4.8 C
Скопје
04:53 - 26 април, 2024

(Видео) Филмови кои не се за пропуштање во 2023

Големи режисери и славни актери, продолженија на легендарни остварувања, научнофантастика и анимации, дали 2023 година ќе биде доволно богата за повторно да ја разгори љубовта кон киното, стивната од промената на животниот стил што го донесе пандемијата и жестоката конкуренција на сè побројните платформи? Веруваме, да.

Годината филмски веќе започна со „Вавилон“ со светски премиери во киносалите (исто така и кај нас) на 19 јануари. Филмот е сместен во Лос Анџелес во 1920-те и ја раскажува приказната за огромните амбиции и застрашувачки ексцеси за време на ерата на нескротливата декаденција и изопаченост што владеела во раниот Холивуд. Еве добра причина да ја почнеме 2023 со добар „класик“, изгледан во темнина и штама, со одлично озвучување, можеби со чашка пуканки, и вкочанет поглед кон големото платно. Магија која никогаш не може да се повтори дома, на троседот.

„Тропни на вратата“ (Knock at the cabin)

Брачен пар со ќерката треба да го помине викендот во мирна колиба во шума, но немаат таква среќа. Вооружени лица доаѓаат во колибата и од своите заложници бараат да направат незамислив избор за да се избегне апокалипса. Со ограничен пристап до надворешниот свет, семејството мора да одлучи во што верува пред сè да загуби. Индискиот маестрален режисер М. Најт Шјамалан успешно се опорави од неуспесите во 2000-те и сега се враќа со тензичен психолошки трилер. Премиерата на филмот е закажана за 2 февруари.

„Магичен Мајк: Последниот танц“ (Magic Mike’s last dance)

Од 9 февруари ќе се прикажува третото и последно поглавје од франшизата „Магичен Мајк“. По извонредниот успех на критичарите и публиката, „Магичен Мајк 3“ повторно го обединува креативниот тим на првиот филм: Ченинг Тејтум ја повторува улогата на Мајк Лејн, додека Стивен Содерберг се враќа да го режира филмот. Раскошната убавица Салма Хајек е вистински зачин. Заплетот сè уште се чува во тајност.

„Кокаинска мечка“ (Сocaine Bear)

Уште кога првпат беше најавен лани во април, „Кокаинска мечка“ зазеде посебно место во срцето на кинољубителите. Филмот е заснован на вистинска приказна за црна мечка тешка 175 килограми која проголтала вреќа кокаин што паднала од авион во северна Џорџија во 1985 година. Мечката претставува вистинска опасност за жителите на гратчето, и на туристите кои случајно се нашле тука. За актерката Елизабет Бенкс ова е трет режисерски обид, но критичарите велат дека успеала да го претвори заплетот во црна комедија која можеби ќе стане едно од најдобрите филмски остварувања на годината. Една од неговите последни улоги во „Кокаинска мечка“ ја одигра сега покојниот Реј Лиота. Премиерата е на 7 април.

„Чувари на галаксијата – 3 дел” (Guardians of the Galaxy vol. 3)

Овој филм е проштална турнеја на режисерот Џејмс Ган во кинематографскиот универзум на „Марвел“. Сега тој развива ривалска франшиза на „ДЦ Комикс“, но сепак се согласи да ја заврши приказната што ја започна со Питер Квил (во улога на Крис Прат) и неговите соработници. Според Ган, последната мисија на чуварите ќе биде прилично мрачна и драматична. Како и обично, на Квил ќе му помагаат Дракс (Дејв Батиста), Грот (гласот на Вин Дизел), Рокет (гласот на Бредли Купер) и други чудни вонземјани. А исто така и Силвестер Сталоне, кој ќе се врати во улогата на Стакар Огорд. Ако сте љубители на суперхерои, меморирајте го датумот 5 мај.

