Ако сакате десерти со јаболка, цимет и крцкаво лиснато тесто, овие мали штрудли се одличен избор за есенските денови. Се подготвуваат едноставно, со готово лиснато тесто, а нивниот неодолив мирис брзо ќе ја исполни целата кујна.
Сочните јаболка во комбинација со кафеав шеќер, цимет, морско оревче и ѓумбир создаваат ароматичен фил, додека лиснатото тесто при печењето добива златна боја и крцкава текстура.
Овие штрудли се идеални како десерт со попладневното кафе, но и како сладок појадок за викенд. Највкусни се додека се топли, посипани со малку шеќер во прав.
Состојки
За филот:
– 2 големи јаболка (околу 350–400 г)
– 100 г кафеав шеќер
– 1 и пол лажичка мелен цимет
– ¼ лажичка мелено морско оревче
– ¼ лажичка мелен ѓумбир
– 1 лажица путер
– 1 лажица брашно
– 1 лажица сок од лимон
– 1 лажичка екстракт од ванила
За тестото:
– 2 листа лиснато тесто
– 1 јајце
– 1 лажица вода
– 20–30 г шеќер во прав за посипување
Подготовка
Излупете ги јаболката, отстранете ги семките и исечкајте ги на ситни коцки. Ставете ги во тенџере заедно со кафеавиот шеќер, циметот, морското оревче, ѓумбирот, путерот, брашното и сокот од лимон.
Загревајте на умерена температура околу седум минути, со повремено мешање, додека јаболката не омекнат и смесата не се згусне. Тргнете го тенџерето од оган, додајте ја ванилата и оставете го филот малку да се излади.
Загрејте ја рерната на 200 степени и обложете плех со хартија за печење.
Одмрзнатото лиснато тесто развлечете го на малку набрашнета работна површина. Првиот лист поделете го на шест еднакви правоаголници и наредете ги во плехот.
На средината од секој правоаголник распоредете дел од филот со јаболка, оставајќи слободен простор по рабовите.
Вториот лист тесто исечете го на шест правоаголници со иста големина. Покријте го филот со нив, притиснете ги рабовите со прстите, а потоа дополнително затворете ги со виљушка.
На горната страна од секоја штрудла направете неколку мали отвори со виљушка за да може пареата да излегува при печењето.
Изматете го јајцето со една лажица вода и премачкајте ги штрудлите.
Печете ги 18–20 минути, додека тестото не нарасне и не добие убава златнокафеава боја.
Извадете ги од рерната, оставете ги кратко да се подизладат, а потоа посипете ги со шеќер во прав.
Послужете ги додека се уште млаки. По желба, можете да ги комбинирате со топка сладолед од ванила или шолја топол чај.
