25.8 C
Скопје
16:55 - 28 април, 2024

Совршен пикник со 3 лесни рецепти од Катерина Шамбевска Спасеновска

Катерина Шамбевска Спасеновска е мајка, сопруга и една од основачите и столбовите на сајтот „Сè за храна“ (sezahrana.mk). Она што започнало како хоби, денес ѝ е професија и занимање кое го обожава. Готвењето и фотографијата на храна се нејзино секојдневние. Магистрирала во областа на храната, а за да го прошири своето знаење продолжила со едукација на престижни светски универзитети од областа на нутрицијата. Нејзина цел е да пренесе што повеќе од своето знаење до нејзините пријатели и следбеници, па освен рецепти, често истражува и споделува корисни едукативни информации на своите профили.

„Готвам од школските денови и правам разни месени јадења, а како што растев сфатив дека фотографирањето ме исполнува и ја надополнува мојата желба за патување и дегустација на храна од земјите од светот. Патувањата ми се инспирација за да внесувам новости во она што го креирам, а како најинспиративна, ќе ја издвојам посетата на Дубаи, каде што е претставен „светот на едно место“ и ми даде креативност и при подготвувањето на нашите традиционални рецепти. За ова интервју ви издвоив три мои лесни рецепти за совршен пикник, а ако ви се допаѓаат, разгледајте ги моите профили каде што објавувам испробани рецепти креирани од мојата кујна и заследете ме на Инстаграм: @katerina.shambevska и Фејсбук: Katerina Sambevska Spasenovska.“, вели Катерина.

Брзи пикник погачки – вкусни залчиња за целото семејство

Состојки: 400 г изварка, 2 јајца,100 мл кисела павлака, 4 лажици кисело млеко, 1 лажиче мајонез, 110 мл масло, 2 лажици сечкани маслинки, 2 изрендани моркови,исечкани зелени перца од 4-5 млади лукчиња, 1 лажиче сол, 1/4 лажиче црн пипер, 1/2 лажиче прованса зачин или оригано, 2 лажички прашок за печиво, 1/2 лажичка сода бикарбона, грахам брашно по потреба (4-5 лажици).

Подготовка: Јајцата изматете со виљушка. Додајте ја изварката, павлаката, киселото млеко, маслото, Витанезот, исечканите маслинки, зелените перца од младите лукчиња и изренданите моркови. Убаво измешајте. Во друг сад измешајте ги сите суви состојки, па соединете ги двете смеси и добро промешајте. Во плех ставете хартија за печење и со помош на 2 лажици ставајте од смесата. За една погачка доволна ви е една полна лажица од смесата. Печете ги во плех обложен со хартија за печење, во загреана рерна на 250 степени, за време од 13-15 минути.

Јапонски сендвич со јајца од 5 состојки

Состојки за 2 сендвичи: 4 парчиња тост леб, 2 варени јајца. За салата од јајца: 4 варени јајца, ⅛ чаша перца од младо кромидче (3 кромидчиња) 5 лажички мајонез, по ⅛ лажиче сол и црн пипер – по вкус.

Подготовка: Јајцата измијте ги, па ставете ги во сад со ладна вода на оган. Откако водата ќе зоврие, варете ги 8 минути. Потоа, ставете ги во ладна вода, уште подобро со мраз, за да се изладат. Ладните јајца излупете ги. 4 од јајцата изрендајте ги или испасирајте ги со виљушка, а 2 оставете ги цели. Припремете ја салатата од јајца. Во садот со 4-те изрендани јајца, додајте ги ситно сечканите зелени перца од младо кромидче и Витанезот. Посолете, а по желба додајте и од црниот бибер и измешајте. Земете 2 тост лепчиња и тенко засечете по краевите, за да го отстраните надворешниот печен слој. Целите јајца пресечете ги на две половини по должина. Потоа ставете едно од лепчињата на работна маса и врз него поставете две половини од 1 јајце – на средина на лепчето, едно до друго во линија. Нанесете половина од салатата од јајца и поклопете со второто тост лепче. Пресечете го сендвичот на 2 долги правоаголници, така што јајцата ќе бидат пречесени како на сликите и ќе добиете одличен декоративен сендвич. Постапката повторете ја уште еднаш со преостанатите состојки.

Мини американски палачинки по испробан рецепт

Состојки за палачинки: 1 ½ чаша брашно, 3 ½ лажички прашок за печиво, ¼ лажичка сол, 1 лажица шеќер, 1 ќесичка ванилин шеќер, 1 ¼ чаша млеко,1 јајце, 3 лажици растопен путер. За фил: мед, лешници, бадеми, по желба.

Подготовка: Во сад измешајте ги сите суви состојки – брашното, прашокот за печиво, солта, шеќерот и ванилиниот шеќер. Измешајте со жица за матење, па додајте ги млекото, јајцето и стопениот и изладен путер. Убаво измешајте и смесата е готова. Палачинките оформувајте ги со помош на 2 лажици. Печете ги во нелеплива тава намрсена со тенок слој масло, на средно силен оган. Штом забележите дека на горната страна се појавиле меурчиња, палачинките превртете ги да се печат од друга страна. Ќе добиете околу 30 мини палачинки. Послужете ги со мед и сечкани лешници.

Автор на рецепт и фотографии: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Слични објави

Ново издание на туристички водич за Македонија каде раскажувањето е со љубов

еспресо

(Фото) Ви ги претставуваме Herbalife Pецептите: Вкусно патување кон лесна и здрава исхрана со Herbalife

Еспресо

Украси за елка што се јадат: Миризливи ѕвездички (традиционален германски рецепт)

Еспресо

Брз славски колач за Света Петка: Рецепт што ќе го запомните

Еспресо

(Фото) Билјана Јуруковски, фотографка меѓу африканските племиња: Психичките подготовки за моите патувања се потешки и од физичките

Јасмина Кантарџиева Димков

Превкусен ајвар по урнек на баба: Бранко Попоски ни го носи рецептот

Еспресо
Се вчитува....