13.8 C
Скопје
15:27 - 18 декември, 2024

(ФОТО) АНДРЕЈ ГОНЕВ, РИЦ(С)АР НÈ ЗАПОЗНАВА СО МИСТЕРИОЗНИОТ КАРАКТЕР НА РИСОТ: Свесни сме дека пред наши очи се соочуваме со истребување на рисот!

Во разговорот со Андреј Гонев научивме многу за рисот и посигурни од кога било заклучуваме дека мора да го спасиме.

Да сретнеш рис е редок феномен, освен ако не гледаш во пара – петденарка. Романтичните перцепции за ова животно самотник не се доволни за да биде заштитено и неговата иднина виси на конец.

Биолозите од Македонско Еколошко Друштво веќе 16 години со ревносна посветеност се борат да го спасат рисот од суровоста на природата, човечката незаинтересираност и сопствениот нарав. Еден од најважните аспекти од заштитата на рисот е ставот и перцепцијата на локалното население за него, па затоа е важно да отвориме очи и во нашата перцепција да оживее оваа исклучителна мачка.

фото: приватна архива

Рисот живее во колективното наследство, но неговите навики ни се малку познати. Кои се карактеристиките на ова животно? Што го прави рисот посебен?

– И покрај тоа што рисот некогаш бил длабоко проткаен низ фолклорот на овие простори, денес тој во очите на многу луѓе е само мистериозната мачка од петденарката. Жалната реалност дека се останати помалку од 50 возрасни единки на овој критично загрозен подвид на Евроазиски рис, го прави пресретнувањето со него многу редок феномен, па затоа и луѓето многупати не се свесни за предаторот кој живее во нашите шуми.

фото: приватна архива

– Рисот е самотно и многу територијално животно. Мажјаците живеат во огромни територии, од 300 до 800 квадратни километри кои честопати ги делат со неколку женки со помали територии од околу 100 до 200 км2, но нивните територии никогаш не се преклопуваат. Тие редовно си ги одржуваат своите територии со постојано патролирање и маркирање со урина, како и огласување со карактеристичен врисок. Како предатор на врвот на синџирот на исхрана, тој е специјализиран ловец на копитари и поситни цицачи, а главен избор на менито му се срните, дивокозите и зајците. Сезоната на парење е од февруари до април, која резултира со едно до три млади во доцната пролет. Тие живеат со мајката и од неа учат да преживуваат до десетмесечна возраст, а потоа стануваат самостојни и воспоставуваат сопствена територија.

фото: приватна архива

Зошто се загрозени рисовите и се намалува нивниот број? Кои мерки се преземаат за заштита и што може да направи обичниот човек?

– Постојат повеќе закани за опстанокот на рисот. Една од најголемите закани е губењето на погодни станишта во кои живее рисот, поради неконтролирана сеча, изградба на патишта и објекти, како на пример, хидроцентрали, кои го фрагментираат неговото живеалиште. Нерегулираниот лов и криволов на рисот, а почесто и на неговиот плен, е другата најголема закана за опстанокот на рисот. Ситуацијата е дополнително влошена заради многу малиот број на единки, кои веќе имаат осиромашен фонд на гени и во иднина нивното размножување ќе станува уште потешко. Секоја една угината единка е огромна загуба за критично загрозената популација. Справувањето со сите овие закани е главната цел на веќе 16-годишната Програма за закрепнување на балканскиот рис на Македонското еколошко друштво (МЕД). Секако, во борбата за заштита и зачувување на балканскиот рис може да се вклучи секој. Поддршката од населението и подигнување на јавната свест за важната улога на рисот во екосистемот може да бидат клучни кога се носат големи одлуки кои можат да влијаат на неговиот опстанок.

Заловување на рис, фото: приватна архива

Каде е распространет рисот и каде го има во нашата природа?

– Иако некогаш го населувал речиси целиот Балкански полуостров, денес распространувањето на балканскиот рис е ограничено само во западна Македонија, североисточна Албанија и на масивот Проклетие во Косово. Кај нас живее претежно на високите планини на запад, од јужните падини на Шара па сѐ до Галичица на југ и во подрачјето Јасен (Караџица и Сува Гора). Размножување кај рисот сме потврдиле само во Националниот парк „Маврово“ и непосредната околина, и на планината Мунела во Албанија.

Имињата на рисовите како Марко, Деки, Маја, Атиџе, Нела, Нони…, се необични, кој е одговорен за „кумството“?

– Еден од најважните аспекти од заштитата на рисот е ставот и перцепцијата на локалното население за него. Најголемите заштитници се токму луѓето кои се гордеат што го делат своето соседство со рисот. Затоа обично традицијата била „кумството“ да го доделиме на локалци, шумари или ловџии кои дале голем придонес и помогнале во нашата работа. Верувам дека кога тие го одбираат името се идентификуваат повеќе и се чувствуваат поблиски до рисот.

фото: приватна архива
Траги од рис, фото: приватна архива

Дали има надеж да се зголеми или обнови популацијата?

– Резултатите од минатогодишното истражување со фотозамки се доста загрижувачки, кога фотографиравме рекордно низок број на рисови. Дополнителни генетски истражувања укажуваат дека парење во сродство е веќе реален проблем кој секако нема да влијае добро на генетската стабилност на популацијата на балканскиот рис. Поразувачки е и фактот дека немаме единки од балкански рис во заробеништво кои би ги користеле за зајакнување на популацијата или реинтродукција во нашите шуми доколку го изгубиме рисот во природа. Свесни сме дека пред наши очи се соочуваме со истребување на ендемски подвид на крупен месојад!

фото: привтна архива

За да го избегнеме ова црно сценарио пред да стане предоцна, најважно е да имаме добра и непречна комуникација и соработка со надлежните министерства и ловечките организации.
Од особено значење е заштитата на таканаречените биокоридори – зелени премини кои го поврзуваат расцепканиот ареал на рисот. Тоа ќе овозможи подалечните единки, како тие во заштитеното подрајче „Јасен“ и националниот парк „Галичица“, да комуницираат со оние од репродуктивното јадро во Маврово и да ја „освежат“ популацијата со нови гени.

Конзервациските активности кои ги спроведува тимот на рисаџии во МЕД и поддршката од членовите на мониторинг мрежата во огромна мера го успоруваат овој процес, и тие секако нема да престанат во блиска иднина.

Стапица за заловување на рис, фото: приватна архива
Јасен, фото: приватна архива

Слични објави

„Таа сега е со штрафови во нозете“: Жељко Јоксимовиќ откри детали за состојбата на Лепа Брена по несреќата на концертот

Еспресо

(Фото) Анастасија Ражнатовиќ и Немања Гудељ во шок! До телефонот ставиja детектор за зрачење и предупредија на голема опасност

Еспресо

(Фото+видео) Луксуз на дело: Цеца Ражнатовиќ дојде со торба од 30.000 евра на прославата на Жељко Јоксимовиќ

Еспресо

Том Круз ја доби највисоката награда на американската морнарица за улогите во воени филмови

Еспресо

Скандал во шоуто на Амиџиќ: Дарко Лазиќ почна да ја фали бившата, Катарина побледе од срам!

Еспресо

(Фото) Емина Јаховиќ ги покажа стомачните: Згодната пејачка е во најдобрата форма досега!

Еспресо
Се вчитува....