Трајче Манев е едно од имињата што останаа запишани во историјата на „Макфест“, а неговата „Осамен“ речиси четири децении по победата во 1987 година сè уште е една од песните по кои се препознава фестивалот.
Песната која му ја одбележа кариерата на Манев настанала речиси спонтано, едно рано утро. Манев е автор на музиката и текстот, додека аранжманот е на Славе Димитров. Инспирацијата била жената која подоцна станала негова сопруга.
На прашањето дали уште тогаш знаел дека песната ќе остане безвременска, Манев се присетил на начинот на кој настанала:
„Секој еден пејач има една песна што отскокнува од сите други песни. Јас не сум ни прв ни последен со кого е така. Значи, јас се идентификувам со една песна. ‘Осамен’ е песна што сум ја создал со еден здив. Тешко се прави таква песна“, рече тој.
На сцената на „Макфест“ Манев се појавил уште на првото издание во 1986 година, кога во дует со Маја Андреевска ја извел песната „Сѐ што сакаме“. Само една година подоцна следувала победата со „Осамен“.
И тоа не била обична победа. Манев триумфирал во време кога фестивалот имал исклучително силна конкуренција и кога „Макфест“ бил еден од значајните прозорци кон пошироката југословенска музичка сцена.
„Јас победив во голема конкуренција, во некогашна Југославија. Прв Кемал Монтено рекол дека оваа песна ќе биде победник. Пред настапот на финалната вечер изјавил: ‘Ако не победи Трајче од Штип, ќе биде штета’“, раскажа Манев.
Токму „Осамен“ остана неговиот најпрепознатлив фестивалски потпис. По успехот во Штип, Манев продолжил да снима и да настапува, а меѓу песните од неговиот репертоар се „На минус 23“, „Оди душо“, „Пушти ме да живеам“, „Светот убав е мој“, „Најди ме“, „Марија“, „Допри ме ангеле“, „Чија си ти“ и „Една жена, еден дом“.
Музиката била присутна во неговиот живот уште од младоста. Манев свирел бас-гитара во штипските групи „Јагуари“ и „Астибо“, а покрај „Макфест“, настапувал и на Скопскиот фестивал и на „Интерфест“ во Битола. Бил автор и на музика за театарски претстави.
Но, неговиот живот не се одвивал исклучиво на сцената. За разлика од оние на кои музиката им била единствена професија, Манев паралелно имал редовна работа, а подоцна бил и директор во фирма за ваги.
„Јас никогаш професионално со музиката не се занимавав, затоа што отсекогаш работев. Ќе работам, па одам на свирка или на концерт. Работам преку ден, а навечер на концерт. И им недостасував на моите“, раскажа Трајче во едно од своите интервјуа.
Семејството било важен дел од неговата одлука постепено да се повлече од активниот музички живот. Манев е татко на два сина, Љупчо и Мартин, за кои има кажано дека ја наследиле неговата музикалност и дека и двајцата пишуваат музика.
Денес Трајче Манев живее повлечен од јавноста и ги минува пензионерските денови во Скопје со семејството. Сепак, неговата врска со „Макфест“ не е прекината целосно.
На јубилејното 40. издание на фестивалот минатата година, Манев повторно се појави пред штипската публика. На последната вечер, посветена на хитовите што ја одбележаа 40-годишната историја на „Макфест“, тој го отвори настапот со „Осамен“ – песната со која победил во 1987 година.
„Горд сум што песната ‘Осамен’ му одолеа на времето. Кога ја отпеав таа 1987 година не се надевав дека ќе стане евергрин. А еве уште се слуша и се надевам така ќе биде и во иднина“, рече Манев по повод јубилејот.
На 30 и 31 октомври годинава во Штип ќе се одржи 41. издание на „Макфест“. Додека фестивалот продолжува да создава нови песни и нови имиња, „Осамен“ останува еден од хитовите што ја поврзуваат неговата сегашност со времето кога Трајче Манев ја запиша својата победа на фестивалската сцена.
