3.8 C
Скопје
13:34 - 24 декември, 2024

Скопје евергрин: Застани, доаѓаат уметниците! Разговор со Емилија Џипунова, балерина и балетски критичар

Ако во насловот ѝ го напишев името онака како што стои во нејзините документи, Стаменковиќ, никој не ќе препознаеше со кого разговарав. Сите што ја знаат, ја знаат како Еми Џипунова. Презимето на мажот ѝ го беше земала отпосле, зашто во некои поодамнешни и поконзервативни времиња не им давале заедничка соба со мажот ѝ, покојниот Зоран Стаменковиќ, во прочуениот хотел „Слон“ во Љубљана. Ова го дознав дури на крајот од разговорот. Но, да тргнеме од почеток.

Емилија Џипунова ѝ припаѓа на генерацијата балерини што настапиле во првата балетска претстава во Македонскиот народен театар, „Валпургиска ноќ“, во 1949 година, во кореографија на основоположникот на Балетот, Ѓорѓи Македонски. Во својата рецензија за претставата, диригентот и композитор Живко Фирфов тогаш напиша дека по оваа претстава иднината на македонскиот балет е јасна и дека ќе има потреба од отворање балетско училиште. Во тоа време имала 14 години и сè уште била гимназијалка. Првите балетски чекори ги учела во Пионерскиот дом „Карпош“, во кој освен балетската секција имало и многу други: фолклорна, музичка, драмска, техничка. Била дел од балетскиот ансамбл, играјќи соло и полусоло партии, до својата 38-ма година, кога од здравствени причини заминала во пензија. Балетските играчи имаат краток работен век поради тежината на работата. Во времето кога се одлучувало за нивниот бенефициран стаж, некаде во 50-тите години од минатиот век, тимот стручњаци од сите профили, правници, лекари, психолози, психијатри, заклучил дека балетската професија е најтешката од сите, па дури и од рударската, и затоа определил една работна година во балетот да се смета како две.

По пензионирањето, кратко се занимавала со педагогија (и ден-денес повремено гостува како педагог во Балетското училиште на покана на нејзините помлади колешки), но трајна определба секако ѝ станала балетската критика. Денешните генерации така и ја препознаваат, како име што ги потпишува текстовите со балетски критики во весниците. „Се појави потреба некој да ги вреднува претставите, трудот и уметничките квалитети на балетските играчи. Нашата уметност е уметност на мигот или, како што кажал славниот кореограф Канингем, не можеш да ја ставиш под пазува и некаде да ја однесеш. Ако не остане забележана во балетската критика, како и да не се случила“, вели Еми и додава, „но, за балетска критика потребни се квалификации. Треба да си го поминал осумгодишното балетско образование, да си ја почувствувал сцената, духот на театарот, процесот на создавање една претстава, треба да си во тек со регионалните и со светските балетски збиднувања, за да можеш објективно да судиш за квалитетот на една балетска претстава и за уметничките дострели на играчите во неа. Тоа беа причините да се определам за балетската критика, со која и ден-денес се занимавам“. Таа вели дека денес интернетот доста ја олеснува работата, овозможува да биде информирана за најновите случувања во балетската уметност, како и да има пристап и кон старите, архивски снимки и податоци. Но, за жал, уметничката критика, па и балетската, како да замира. Интересот за квалификувана, објективна оценка на уметничките дела од сите жанрови е намален. Пазарот е тој што го вреднува квалитетот. Вредно е она што се продава. А не е секогаш така, вели Еми.

Од промоцијата на книгата “Македонската балетска сцена”, со пријателките Панда Зографска Беличанец, Љубинка Басотова и Соња Здравкова Џепаровска

Не познавам човек што со поголема леснотија ја носи својата поодмината возраст од Еми Џипунова, дури и буквално, таа најчесто ја носи на високи потпетици. Гласот и звучи како и пред 30 години, меморијата ѝ е свежа, духот отворен за сè наоколу. По првичниот отпор кон компјутерите сфатила дека тие се нужна и корисна алатка и со текот на времето се научила да ги користи придобивките на дигиталната технологија, информациите во секој облик од интернетот, социјалните мрежи. Која е тајната на виталноста во втората половина на нејзините осумдесетти? Вели дека не пие никакви лекови, освен како и сите, по потреба. Исхраната ѝ е базирана на зеленчук и овошје, а месото го консумира само повремено и во мали количества. „Не сум вегетаријанец, ама месо ретко јадам и по малку. На овој габарит повеќе и не ми треба“. Никогаш не пушела, дури и во време кога тоа било општ тренд. „Бев опкружена со пушачи. Сите ме убедуваа да запалам, но јас не се давав. Понекогаш дури и ќе им купев цигари на моите другари и колеги, но бидејќи не сум пушач, не ги знаев марките, па еднаш така ги побарав најскапите цигари во трафиката. Кога им ја ставив кутијата на маса, сите почнаа да се смеат. Ми дале ментол цигари, а вистинските пушачи тие ги презираа“.

