4.8 C
Скопје
02:57 - 16 ноември, 2024

Амбициозна програма на Владата на големите очекувања

Економијата, здравството, екологијата, правдата, еднаквоста и патот на Македонија кон ЕУ се главните области на кои ќе се посвети новата влада на чело со премиерот Зоран Заев во следните четири години. Во програмата за работа на Владата на над 50 страници се наведени приоритетите и главните проекти со кои извршната власт ќе се обиде да го подобри стандардот на граѓаните, да ја надмине коронакризата и да ги исполни сите големи очекувања на граѓаните, меѓу кои и она дека правдата ќе биде достапна за сите, а криминалот и корупцијата ќе се казнуваат без исклучок.

Просечна плата 34.000 денари, раст од 4 отсто

Најголем дел од програмата е посветен на економијата, каде Владата ветува целосна трансформација и забрзан раст, кој до крајот на мандатот ќе изнесува 4 остсто. Минималната плата ќе остане 14.500 денари додека трае кронакризата, а потоа ќе порасне до 40 отсто и ќе изнесува до 20.000 денари, а просечната плата ќе се зголеми до 30 отсто, односно до 34.000 денари. За да се поттикне инвестициската активност ќе биде воведена развојна обврзница, како еден вид соинвеститорство на граѓаните и бизнисот. Приватните пензиски фондови ќе добијат поголема слобода да вложуваат во проекти со повисок потенцијал за профит, особено за младите пензиски осигуреници.

Ќе има измени и во даночната политика. Данокот на добивка ќе остане 10 отсто, а нема да го плаќаат оние што ќе ја реинвестираат добивката. Персоналниот данок на доход ќе се намали во ИТ индустријата и тоа на 5 отсто во следната година, три отсто во 2022 година и ќе се укине во 2023 година. Ќе се воведе и прогресивно оданочување, кое според Владата ќе биде праведно и инклузивно. Ќе има промени и во ДДВ и тоа бенефиции за извозните компании, единствена стапка од 10 отсто за сите ресторантски услуги, намалување на стапката за земјоделските производители, намалување од 18 до 5 остсто за занаетчиските и ветеринарните услуги. Прагот за плаќање на ДДВ ќе се зголеми од два на три милиони денари годишен промет.  Лимитот за исплата по поединец во проектот „Мој ДДВ“ ќе се зголеми на 2.300 денари за тромесечие.

Владата ќе воведе и нов данок на промет при уплата на игрите на среќа во висина од 4 отсто, а ќе го плаќаат организаторите. Граѓаните ќе може да основаат фирма со минимален износ на основната главнина од едно евро, а новите субјекти нема да плаќаат фирмарина во првите две години.

Во јавниот сектор ќе се укине можноста за работа по наполнети 64 години возраст, освен за дефицитарните кадри како здравствени работници или универзитески професори. Ќе се воведе и концепт на флексибилно работно време за петок и можност за намалување на работните часови во текот на неделата.

Економската програма е посветена и на транспортот, каде владата ветува 260 километри нови и обновени автопати и 960 километри локални патишта, како и на земјоделието, каде се предвидени серија проекти за модернизација и одржливост.

Ветинг на сите судии

Владата наведува дека владеењето на правото може да се постигне само со суштински реформи.

„Владата има целосен консензус дека е неопходно ефикасно и објективно прочистување во правосудството. Првиот чекор за ветинг е веќе направен со надлежноста на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Судскиот совет најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со постапувања по предмети што беа доведени до застарување. Проверката може да го опфати личното и професионалното минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи. Овие проверки најавуваат дека резултатите можат да бидат брзи и ефикасни. Владата ќе се посвети и на обезбедување на ЕУ-мониторинг на судските предмети на висока корупција што е можно побргу. Ќе предложи и законска обврска за објавување и јавен пристап до аудиоснимките од сите судења за висока корупција и организиран криминал“, се вели во програмата.

Владата ќе поддржи да се формираат анкетни комисии или ќе побара меѓународна поддршка и мониторинг за случаите што создаваа меѓуетничка недоверба и тензии како „Алфа“, „Монструм“, „Диво Насеље“, итн. Ќе се намалат судските такси, а ако граѓанин ја тужи државата за прекршување на правата, таксите ќе се плаќаат по завршување на процесот само ако граѓанинот изгуби.

Освен правда, Владата сака да гарантира и ред, па ќе воведе нов концепт за сигурност во сообраќајот, „Сигурни градови“, со кој ќе се постават камери за контрола на почитувањето на правилата и брзините, а процесот на казнување ќе се автоматизира и ќе се врши според регистрацијата на автомобилот. Владата ќе предвиди рокови за наплата на казните кои нема да зависат од „човечки фактор“. Казните во сообраќајот ќе бидат скалести и врзани за примањата и имотот на починителот.

На улиците ќе се вратат „маалските полицајци“ , а ќе се менува и инспецискиот надзор. Еден вицепремиер ќе ги координира сите инспекции, бројот на инспекторати ќе се преполови, а ќе се удвои бројот на инспектори за животна средина и на пазарната инспекција. Ќе се воведе комунална полиција под ингеренции на општините, во која ќе можат да се ангажираат пензионерите од полицијата и армијата, кои ќе ја примаат и пензијата и надоместок за ангажманот.

Ќе му одѕвони на „Скопје 2014“?

Владата ќе воведе систем на задолжително финансирање на спомениците кои се на листата на споменици од национален интерес, а во која нема да се најдат голем дел од спомениците од „Скопје 2014“ година. Во програмата се наведува дека ќе се изврши ревизија и бришење од регистарот на сите незаконски запишани споменици и објекти од т.н. проект „Скопје 2014“, кои по својата природа не можат да претставуваат културно наследство.

„Владата ќе распише меѓународен конкурс за ревитализација на централното градско подрачје на главниот град по штетите предизвикани од „Скопје 2014“. Како антипод, овој конкурс ќе биде дел од апликацијата на Град Скопје за најголемата културна програма при ЕУ, Европска престолнина на културата“, се вели во владината програма.

Пензионирање пет години порано, минимална пензија 10.700 денари

Во делот за грижата за стари лица Владата наведува дека на пензионерите им гарантира стабилен пензиски систем, со минимална пензија од најмалку 10.700 денари. Оние на кои им недостига стаж, ќе имаат законска можност да го докупат.

„Ќе овозможиме флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија“, се вели во програмата.

Старите лица ќе можат да волонтираат и да работат доколку сакаат активна старост, а ќе добијат и субвенциониран меѓуградски превоз, мрежа од локалните услуги, нови 10 центри за активно и здраво стареење и прошорена програма за бањско-климатска рекреација.

The post Амбициозна програма на Владата на големите очекувања appeared first on Слободен печат.


Амбициозна програма на Владата на големите очекувања was first posted on август 30, 2020 at 6:15 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....