13.8 C
Скопје
16:02 - 19 април, 2024

Од фарма на маса, а наместо сувенир за паметење, земете си и за дома!

На површина од 1.500 квадратни метри на кои се простира дворот на етно ресторанот „Кај Виктор“ во Босилово, уживајте во домашните специјалитети подготвени во фурна, во домашните вино и ракија, домашните тестенини, турлитава, млечни производи… Сè е подготвено на традиционален начин.

Коста Тимов ја напуштил својата долгогодишна работа во казино и се вратил во родното село Босилово каде што го отворил етно ресторанот „Кај Виктор“, крстен по неговиот аутистичен син. Всушност, причината за оваа одлука била токму неговиот Виктор, за кого направил цел систем за независно и самостојно функционирање. Со огромно искуство во хотелилиерството и гастрономијата, Коста ја избрал истатата бранша, угостителство, и така направил ресторан со многу поразличен концепт во селскиот туризам, ставајќи акцент на зачувување на традиционалните и етно вредности. Благодарение на Коста и неговата хуманост, денес се охрабрени многу родители кои имаат деца со попреченост, и доаѓаат тука да се дружат.
– Мојата главна визија е дека сите сме еднакви и сите заслужуваме радост. Но, идејата е и да ја подигнеме свеста во нашето општество за прифаќање на различностите, вели Коста.

Во етно ресторанот „Кај Виктор“, меѓу другите гости кои пристигнуваат од сите страни на Македонија, доаѓаат и спортисти, бидејќи самиот Коста бил спортист, поточно играл професионално кошарка во Првата лига. А, за атмосферата да биде уште повесела, се организираат и забави, родендени за деца, журки за млади со музика „во живо“ од сите жанрови.

Го прашуваме Коста како изгледа еден заеднички ден со синот Виктор.

– Наутро ги храниме животните во нашата мини зоолошка градина, потоа одиме на појадок во Струмица за Виктор да почувствува социјализација и среќа, но и да се мотивира. Во околината правиме набавка на храна и пијалаци за ресторанот, ја складираме робата по враќање, и му доверувам на Виктор одредени задачи колку што може да ги изврши. Со тоа тој стекнува работна навика и чувство на самосталност. Следува наградна пауза за Виктор. Преку ден, поради присутноста на гостите, Виктор има социјализација, многу се радува на гости. Пред спиење ги коментираме впечатоците, јас му поставувам прашања, а тој одговара. Самиот ресторан е во близина на реката, па често пешачиме, возиме велосипеди…Виктор пак, за среќа, доста напредна и сам функционира во куќата – објаснува Коста.

Имено, сосема осмислено – како дел од системот на Коста, а со цел Виктор да функционира самостојно, на првиот кат на куќата се наоѓа кујната која е во функција на ресторанот, а на вториот кат семејството живее. Дворот пак на етно ресторанот располага со дури 1.500 квадратни метри, совршен простор за гостите да добијат и своја приватност, но и цело зелено игралиште за нивните деца.

– До самиот ресторан мојот брат Горан има фарма. Имаме сопствено производство на млеко, во моментов сме во инвестиција за правење сирење, имаме сопствени домашни јајца…, а гостите на ресторанот можат да си купат „за дома“ и ајвар, зимница, макала, јајца, сирење, брашно, млеко… сè од наше, сопствено производство – ни раскажува Коста додавајќи дека следниот чекор е до семејствата со деца со посебни потреби да испраќа домашни производи за изработка на јуфки, кои ќе ги изработуваат самите деца, а потоа ќе се продаваат во ресторанот.

Се разбира, свежата храна од фармата доаѓа на масите во етно ресторанот. А има и врвно домашно вино и ракија, произведени во соработка со кавадаречките пријатели на Коста.

– Ги промовираме македонски вредности, наша храна, наши вина, а и верските обичаи тука се одржуваат зашто и самиот амбиент ги нуди сите услови – вели Коста, кој заедно со чичко му и братот, традиционално одгледуваат коњи, а имаат и два пајтона кои подеднакво ја чуваат традицијата, но претставуваат и атракција.

Го прашуваме домаќинот што задолжително треба да дегустираме кога сме тука.

– Имаме мезе-даски со домашни млечни производи, зеленчук, сувомеснато, кифлички. Храната е подготвена во фурна на жар, свинско печење, ребро во фурна, коленици, врат. Традиционална турлитава, традиционални макала, а отворена е можноста за приготвување на храна по желба на гостите – вели Коста.

Посебната топлина на самиот простор доаѓа од мебелот кој сопственикот го изработил со свои раце. Или што би рекол Коста – „мајстор нема влезено, сè сам имам направено и тоа со огромна љубов“.

 

Етно ресторанот „Кај Виктор“ се наоѓа на само десеттина минути од Струмица или на половина час од Смоларските водопади. Кога веќе сте тука, во Босилово, посетете ги водопадите, но и Колешино, Гаврово. А, може и да преноќите во прекрасната природа на Босилово. Во соработка со партнери, Коста ќе ви препорача ноќевање или престој во традиционални куќи што е дополнително уникатно доживување.

Слични објави

Од Клиника „Жан Митрев“: Усвојувањето нови знаења е секогаш предизвик, но и возбудливо искуство

еспресо

Познатата Касандра пристигнува во Србија и ќе игра со Биковиќ во „Јужен ветар 3“: Улогата е посебна приказна, ова се деталите

Еспресо

(Фото) На една рака носи 18.000 евра: Александра не штедела на себе, сите гледале во овој скап детаљ

Еспресо

Ќе се вика „Вила Јована“: Дечкото на Јована Јеремиќ ѝ купи луксузна куќа со базен и овоштарник

Еспресо

Со Сергеј Трифуновиќ е приведен и неговиот „дилер“: Нови детали за апсењето

еспресо

Дарко Лазиќ по третпат станува татко: Катарина е бремена!

еспресо
Се вчитува....