Седиме во една од кафеаните на кејот. Тука во близина, помеѓу Новиот и Железниот мост, се наоѓало и некогашното џафте корзо, каде што девојките најчесто излегувале од дома по папучи или налани, божем случајно се излезени, за да ги сретнат своите симпатии. Но, се излегувало и по часовите во гимназијата, во училишни униформи – црни кецели, со бели крагни и капи на кои била закачена значка со класот на кој му припаѓале. На корзото задолжително имало дежурен професор што го следел однесувањето на учениците. Корзото било дозволено до 20 часот. За престапите следувале укори, а четвртиот укор значел бркање од училиште. Но, тоа ретко се случувало. Во тоа време немало телевизија, телефоните биле ретки, но многу читале. Имале обемна и задолжителна лектира, но читале и друга литература и тоа со големо задоволство. Биле воспитувани строго, и од родителите и од училиштето, но тоа не им пречело многу. Такво беше времето, вели Еми, воспитувањето требаше од нас да создаде вредни и морални граѓани.

Тука, на местото на денешниот ГТЦ, а во тоа време помеѓу некогашната Педагошка академија и црквата „Свети Константин и Елена“, се наоѓало и првото балетско училиште во градот, сместено во една стара приватна куќа, која останала празна по војната. Балетски сали биле собите во таа куќа. Потоа училиштето било префрлувано во гимназијата „Цветан Димов“, па во ОУ. „Браќа Миладиновци“, за да се пресели во сопствен нов објект во населбата Пролет изграден по земјотресот. „Но, подовите во тоа училиште беа направени нестручно, паркетот беше поставен директно врз бетонска подлога, па подот беше тврд, а за балет е потребен поеластичен под, кој ќе ги амортизира скоковите. Конечно, кога во 80-тите се изгради денешниот Музичко-балетски училиштен центар, добивме балетско училиште со нормални подови“.

Се сеќавам, публиката секогаш беше облечена ако не во свечени тоалети, тогаш барем во чиста, испеглана облека. Тоа беа скромни времиња. Но она што беше фасцинантно, доаѓајќи накај театарот, уште на старото дрвено мовче преку Вардар, замираше секаков муабет.

Од другата страна на кејот се наоѓаше убавото здание на Македонскиот народен театар. „Ќе претрчавме покрај една голема дупка кај училиштето, која беше останала од некоја бомба од војната, и преку Камениот мост, веднаш стигнувавме во театарот. Бевме редовни на сите претстави и како гледачи. Театарот секогаш беше преполн, а имаше повеќе од 500 места заедно со двете галерии со ложи и третата што беше за стоење. Се сеќавам, публиката секогаш беше облечена ако не во свечени тоалети, тогаш барем во чиста, испеглана облека. Тоа беа скромни времиња. Но, она што беше фасцинантно, доаѓајќи накај театарот, уште на старото дрвено мовче преку Вардар, замираше секаков муабет. Луѓето му приоѓаа на театарот во потполна тишина, небаре влегуваат во некаков храм“, вели Емилија, сеќавајќи се на првите децении од нејзиното театарско искуство. Што се случувало по претставите, каков бил некогаш боемскиот живот на уметниците за кој денес толку се зборува? „За волја на вистината, боеми во Скопје најчесто беа актерите, писателите, сликарите. Балетските и оперските уметници не можеа да си го дозволат тој луксуз, зашто природата на самата професија бараше строга самодисциплина. Но, имавме во театарот бифе, кое го држеше познатиот Бабуш, прекрасен човек со големо разбирање за театарските уметници. Најчесто по премиерите прославувавме до доцна во ноќта. Бабуш имаше обичај во доцните часови да ни го остави клучот од бифето и да си замине. Сабајлето доаѓаше со зембиљ полн со нови чаши, зашто знаеше дека чашите се најчесто жртва на тие весели ноќи“, раскажува Еми. „Но, интересно беше и кога ќе излезевме по таква прослава надвор. Во тоа време улиците ноќе редовно се миеја со големи шмркови. Приоѓајќи му на плоштадот по Камениот мост, шефот на уличните чистачи кога ќе нè здогледаше, ќе им викнеше на работниците да ги гасат шмрковите – застани, доаѓаат уметниците! – за откако ќе поминевме да продолжат. Ех, тоа беа други времиња…“ заклучува Емилија Џипунова.

Се разделивме со пријатно чувство на време поминато во убав разговор и ветување дека почесто треба да се среќаваме на кафе-муабет.

 

Слични објави

Се жени Саша Ковачевиќ: Вечниот ерген ќе застане на лудиот камен, познато е и кога

Еспресо

(Фото) Доза позитива: Синот на Ирина и Павле Камилоски ги разнежни сите со својата игра на снегот!

Еспресо

Сопругата на Ѓани доживеала серија мозочни удари: „Таа е моето сонце, не би сакал ништо да ѝ се случи“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ објави снимка од средно училиште стара 15 години: Еве како изгледала и што зборувала тогаш

Еспресо

Хороскоп за 24 декември: Близнаците ќе имаат интересен флерт со нова личност

Еспресо

Позната српска пејачка реши да преработи песни на Марина Туцаковиќ: Фута конечно откри што мисли за тоа

Еспресо
Се вчитува....