Македонската пејачка Ивона Јо отворено проговори за бракот со Кристијан, претстојната свадбена прослава и тешкиот период по смртта на нејзиниот татко. Во гостувањето во „Полиграф“ кај Стефонатор, таа откри дека дел од семејството сè уште не разговара со неа бидејќи одлуката за брак ја донела пред да помине една година од смртта на татко ѝ.
Ивона и досега јавно зборувала за личните предизвици со кои се соочувала, меѓу кои булингот во младоста, несигурностите и анксиозноста. Овојпат, една од најемотивните теми беше загубата на татко ѝ и начинот на кој таа се справува со неговото отсуство.
Во разговорот беше потсетена дека претходно изјавила оти не би организирала свадба и дека парите повеќе би сакала да ги потроши на патување. Сепак, сега таа и Кристијан планираат свадбена прослава со неколку стотици гости.
„Не. Постоеше време кога татко ми беше жив, кога велеше: ‘Што сакаш прави, јас ќе ти дадам пари, само јас не сакам свадба’ и јас као, океј, ќе ти ја испоштувам одлуката, а и ја некако не бев во фазон.
Сега, кога ќе најдеш човек со кој сакаш сè, а не можеш да ги собереш сите луѓе на едно место, а тоа да не се вика ‘свадба’ – зошто да правам 120 собиранки? Едноставно, ќе направиме свадба и ќе уживаме, а потоа ќе идеме на патување.
Желбата за патување никогаш не се изгубила, а желбата да споделам со 300-400 луѓе колку што ќе бидат на свадбата, моменти заедно, и да наздравам со нив, и да ги гушнам сите, ете, можеби е нова.
И единствено нешто за кое уште од сега се спремам е неговото отсуство (на татко ѝ, н.з.) и не знам тоа како ќе го преживеам тој ден, ама уште од сега работам, имам година дена да се спремам“, кажа таа.
Ивона призна дека понекогаш се прашувала дали нејзината врска со Кристијан се развивала пребрзо. Двајцата се познавале само неколку месеци пред да донесат одлука за брак, но пејачката вели дека во моментот кога била запросена немала дилема за својот одговор.
„Да, и ден денес знам да кажам дека можеби е… секогаш кога ќе се расправаме за нешто ново, знам да кажам: ‘Ова е затоа што ние сме…’, а нема врска.
Можеби, како што напишав на видеото каде што ме запроси, тоа беше најчесното ‘да’ во мојот живот.
Јас обично на такви одлуки знам да се испрашувам и себе и да размислувам со различни глави затоа што имам 10 жени во мене, и се испитуваме јас и моите 9 (ха, ха).
Ама, на тоа апсолутно кажав ‘да’ затоа што запознав човек каков што досега немам запознаено“, вели таа.
На прашањето дали некој од нејзините блиски ѝ кажал дека пребрзо влегува во брак, Ивона откри дека реакциите отишле многу подалеку. Според неа, дел од семејството престанал да разговара со неа поради традициите и обичаите поврзани со периодот на жалост по смртта на татко ѝ.
„Да. Дел од фамилиите сè уште не ми зборат затоа што сум кажала ‘да’ пред некои традиции, обичаи, пред година дена на тато и слично.
И ќе кажам гласно, јас не гледам никаква разлика. Напротив, како минуваат деновите, мене ми е сè потешко и појасно дека немам татко, ама, тие различно размислуваат, различно искуство имаат, се лутат и јас имав голем проблем со тоа.
Сега се учам да немам. И учам да им простам. Не сум им простила уште. Се надевам дека ќе пробаат да размислат од призма и од аспект на тато. Знаеја колку ме сака и колку сакаше да бидам среќна“, одговори таа.
И покрај несогласувањата со дел од блиските, Ивона се подготвува за новото животно поглавје со Кристијан, но признава дека еден од најтешките моменти на свадбата ќе биде токму отсуството на нејзиниот татко.
