3.8 C
Скопје
01:50 - 21 декември, 2024

(Фото) Билјана Јуруковски, фотографка меѓу африканските племиња: Психичките подготовки за моите патувања се потешки и од физичките

Ја пресретнав во Охрид, на мал одмор меѓу пристигнување и ново заминување, фотографката која со своите фасцинантни фотографии ги полни страниците на светските списанија и која во очите го носи одразот на африканското небо.

Родум е од Прилеп, живее во Австралија, присутна е – со своето име и со возбудливите фотографии – речиси истовремено на повеќе места низ светот, на сите континенти, а духовниот мир го наоѓа во Охрид. Купува свежи намирници од пазарот, весело разговара со луѓе, подзастанува да ја начуе литургијата која одекнува од блиската црква, има лице на заиграно девојченце. Кој би рекол дека станала во раната зора, веќе одамна го испила првото кафе со погледот искачувајќи се на Галичица, и речиси ги спастрила обврските (обработка на фотографии, документација, пишување за списанија). Од експедиција, пристигнала право во Македонија. Наскоро, пак ќе отпатува.
Од 2014 година, Билјана Јуруковски се посветила на претставување на животот, културата и традицијата на африканските племиња.

– На почеток, тоа беше само фотографија, но потоа сфатив дека мора да ја документирам секоја информација што можам да ја добијам, зашто ова се народи, култури пред изумирање или губење на својата култура. Одлуката не беше лесна, од причини што имав изградено кариера во друга професија и работев како извршен менаџер на група домови за стари лица во Сиднеј, и одлучуваш од доста комотен живот со почитувана позиција да се пренасочиш на нешто што е доста тешко и физички и психички, а и финански. Но, љубовта и желбата беа посилни од сè, и со огромна поддршка од сопругот и моите синови цел тој процес беше олеснат“ – раскажува Билјана.
Се навраќаме на првата подготовка за пат кон Африка.

Тоа е комплетно друг свет, за нас непознат, свет кадешто времето запрело пред векови. Предизвикува љубопитност проследена со некое чувство на страв, збунетост, се прашуваш каде си и си повторуваш дека ова не е можно.

– За Африка, за овај дел кој јас го посетувам, тоа се организирани експедиицции, се оди само кога е организирано. Обично знаеме десет до дванаесет месеци претходно во кој период и каде ќе одиме. Подготовките се интензивни, особено во последните шест недели, кога се започнува со медицински прегледи, проверки на антитела за одредени болести, вакцини за колера, тифус, жолта треска и подготовка со лекарства, храна, фотоапарати, батерии, подготовка на самата гардероба со перметрин, средство кое одбива комарци и другии инсекти. Следува запознавање со пределот каде што одиме, контакти со антрополог од Шпанија кој веќе 25 години има посветено на племињата во Африка.

Првата подготовка за Африка, во 2014 година, психички беше пренапорна, со многу непроспани ноќи, беше актуелна еболата, па до последен ден бевме во неизвесност дали ќе се оди или не“, вели Билјана и потоа се присетува на првата средба со првото африканско племе кое го фотографирала. Се присетува и на своите и на нивните емоции. Вели, многу е тешко да се опише со зборови, зашто тоа треба да се доживее и преживее. Голем културен шок, комплетно друг свет, за нас непознат, свет кадешто времето запрело пред векови.

Етиопија ѝ е посебна во однос на племињата кои живеат во Африка, ја споредува со своевиден човечки музеј кој комплетно ја фасцинира. Во Етиопија обично ги посетува племињата Сури, Мурси, Арборе, Каро, Боди, Хамар, Дасанеч.

– Овие седум племиња ми се приоритет, иако има и други во тој дел, но не се дотолку специфицни како споменативе. Постојат огромни разлики меѓу нив, од облека до накит, традиции, верувања, потекло итн, и во никој случај не треба да ги генерализираме племињата“, нагласува Билјана и додава: „На пример, за Сурите се специфични глинените плочки во усните и во ушите, како и за Мурсите, но сепак, и тие се различни во нивниот начин на украсување. Сурите користат претежно гранки и цветови, додека Мурсите често рогови од диви животни“.

Разговорот го задржуваме на племето Арборе.

– Специфицно за Арборе племето е тоа што добитокот има огромно значење, и самото име Ар значи бик, а Боре значи земја, земја на биковите. Главната карактеристика што ги разликува од другите племиња е духовната и ритуалната моќ што е препознаена и почитувана од другите племиња. Тие веруваат во Врховно суштество, творецот на сите луѓе кое го нарекуваат Вак. Мажот може да има и до четири жени, а обрежување се практикува и на момчиња и на девојки. Женското обрежување е предуслов за брак и традиционално мора да го врши мајката. Невенчаните девојки целосно ја стрижат косата, тоа е симбол на невиност, и ја покриваат главата со парче црна ткаенина за да се заштитат од сонцето, додека мажените ја плетат косата во кратки плетенки, а мажите од племето си ја обвиткуваат главата со парче бела ткаенина“, ни раскажува фотографката.

Што се однесува до африканската жена, најшокантно искуство доживеала во јужен Судан каде со соочила со недостаток на вода и со фактот дека жените пешачат и по 80 километри за да обезбедат вода.

– Тоа се многу тешки и емотивни спомени кои поттикнуваат многу прашања во мене како човек, и до голем степен разочарување во човештвото. Светот има огромни богатства, но сè уште има луѓе кои живеат на плус 50 степени без вода. Тоа е многу тешко да го проголтам и речиси нема ден да не помислам на тоа“.

Своите фасцинантни фотографии, Јуруковски веќе ги има изложено во Скопје.

– Би сакала да се организира и друга изложба која ќе биде и во другите градови, во Охрид, Прилеп, Битола, но за тоа треба да покажат интерес и самите општини, дека сакаат да донесат и да прикажат нешто едукативно, интересно“, забележува таа и со сигурност во гласот додава дека „патувањата секако ќе продолжат, со главниот фокус на Африка.

– Се надевам дека следна дестинација ќе биде Бенин и вуду ритуалите.

Фотографија: Билјана Јуруковски

 

Слични објави

„Јас не можам да пеам!“: Јелена Розга ги одложи концертите во Белград поради трагедијата во Загреб

Еспресо

(Фото) Деколтето во преден план: Данијела Димитровска „пука“ од сексапил во целосно бела комбинација

Еспресо

(Фото) Чантата на Јелена Томашевиќ вреди колку зимување на Копаоник: Сите зборуваат за ова модно парче

Еспресо

(Фото) Поранешниот сопруг на Драгана Мирковиќ ужива за сите пари: Чаша бело вино и нереална глетка на убава дестинација

Еспресо

По раскинувањето со Зоран Марјановиќ, Инди откри валкани детали за поранешниот: „Манипулатор кој ми го испра мозокот“

Еспресо

Оваа земја ќе биде засекогаш исфрлена од Евровизија? Има една причина

Еспресо
Се вчитува....