Твиша Шарма, само пет месеци по венчавката со адвокатот Самарт Синг, беше пронајдена мртва во нивниот семеен дом, а нејзината смрт е обвиена со сомнежи.
BBC пишува дека во Индија секоја година илјадници млади жени се убиени поради недоволно голем мираз, но таквите убиства ретко стигнува до медиумите. Но, деновиве токму еден таков случај се најде на насловните страници и предизвика огромен интерес во јавноста.
Станува збор за смртта на 33-годишната манекенка и актерка Твиша Шарма, која само пет месеци била во брак со адвокатот Самарт Синг, кога била пронајдена мртва во нивниот семеен дом.
Родителите, братот и сестрата на Твиша тврдат дека Самарт и неговата мајка, пензионираната судијка Гирибала Синг, ја малтретирале поради барања за мираз и дека била убиена.
Гирибала Синг ги нарече обвинувањата „неосновани“ и тврди дека Твиша имала проблеми со менталното здравје и дека извршила самоубиство. Полицискиот службеник Рајниш Кашјап Каул изјавил за BBC Hindi дека против семејството Синг е поднесена пријава за смрт поврзана со мираз и дека се истражува дали станува збор за убиство или самоубиство.
Полицијата во меѓувреме се обидува да го пронајде сопругот Самарт, кој е во бегство. Распишана е и парична награда за информации што би помогнале во неговото пронаоѓање, а издадено е и предупредување за да се спречи да ја напушти земјата. Наложено му е да ѝ се предаде на полицијата до 23 мај.
Гирибала Синг изјавила дека не знае каде се наоѓа нејзиниот син, но додала дека ќе бара кауција пред повисок суд и дека ќе се предаде доколку барањето биде одбиено.
„Нашиот адвокат го советуваше да се сокрие. Му рече дека ќе го линчуваат ако излезе надвор. Против него се води хајка, луѓето бараат да биде обесен“, изјавила таа за платформата Mojo Story.
„Мора да запомните дека мојот син ја изгуби личноста што длабоко ја сакаше, ја изгуби својата животна сопатничка. А ние не можеме ни да тагуваме… Сите се против нас“, додала таа.
Во меѓувреме, семејството Шарма одбило да го кремира телото на Твиша и побарало второ обдукциско вештачење, бидејќи првиот извештај наведува дека починала со бесење, но споменува и повреди здобиени пред смртта. Високиот суд во петокот го прифатил нивното барање.
Како манекенка и актерка, Твиша во 2012 година ја освоила титулата Мис Пуна по победата на избор за убавина во западноиндискиот град. Во последните години работела и како маркетинг-експерт во приватни компании. Пријателите и семејството ја опишуваат како среќна, великодушна и амбициозна личност.
Нејзиното семејство тврди дека Самарт, адвокат од Бопал, го запознала преку апликација за запознавање во 2024 година, а се венчале во декември 2025 година. Според нив, проблемите започнале веднаш по свадбата.
Семејството Шарма тврди дека, и покрај миразот што го дале за време на венчавката, семејството Синг постојано ги понижувало, велејќи дека свадбата не била на нивно „ниво“ — обвинување што Гирибала Синг го отфрла.
Случајот дополнително привлече внимание откако семејството на Твиша објави наводни пораки на WhatsApp, во кои таа тврди дека била злоставувана од семејството Синг. Во една порака напишала: „Мојот живот е жив пекол.“
Според тврдењата на семејството Шарма, најголемиот конфликт избувнал откако Твиша останала бремена. Тие наведуваат дека сопругот и свекрвата се сомневале во татковството на детето и ја принудиле на абортус, што Гирибала Синг го негира, тврдејќи дека Твиша сама ја донела таа одлука.
Таткото на Твиша рекол дека последен пат разговарале со неа вечерта кога починала, а повикот ненадејно бил прекинат. Дваесетина минути подоцна на телефонот се јавила Гирибала Синг и им кажала дека „Твиша повеќе ја нема“.
Семејството Шарма тврди дека има пропусти во истрагата и прашува зошто полицијата не била веднаш известена. Дополнителни контроверзии предизвикале и јавните настапи на поранешната судијка Гирибала Синг, која во интервјуа зборувала за менталното здравје и приватниот живот на Твиша, поради што многумина побарале нејзино апсење.
Иако полицијата засега случајот го води како самоубиство, семејството Шарма инсистира дека станува збор за убиство и бара целосна истрага од федералното истражно биро CBI.
