазари, кога ќе заврши наредниот полициски час, да купите некоја маргаритка или лалиња за расад, земете од тоа саксиите што ги меткате по подрумите и гаражите, ставете земја, насадете нешто… Добра е тоа занимација за да се дочекаат подобрите времиња, по два-три месеци, кога повторно ќе се сретнеме, здрави и живи, да наздравиме за животот што неумоливо тече.

The post Доаѓаат и подобри времиња appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....