Запечените такоси со пилешко многу брзо би можеле да станат едно од вашите омилени јадења. Полнети се со сочно пилешко месо, зеленчук, кашкавал и ароматични зачини, а при печењето во рерна добиваат крцкави рабови, без потреба од пржење во длабоко масло.
Подготовката е едноставна, состојките лесно можете да ги приспособите на сопствениот вкус, а целиот оброк е готов за само 30 минути. Ова е и одличен начин да ги искористите остатоците од варено или печено пилешко месо.
Запечените такоси се идеални за брза вечера во текот на работната недела, но и за опуштено дружење со семејството или пријателите.
Состојки
- 8 меки тортиљи
- 300 г варено или печено пилешко месо, искинато на парчиња
- 100 г рендан кашкавал за пица или мешавина од сирења
- ½ лажичка мелен кумин
- ½ лажичка чили во прав
- ½ лажичка мелена чадена чили-пиперка
- 75 г ситно исечкан кромид
- 75 г исечкан домат
- 120 г густ сос салса
- 1 свежа халапењо пиперка, ситно исечкана
- 2 лажици грчки јогурт
- Морска сол по вкус
- Маслиново масло по потреба
За послужување:
- Сос салса
- Гвакамоле
- Грчки јогурт или кисела павлака
Подготовка
Загрејте ја рерната на 200 степени и обложете плех со хартија за печење.
Во поголем сад измешајте го искинатото пилешко месо со кромидот, доматот, халапењо пиперката, салсата и грчкиот јогурт. Додајте ги куминот, чилито во прав, чадената чили-пиперка и малку сол. Добро промешајте за сите состојки рамномерно да се соединат.
Распоредете ја смесата врз половината од секоја тортиља, додајте рендан кашкавал и преклопете ја тортиљата на половина.
Наредете ги наполнетите тортиљи во подготвениот плех и премачкајте ги со малку маслиново масло.
Печете околу 12 до 15 минути, односно додека тортиљите не станат златни и крцкави, а кашкавалот целосно не се растопи. По потреба, превртете ги на половина од печењето за рамномерно да се запечат.
Послужете ги топли, со дополнителна салса, гвакамоле и грчки јогурт или кисела павлака.
