Марина Петровска, велнес-советничка и менторка, преку сопственото искуство сфатила дека грижата за себе не е привилегија, туку неопходност. Низ годините, преку личното искуство и работата со жени, дошла до бројни сознанија за здравите навики и промените што можат да донесат подобар квалитет на живот. Со нашите читатели ќе споделува дел од своите искуства и совети, со желба да им помогне и на другите да направат чекор кон промена и подобар однос кон себе.
Во разговорите со младите луѓе сè почесто слушам исти реченици.
„Тука нема доволно можности.“ „Со една плата не може да се живее.“ „Размислувам да заминам во странство, таму можеби ќе имам подобра иднина.“
И тешко е да не ги разбереш. Трошоците растат, а многумина сакаат да си обезбедат живот во кој нема постојано да пресметуваат што можат, а што не можат да си дозволат.
Но, низ тие разговори забележувам уште нешто.
Кога ќе спомнам дека постојат и поинакви начини за дополнителна заработка, дека може да се изгради сопствен бизнис покрај редовната работа, често наидувам на однапред формиран став. Особено кога станува збор за мрежниот маркетинг.

„Тоа е пирамида.“ „Јас не знам да продавам.“ „Не можам да убедувам луѓе.“ „Тоа не е за мене.“
А понекогаш го слушам и прашањето: „Си завршил факултет, па сега ќе продаваш шејкови?“
Во таа реченица се крие една длабоко вкоренета претстава за работата и успехот. Како продажбата да е нешто помалку вредно, како дипломата да треба да нè ограничи на еден единствен пат, а сигурната работа да е единствената вистинска опција. Често тоа се ставови што ги наследуваме од средината во која растеме, без воопшто да се запрашаме дали сè уште одговараат на времето во кое живееме.
Секако, секоја деловна можност не е добра за секого. Мрежниот маркетинг не е магично решение, ниту гаранција за заработка. Бара работа, учење, време и истрајност. Но, зарем не е разумно прво да се информираме, па дури потоа да одлучиме?
Она што ме замислува е разликата меѓу подготвеноста да преземеме голем ризик за да заминеме во друга земја и неподготвеноста да одвоиме време за да истражиме можност што ни е достапна тука.
За заминувањето размислуваме со месеци. Ги споредуваме платите, бараме сместување, правиме планови и прифаќаме дека ќе мора да почнеме од почеток.
А кога некој ќе ни понуди поинаков пат, понекогаш е доволна само една предрасуда за да ја затвориме вратата.
Не велам дека сите треба да се занимаваат со мрежен маркетинг. Но, во добро поставен деловен систем, покрај производите, постојат обука, поддршка, можност за развој на вештини и јасна структура за градење тим и напредување. Тоа е модел што треба да се разбере, а не да се оценува само врз основа на она што сме го слушнале од други.
Секако, важно е да се проверат компанијата, производите, трошоците, начинот на остварување приход и реалните услови за напредување.
Денес, дополнителниот приход не мора да значи само уште една смена или уште помалку време за семејството. Постојат различни деловни модели што можат да се истражат, а некои овозможуваат постепено да се започне покрај постојната работа.
За некого мрежниот маркетинг може да биде несоодветен избор, за друг дополнителен приход, а за некого, со текот на времето и со сериозна работа, можност за развој на сопствен бизнис.
Најважно е одлуката да ја донесеме врз основа на информации, а не само врз основа на туѓи искуства, стереотипи или приказни што сме ги слушнале.
Можеби нема да ја најдеме нашата можност таму каде што ја бараме. Но, сигурно нема да ја најдеме ниту ако однапред одлучиме дека не постои.
Не мора да ја прифатиме секоја понуда. Но, можеби треба да си дадеме шанса да ја разбереме пред да ја одбиеме.
Затоа што понекогаш не ни недостасува желба за подобар живот. Ни недостасува подготвеност да погледнеме и надвор од патиштата што веќе ги знаеме.
