8.8 C
Скопје
03:29 - 24 април, 2024

Даниела Петкоска, наша флејтистка која го освои светот: „Ќе биде жално да не настапам во Македонија“

Уште една успешна приказна за млад музички талент – разговараме со флејтистката Даниела Петкоска.

фото – приватна архива

Во Македонија има таленти и големи професионалци, а кога станува збор за музиката, токму тие се најдобрите амбасадори на нашата земја.

Ве запознаваме со една од најдобрите флејтистки во нашата земја Даниела Петкоска од Охрид.

За да се биде флејтист е потребно многу голем талент и пред сè многу часови минат труд во вежбање. Даниела, да започнеме од почеток, кога и како се роди љубовта кон флејтата?

– Љубовта кон флејтата се роди на моја 7 годишна возраст. Истовремено сакав да го изучувам и клавирот како инструмент, но сепак најголемиот „виновник“ да развијам желба и љубов кон овој инструмент е мојата мајка Оливера Петкоска, која прекрасно свиреше на овај инструмент. Таа е сè уште професор по флејта во основното музичко училиште „Методиј Патче” во Охрид. Во моите рани години, секојдневно знаеше да отсвири некоја композиција на флејта или оро „Ратевка” аранжман од нашиот познат мајстор на флејта и композитор Иван Терзиев. Секогаш слушав со внимание и сето тоа се вплоти во мене како дете. Бев изненадена како може да звучи толку убаво и магично еден таков инструмент, што ми претставуваше мотивација и голема детска желба за еден ден да „бидам како мама”. И навистина ја остварив таа желба и надминав повеќе од тоа. Нормално со голема посветеност и поддршка од мајка ми во секое можно поле од животот за да станам тоа што сум денес.

Како се движеше твоето образование?

– Основното музичко образование го завршив во Охрид при менторство на мојата мајка. Најинтересниот дел од мојот живот, кога се запознав себеси дека јас сум за настап и сцена. Едноставно немав трема како другите деца при настапи. Најтешкиот предизвик се почетоците и вежбањето на овај инструмент. Сфаќаш дека твојата детска играчка не е кукла туку флејта. Брзо ги совладував предизвиците и поставените задачи, а како ученик на мајка ми имав да завршам и повеќе задачи од другите деца во класот, не бев нималку поштедена како нејзина ќерка. Па така, сфатив дека сакам да продолжам и во средно музичко училиште во Битола. Средното музичко школо ми беше мал конзерваториум, исполнет со продуктивност во рок од 8-10 часа вежбање на ден , посветеност и голема жртва за остварување на минимален позитивен резултат. Секако со голема поддршка и добра подлога од страна на професорите кои индивидуално работеа со мене. Проф.Александар Стефановски ме доведе до последен здив на флејтата и ми го откри светот на уште поголеми и светски предизвици на овај инструмент, за што вечно му сум благодарна. Формирањето на академска личност го стекнав при рамките на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во класата на проф. Страшо Темков, а оттаму продолжив во Италија во „Civica Scuola di Musica Claudio Abbado”, во Милано, со еден од најголемите виртуози и педагози на флејта Рафаеле Тревисани и на Конзерваториумот „Giuseppe Tartini ” во Трст, каде и специјализирав за флејта при проф. Џузепина Маскарети.

фото – приватна архива

Мојот патоказ до совршенство на овај инструмент не беа само часовите по флејта и образование, туку и мастер-класовите и средбите со најдобрите флејтисти во светот како Дејан Гаврич, Емануел Пају, Булент Евсил, Давиде Формирано. Еден од моите најдобри ментори каде стигнав до светска сцена и настап како солист е со познатиот и легендарниот Sir James Galway од Ирска.

На реалтивно млади години го испиша твоето музичко портфолио со бројни настапи, соработки, награди и признанија…

– Да, да. Мојата кариера ја стекнав повеќе во Европа, при настапи и концерти како солист во Италија, Германија, Полска и Хрватска. Бев секогаш добредојдена на најразлични проекти. При хуманитарни концерти во камерен состав или оркестар. Член сум сè уште како прва флејта и ментор при Интернационален симфониски оркестар во Шчечин, Полска.

