Се појави нов тренд во запознавањето во светот, кој особено ќе ги израдува љубителите на книги, бидејќи е инспириран од дела како серијалот „Бриџертон“ и романот „Оркански висови“.
Не е тајна дека пронаоѓањето партнер во 2026 година стана вистинско минско поле – од емоционална манипулација и лажно претставување до презаситеност од апликации за запознавање и бројни други предупредувачки знаци на кои експертите постојано укажуваат. Очигледно е дека сè повеќе луѓе се уморни од таквиот начин на запознавање.
Што е „storybooking“?
Ново истражување на апликацијата за запознавање Bumble покажува дека лежерниот пристап повеќе не е привлечен, бидејќи жените сакаат големи гестови, повеќе копнеж и класично, постепено развивање на врската. Во суштина, „storybooking“ означува стремеж кон романса каква што гледаме во филмовите, сериите и книгите, особено во историските драми, но прилагодена на современото време.
Истражувањето покажало дека половина од жените сметаат дека фиктивните љубовни приказни влијаат врз нивните реални критериуми и стандарди во врските. Трендот се појавува во време кога романтичните приказни се попопуларни од кога било, како четвртата сезона на серијата „Bridgerton“ и филмската адаптација на „Оркански висови“ со Марго Роби и Џејкоб Елорди.
Пораката е прилично јасна. Ако Хитклиф можел да каже: „Не можам да живеам без својот живот. Не можам да живеам без својата душа!“, тогаш и денешните партнери можат барем малку повеќе да се потрудат околу планирањето на состанок.
Важно е да се разликува фантазијата од реалноста
Сексологот Шантел Отен, објаснила дека овој тренд ја одразува свесната одлука на самците да ја избираат романтиката според сопствени правила.
„Новиот тренд на Bumble – storybooking – покажува дека самците свесно ја избираат романтиката под свои услови и јасно ги поставуваат своите граници. Таквите приказни нудат исчекување и намера. Ја забавуваат романсата и ѝ даваат повеќе смисла“, изјавила таа.
Таа додала дека е важно да се прави разлика меѓу фантазијата и реалноста.
„Историските драми се прекрасна фантазија, но романтиката во реалниот живот цвета кога имаме контрола. Емоционалната интелигенција, взаемниот труд и јасните граници не ја уништуваат привлечноста, туку ја прават посилна“, истакнала Отен.
Според неа, жените и понатаму сакаат љубовна приказна, но без емоционален хаос. „Избираат партнери кои јасно комуницираат, се трудат и ги почитуваат границите. Луѓето не престанаа да посакуваат романтика, туку само ја редефинираа“, заклучува таа.
Јасни граници и взаемен труд
Според анкетата на Bumble, жените не бараат невозможно. Најважни им се јасната комуникација, емоционалната сигурност и взаемниот труд – елементи кои често се присутни во фикцијата, но во реалниот свет на состаноци често изостануваат.
Истражувањето покажало и дека многу самци сакаат да ја покажуваат љубовта преку внимателни гестови, како што се правење музички плејлисти, споделување интерни шеги или заеднички утрински прошетки со кафе.
Психолозите и терапевтите истакнуваат дека „storybooking“ може позитивно да влијае и врз интимниот живот, бидејќи поставувањето граници и промисленоста ја зајакнуваат поврзаноста.
Дезире Н. Робинсон, психотерапевтка специјализирана за секс и интимност, објаснува дека границите не треба да се доживуваат како пречка.
„Кога зборуваме за граници, многумина ги доживуваат како нешто негативно или како ѕид. Во реалноста тие се покана со која порачувате: ‘Ова е границата до која сакам да одам и те поканувам да ми се придружиш.’ Секоја личност може да се согласи со тоа или не“, рекла таа.
