Јајцата се една од најчесто консумираните намирници, но прашањето колку од нив смееме да јадеме без да го загрозиме здравјето на срцето со години предизвикува различни мислења. Иако содржат значително количество холестерол, поновите научни истражувања покажуваат дека едно јајце дневно, односно седум неделно, кај повеќето здрави луѓе не е поврзано со зголемен ризик од срцеви заболувања.
Како што пишува здравствениот портал „Хелтлајн“, јајцата се богат извор на протеини, витамини и други хранливи материи, а нивното влијание врз организмот зависи и од целокупниот начин на исхрана.
Дали јајцата го зголемуваат холестеролот?
Со години се препорачуваше ограничување на консумирањето јајца поради холестеролот во жолчката. Меѓутоа, современите истражувања покажуваат дека холестеролот што го внесуваме преку храната не влијае подеднакво врз неговото ниво во крвта кај сите луѓе.
Анализа од 2021 година покажала дека консумирањето едно или повеќе јајца дневно не било поврзано со поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања во споредба со внесувањето најмногу едно јајце дневно.
Студија од 2025 година, пак, утврдила дека две јајца дневно, како дел од исхрана со малку заситени масти, биле поврзани со пониско ниво на ЛДЛ, односно „лошиот“ холестерол, во споредба со исхрана богата со заситени масти.
Некои истражувања покажале и дека јајцата можат да го зголемат нивото на ХДЛ, познат како „добар“ холестерол, кој помага во отстранувањето на холестеролот од крвта.
Сепак, научните резултати не се целосно усогласени. Одредени студии утврдиле поврзаност меѓу консумирањето јајца и зголемениот ризик од хронични заболувања, поради што експертите сметаат дека се потребни дополнителни истражувања.
Важна улога имаат и намирниците со кои ги комбинираме јајцата. Иако самите содржат релативно малку заситени масти, нивното често консумирање со сланина, колбаси или поголеми количества путер може да го зголеми внесот на заситени масти, кои придонесуваат за покачување на ЛДЛ-холестеролот.
Колку јајца дневно и неделно се безбедни?
За повеќето здрави возрасни лица не постои строго утврдена максимална граница за консумирање јајца. Сепак, досегашните истражувања укажуваат дека едно јајце дневно, односно седум неделно, генерално не е поврзано со поголем ризик од срцеви заболувања.
Некои луѓе можат да консумираат и по две јајца дневно, но соодветното количество зависи од генетиката, здравствената состојба, начинот на подготовка и останатите намирници во исхраната.
Едно големо јајце содржи приближно 200 милиграми холестерол. Поранешните препораки советуваа дневниот внес на холестерол да не надминува 300 милиграми, но современите насоки повеќе не поставуваат единствена граница што важи за сите.
Посебно внимание треба да обрнат луѓето со покачен ЛДЛ-холестерол или зголемен ризик од срцеви заболувања, кај кои препораките треба да бидат индивидуално приспособени.
Дали е подобро да се јадат само белките?
Бидејќи холестеролот е концентриран во жолчката, некои луѓе претпочитаат да консумираат само белки, кои се добар извор на протеини.
Сепак, жолчката содржи и важни хранливи материи, меѓу кои железо, витамин Д и каротеноиди. Со нејзиното избегнување се губи дел од хранливата вредност на јајцето.
Кај здравите луѓе нема доволно научни докази што би го оправдале целосното исфрлање на жолчките од исхраната. Од друга страна, за лицата со висок холестерол или зголемен кардиоваскуларен ризик, ограничувањето на жолчките и почестото консумирање белки може да биде соодветна опција.
Експертите нагласуваат дека за здравјето на срцето е поважно да се внимава на целокупната исхрана, особено на внесот на заситени и трансмасти, отколку вниманието да биде насочено исклучиво кон бројот на изедени јајца.
Затоа, за повеќето здрави луѓе јајцата можат да останат редовен дел од менито, додека оние со покачен холестерол или срцеви заболувања треба да се консултираат со лекар или диететичар за препораки приспособени на нивната состојба.
