Печените костени се едно од омилените есенски задоволства, а со неколку едноставни додатоци можат да добијат сосема поинаков вкус. Комбинацијата од путер, мед, жалфија и цимет им дава пријатна арома и ги прави одличен избор за студените денови.
Овој рецепт, кој го пренесува хрватскиот портал „Пун куфер“, е едноставен за подготовка, а костените се печат во рерна, прелиени со ароматичен путер. Медот им дава блага сладост, додека жалфијата и циметот го надополнуваат нивниот природен вкус.
Вака подготвените костени можете да ги послужите како предјадење, закуска за дружење со пријателите или како интересен прилог со печено месо. Највкусни се додека се топли, прелиени со путерот во кој се печеле.
Состојки
- 18 костени
- 100 г несолен путер
- 1 супена лажица и 1 мала лажичка мед
- Една мала рака свежа жалфија, искината на парчиња
- Прстофат мелен цимет
- Половина мала лажичка сол
- Крупна морска сол за послужување
- Неколку листови жалфија за декорација
Подготовка
Загрејте ја рерната на 200 степени.
Поставете ги костените со рамната страна надолу на даска за сечење. Со остар нож внимателно засечете ја кората на секој костен во форма на крст, без да навлегувате премногу длабоко во внатрешноста.
Засечените костени ставете ги во поголем сад и прелијте ги со штотуку зовриена вода. Покријте го садот и оставете ги да отстојат околу три минути.
Во меѓувреме, во мало тенџере ставете ги путерот, медот, искинатите листови жалфија, циметот и половина лажичка сол. Загревајте на тивок до умерен оган, со повремено мешање, додека путерот целосно не се растопи и состојките не се соединат.
Исцедете ги костените и добро исушете ги со кујнска хартија. Префрлете ги во сад, прелијте ги со подготвениот ароматичен путер и промешајте за секој костен рамномерно да се обложи.
На поголем плех поставете парче алуминиумска фолија и распоредете ги костените во еден слој, заедно со путерот. Подигнете ги рабовите на фолијата и обликувајте отворен пакет, оставајќи простор на врвот за да може пареата да излегува.
Ставете го плехот во загреаната рерна и печете од 30 до 35 минути, односно додека кората на костените не почне да се одвојува, а нивната внатрешност не омекне.
Извадете ги од рерната, затворете го отворот на фолијата и оставете ги да отстојат уште пет минути.
Префрлете ги костените во чинија за послужување и прелијте ги со преостанатиот ароматичен путер од фолијата. Украсете со неколку листови свежа жалфија и наросете малку крупна морска сол.
Послужете ги додека се топли.
