Тони Цетински повторно се најде во центарот на вниманието, откако се појави пред Жупанискиот суд во Загреб за да ја изнесе својата одбрана, пишува „Јутарњи лист“. Хрватскиот пејач е еден од петтемина обвинети кои решиле својата невиност да ја докажуваат на суд, откако УСКОК поднел дури 15 обвиненија против повеќе од 230 лица поради давање поткуп за лажен упис на вакцинација.
Додека речиси 200 лица веќе постигнале спогодба и прифатиле условни или парични казни, познатиот музичар решил случајот да го истера до крај.
Уште од поднесувањето на обвинението во јануари 2024 година, Цетински категорично ја отфрла секоја одговорност. Пејачот во јавноста тврдеше дека никогаш не купил спорна ковид-потврда, ниту пак сакал да ја поседува, и покрај тоа што, како што вели, луѓе секојдневно му ја нуделе.
Сепак, податоците од државната агенција АКД, кои станале дел од судскиот предмет, покажуваат поинаков тек на настаните. Според официјалната документација, ковид-потврдата на пејачот била издадена на 8 ноември 2021 година, а во неа било наведено дека бил вакциниран на 1 октомври истата година.
Најголем предизвик за одбраната претставува официјалниот извештај на Службата за организиран криминал.
Според податоците добиени со увид во Националниот информациски систем за управување со државната граница на Министерството за внатрешни работи, Цетински спорната потврда, која според неговите тврдења не ја посакувал, ја употребил дури трипати.
Првиот пат тоа било на 4 декември 2021 година, на граничниот премин Славонски Брод. Вториот пат бил 15 февруари 2022 година, на преминот Бајаково, а третпат потврдата била употребена на 4 март 2022 година, на граничниот премин Орах-Ораховље.
Според обвинението на УСКОК, зад големата мрежа стоела поранешната медицинска сестра Петра Марковиќ, порано Румиха, од Домот на здравје Запад-Загреб.
Во меѓувреме, таа ја признала вината и постигнала спогодба за делумно условна казна од две и пол години, како и парична казна од 15.000 евра. Дополнително, морала да врати и 22.600 евра стекнати од незаконската заработка, пишува „Јутарњи лист“.
Марковиќ во текот на 2021 година внесувала невакцинирани лица во системот на Министерството за здравство, со што им овозможувала да добијат дигитални ковид-потврди. Нејзините соработници за оваа услуга наплаќале најмалку 100 евра од лице.
Особено внимание привлекува фактот што медицинската сестра најголемиот дел од оваа работа го завршила додека била на боледување.
Додека стотици други лица одлучиле да ја платат казната и да избегнат судење, Тони Цетински пред судијата продолжува да се брани и да се обидува да докаже дека бил жртва на околностите, а не соучесник во големата измама.