„Спајдермен: Преку Спајдер-верзумот“ (Spider-Man: Across the Spider-Verse)

Не е претерување ако се каже дека првиот „Спајдермен: Во Спајдер-верзумот“ од 2018 беше најдобриот филм што има врска со универзумот на Марвел во последните години. Креативниот тим на проектот уште посериозно му пристапи на продолжението кое ветува шест многу различни универзуми. Филмот е режиран од Хоаким Дос Сантос, Кемп Пауерс и Џастин К. Томпсон. Шамеик Мур е гласот на главниот јунак Мајлс, а на другите главни ликови гласовите ги позајмуваат Хајли Стајнфелд, Оскар Ајзак, Иса Реј, Џејк Џонсон, Даниел Калуја, Грета Ли. Филмот е најавен во киносалите од 2 јуни, а ќе има и втор дел кој ќе излезе во март 2024.

„Индијана Џонс и артефактот на судбината“ (Indiana Jones and the dial of destiny)

80 годишниот Харисон Форд повторно ја облекува култната шапка на археолог-авантурист. За некои гледачи оваа препорака е доволна да го очекуваат објавувањето на петтиот филм за Индијана Џонс, други дефинитивно ќе се пошегуваат на сметка на ветеранот. Сепак, постои одредена интрига во проектот: ќерката на Џонс ја игра Фиби Волер-Бриџ, која исто така учествуваше во пишувањето на сценариото, а таа неодамна се покажа како извонредна сценаристка во филмот за Џејсм Бонд „Нема време за умирање“(2021). Режисерот на новиот Џонс пак, е оскаровецот Џејмс Манголд. Генерално, ги имаме сите причини да го чекаме навистина последниот филм од франшизата, а ваквите проекти обично е подобро да не се пропуштат. Премиерата е на 30 јуни.

„Невозможна мисија: Пресметка на мртвите, прв дел“ (Mission: Impossible — Dead reckoning, part one)

И повторно сме на тема долго збогување. Том Круз многупати вети дека ќе стави крај на франшизата „Невозможна мисија“, но овој пат изгледа дека е навистина сериозен. За таа цел е напишано сценарио кое ветува бројни акробации (кои Круз, секако, сам ќе ги изведе) и поделено е во два дела. Во „Пресметка на мртвите“ ќе ја видиме борбата на супершпионот Итан Хант и неговиот тим со меѓународната терористичка организација која сонува за нуклеарна апокалипса. Со оглед на тоа дека Круз е – судејќи според новиот „Топ Ган“ – во одлична форма, во најмала рака ни претстои хипнотизирачки спектакл. Светските премиери се на 12 јули.

Дина, 2 дел (Dune: Part Two)

Продолжение на филмот „Дина“ (2021) според адаптација на истоимениот роман на Френк Херберт од 1965 година. Звучни имиња се во актерската екипа – Тимоти Шаламе, Ребека Фергусон, Џош Бролин, Стелан Скарсгард, Дејв Батиста, Стивен Мекинли Хендерсон, Зендаја, Шарлот Рамплинг, Хавиер Бардем, Кристофер Вокен…Ветува дека ќе биде подинамичен од првиот дел, а ќе го следи митското патување на војводата Пол Атреидс, кој има видовити моќи кои може да му овозможат да го води човештвото кон подобра иднина. Меморирајте го датумот 3 ноември.

 

Слични објави

(Видео) Никола Роквиќ откри колку пари собрал за четири дена: Српскиот пејач тргна пешки на пат долг 1.060 км за Грција

jasmina.kantardzieva

„Беше кратко и слатко“: Јелена Карлеуша повторно на суд поради Цеца Ражнатовиќ

Еспресо

(Фото) Раста успешно опериран! Српскиот рапер покажа како се опоравува

Еспресо

(Фото) Ден пред погребот, објавен е мистериозен некролог за Бојана Јанковиќ: Без потпис

еспресо

(Фото) Ана Ивановиќ носи часовник од 500.000 евра! Убавата тенисерка прошета уникатен „Ролекс“

Еспресо

(Фото) Црна позадина, без зборови: Поранешниот сопруг на покојната водителка Бојана Јанковиќ занемен од тага и болка

Еспресо
Се вчитува....