11.8 C
Скопје
09:43 - 20 април, 2024

Илина Арсова: Со секое ново искачување ги поместував сопствените граници

Мојата приказна на искачување на седумте врвови се разликува од онаа на повеќемина, бидејќи пола од врвовите ги искачував буквално сама, или со партнер во сопствена режија, вели Илина Арсова.

На самиот крај од 2019 година, планинарката, алпинистка и ликовна уметница, Илина Арсова, направи уште еден триумф, освојувајќи го врвот Винсон на Антарктикот. Со искачувањето на овој врв, Илина го комплетираше проектот „Седумте врвови“ и успеа да искачи седум највисоки врвови на седум различни континенти – Аконкагва, Денали, Килиманџаро, Пунџак Џаја, Монт Блан и Монт Еверест.

Прочитајте како изгледа нејзината борба со самата себе и со планината.

Кога и каква беше твојата прва средба со планината и беше ли тоа љубов на прв поглед?

– Прва средба со планината веројатно ми била како дете, со моите родители на Водно. Мајка ми вели не сум сакала да одам никако поинаку освен на „ушка“. Понатаму, моите добро паметат неколку излети на Шапка кога тотално сум им го уништила скијачкиот ден, плачејќи и жалејќи се од ладното.

Тони Димков, новинар, прашува: Која е магијата и поривот што те влече нагоре кон светските врвови? Како ги чувствуваш?

– Во младоста како извидник, со доза на натпреварувачки дух, одевме на разни смотри и натпревари во ориентација, кога вистински почнав да ја апсорбирам и да ѝ се воодушевувам на планинската убавина. Подоцна, веќе како дипломиран ликовен уметник – сликар, кога за прв пат се најдов на надморска височина над 4.000 метри, почна да ме маѓепсува пејзажот од разиграниот хоризонт испресечен со стрмни планини. Одговорот, би рекла: од една страна чувството на среќа кога сум на планина, ме поттикнува почесто да го правам тоа. Од друга страна, секојпат сум била спортист и тој натпреварувачки дух се канализирал во натпревар со себеси и поместување на сопствените граници на возможното. Оттаму и целта била поставена што повисоко на планинските врвови, до каде патот секогаш бил попречен од искушенија, кризи и разни предизвици. Денес, можам да кажам дека планините се мојата природна средина, мојата комфор-зона и место каде што се чувствувам исполнето. Едноставно, ништо не ми недостасува кога сум таму, понекојпат со денови изолирана од земските задоволства.

Фидан Коминовски, новинар, прашува: Честитки, ти си првата Македонка која успеа да ги искачи сите седум највисоки врвови на седумте континенти, колку време со тимот се подготвувавте и што значи за тебе овој историски момент?

– За последното искачување на Антарктикот се приклучив на меѓународна експедиција. Беше речиси невозможно, како логистички, така и финансиски, да се организира самостојна експедиција на овој континент. Така што секој еден од нас индивидуално се подготвува за подвигот. Тоа е еден вид реално шоу кога ќе стават луѓе кои не се познаваат да живеат заедно две недели во сурови и екстремни услови. Добро е што сите беа ОK, супер се согласувавме и функциониравме како тим. Но мојата приказна на искачување на седумте врвови се разликува од онаа на повеќемина, бидејќи пола од врвовите ги искачував буквално сама, или со партнер во сопствена режија, некојпат со скии и тоа без логистичка поддршка ниту водич. Тоа е вистинската убавина и спортско достигнување за високогорските и алпинистички спортови.

Силвана Жежова, новинарка и планинарка, прашува: Дали се победи себеси откако ги искачи седумте највисоки врвови?

– За последниот подвиг на Антарктикот немав сомнеж дека ќе успеам во тоа, сепак беше неизвесно до крајот дали ќе се вратам здрава и без смрзнатини. Можам да кажам дека го победив стравот од студот, а кај себе со секое ново искачување ги поместував сопствените граници на психолошко и физичко битие.

Зоран Спасоски, новинар, прашува: Откако ги искачи седумте највисоки врвови на сите континенти, кој е следниот спортски предизвик за Илина Арсова? Дали размислуваш за искачување и на К2? Која е следната цел?

– Можеби, но има и многу други помали, а сепак технички потешки врвови на Андите, кои долго време ме привлекуваат по својата форма и местоположба.

Упорност, пожртвуваност, натчовечки напори, што треба да поседува една жена и од што треба да се откаже за да го достигне врвот, и личен и професионален?

– Ова е можеби најдлабокото и најинтимно прашање на кое и самата се борам да си одговорам. Човек мора да си даде приоритет и кон тоа да се насочи. За мене сè уште планините се на врвот на приоритети поради што сум среќна, но истовремено и свесна дека како жена биолошкиот часовник отчукува и дека времето за оформување фамилија, како потенцијален приоритет, е веќе ограничено.

Бидејќи си ликовна уметница, сликаш ли во умот додека планинариш? На што мислиш кога те „фаќа“ криза додека се искачуваш, а врвот сè уште е далеку?
– Токму така, пејзажот буквално ја храни мојата душа, но ми претставува и огромна ликовна инспирација. Секогаш кога сум уморна само ќе погледнам наоколу, ќе свртам еден визуелен „360 кадар“ и веднаш заморот поминува и на негово место настапува чувство на воодушевување. Искрено, едвај чекам да ги завршам сите прашања што ми се испратени од новинари деновиве и конечно да се посветам на пренесување на впечатоците врз платното. Во врска со ова прашање ексклузивно за Тони Димков и „Слободен печат“, споделувам фотка направена на Антарктикот како заокружување на ликовниот перформанс ЗЕРО, со кој настапив на неколку домашни и меѓународни изложби.

Што треба да им се „нацрта“ на граѓаните на оваа земја за подобро да ја разберат пораката?
– Ете токму овде ќе се надоврзам на перформансот ЗЕРО. Нулата како постојан круг на созревање и живот е претставена преку фетусната положба на голо женско тело кое целосно се претопува во природата. Тоа е мојата верба и молитва за едно ново човештво, поблиско до корените и со поголема почит кон природата, онаква каква што ја познавам, моќна и сурова. Таа може без нас, но не и ние без неа. Во неа, ние луѓето сме само еден зародиш, една обична нула. Истовремено перформансот ги величи најимпозантните пејзажи со кои сум се сретнала низ патувањата, но оддава и експресија на мир и спокој на едно битие комплетно соединето со природата.
Јасмина Кантарџиева Димков

Слични објави

„Се степав на училиште поради мајка ми“: Анастасија Ражнатовиќ си ја отвори душата за најтешките моменти од детството

Еспресо

Момченце починало поради предизвик на Тик Ток: Опасен тренд „хромирање“ се шири на социјалните мрежи

еспресо

Отворена прва продавница за алкохол во Саудиска Арабија: Ќе се купува алкохол со овластување

Еспресо

Мир Божји, Христос се роди! Народни обичаи и верувања за Божиќ: Бидете со најблиските и заедно прославете го Христовото раѓање

Еспресо

Старо верување: Скршете орев на Бадник и дознајте дали среќата ќе ве следи

Еспресо

Каква кармичка судбина ќе имате во 2024 според датумот на раѓање: Декодирајте ја иднината преку персоналната бројка и откријте што ве чека!

Еспресо
Се вчитува....