Македонската музичка ѕвезда Калиопи откри досега непознати детали за песната што требало да ја сними со Тоше Проески, но која никогаш не ја здогледала светлината на денот. Во гостувањето во поткастот „Претрес со Ландов“, пејачката раскажа дека текстот за нивната заедничка песна го ставила во ковчегот на Тоше на денот на неговиот погреб.
Како што пренесува „Скопје1“, идејата за музичката соработка се појавила неколку месеци пред трагичната смрт на Проески, а двајцата веќе започнале со подготовките.
„Текстот го спакував и го ставив во неговиот ковчег“
Калиопи се присети дека поради честите патувања, таа и Тоше првично разговарале за песната телефонски. И покрај бројните професионални обврски, успеале да се договорат за заеднички музички проект.
„Ние договаравме песна преку телефон, затоа што патувавме, тој на една страна, јас на друга. И конечно дојде времето кога ние почнавме да разговараме за наша заедничка песна“, раскажа Калиопи.
Текстот веќе бил подготвен, а според нејзините зборови, Тоше бил воодушевен од идејата.
„Текстот го направивме, го читав, тој беше воодушевен. Сега овде вака ќе направиме, вака…“, се присети пејачката.
Сепак, трагичната смрт на Тоше ги прекинала плановите за нивниот дует. Калиопи донела одлука текстот да остане со него засекогаш.
„Текстот го спакував, и тој ден кога беше погребот, го ставив во неговиот ковчег. Така што, таа песна си замина. Со него. Нема… нема смисла“, рече таа.
Пејачката зборуваше и за болката што ја почувствувала кога дознала за неговата смрт, споредувајќи ја загубата со чувството како да изгубила сопствено дете.
„Не може никој да биде Тоше“
Во текот на разговорот Калиопи се осврна и на честите споредби меѓу младите музички таленти и Тоше Проески.
Таа смета дека таквите споредби се погрешни, бидејќи секој изведувач треба да има можност да изгради сопствен музички идентитет.
„Тоа е толку погрешно. поРади тие нови таленти што доаѓаат. Тие треба да си бидат тие. Не може никој да биде Тоше“, истакна Калиопи.
Пејачката нагласи дека секој уметник е единствен и дека нема потреба новите генерации да се споредуваат со веќе етаблираните музички имиња.
„Така што, Тоше, еден и единствен, еден е Владо, едни беа ДНК, еден е Слаткар, една сум јас, еден е Ландов, и тоа мора да се прифати како такво“, порача таа.
Гостувањето на Калиопи во „Претрес со Ландов“ опфати и други теми од нејзината долгогодишна кариера, односот со колегите и животот поминат на музичката сцена.