Честа ми беше огромна да гостувам како член од Македонија, како прва флејта на турнеја низ Европа со оркестар од Норвешка, Данска, Германија, Естонија, Полска.Чуството да се свири во центар на Берлин е неописливо.

Тука ми се и соло концертите во Хрватска и Италија со една најдобра пијанистка од Јапонија, Хироми Араи. Желбата е голема да се пријавам и настапам и во Македонија со Хироми.
Секако, доколку институциите и фестивалите ни го овозможат тоа, кои многу добро ме познаваат, посебно од „Охридско лето”. Би потенцирала дека е жално да не се претставам во мојот роден град, и при неколку аплицирања со Хироми години наназад, не добив никаков позитивен одговор.
Последниот настап ми беше во 2019 пред коронакаризата на познатиот “Мittlefest” каде бев на програмата со најдобрите солисти од Берлинска Филхармонија, како претставник од Македонија.
Mittlefest е еден од најпрестижните фестивали во Европа основан во 1991 година, како можност да се запознаат централно-европските култури , каде доаѓаат некои од најважните уметници на европската сцена.Тоа ми чинеше огромна чест и задоволство да се видам во програмата како претставник од Македонија.

Флејтата не е само инструмент за класична музика. Ја вметна и во етно проект. Откриј ни малку повеќе за ова.

-Носталгијата за мојата земја додека студирав во Европа ми овозможи да реализирам нешто што ме отцртува како личност и идентитет. Токму затоа почнав да реализирам и етно проекти.

Моќта на македонскиот ритам што е добро препознатлив ширум светот и прекрасната мелодија и текст на нашата традиционална македонска музика ме доведе до нови идеи да креирам свој уметнички етно стил преку аранжмани за флејта, глас, ут, дајре и контрабас.

Концертите беа веднаш реализирани во Италија на песните „Јовано Јованке”, „Македонско девојче“, „Ој девојче девојче” и уште многу други народни изворни песни, ора и чалгија, при соработка со мојот колега на ут ,Милош Дрпа и италијанецот Симоне Ланци на контрабас, кој има огромна страст и љубов за нашиот фолклор и музика и лично сними ЦД во Италија со наши песни и направи негови аранжмани во џез верзија. Моја желба е еден ден да реализирам и тука во Македонија со моите соработници, еден од моите проекти.

На што си фокусирана за реализација за во иднина?

– Да бидам она што сум и досега. После пандемијата спремна сум да се вратам повторно , како професор и како музички амбасадор на многу проекти во Европа, како солист за класична и етно музика.Богатството што го стекнав настрана сакам да го умножам и тука, не само како личност во Европа. Не само напишана на ливче хартија со име и презиме во некоја земја, туку и кај нас. Ми фалеше од секогаш да се покажам пред мојот народ. Во Македонија не сакам да се претставам само како флејтист туку и како педагог. Она што го знам сум спремна да го пренесам на идните генерации во вид на мастер класови и семинари за класична музика и етно музика, за реализација на уште многу проекти во иднина, со добар плод и квалитет за младите генерации, каде што опфаќа делот за правилни методи, правилна постава на флејтата и правилно професионално изучување пред сѐ на овај прекрасен инструмент, што е многу битно за еден млад талент.

Слични објави

(Фото) Јелена Ѓоковиќ мами воздишки во Мадрид: Ќе ве заболи глава кога ќе дознаете колку чини накитот кој го носи!

Еспресо

„Не знам како ќе заврши ова“: Марија Шерифовиќ ја откри причината зошто ја нема во „Ѕвездите на Гранд“

Еспресо

(Видео) „Дува силен ветар, ама…“: Се огласи Никола Роквиќ од патот кон Грција

Еспресо

(Фото) Први фотографии на Раста од болница: Раперот задржан поради големи болки

еспресо

(Фото) Пријател објави приватна фотографија на Дарко Лазиќ и Катарина: Вака не сме ги виделе

Еспресо

Раста итно примен во болница

Еспресо
Се вчитува....