Марина Петровска, велнес-советничка и менторка, преку сопственото искуство сфатила дека грижата за себе не е привилегија, туку неопходност. Низ годините, преку личното искуство и работата со жени, дошла до бројни сознанија за здравите навики и промените што можат да донесат подобар квалитет на живот. Со нашите читатели ќе споделува дел од своите искуства и совети, со желба да им помогне и на другите да направат чекор кон промена и подобар однос кон себе.
– Низ годините во кои работам со жени и им помагам да направат промена во своите навики, сум слушнала и видела безброј приказни.
Некои започнуваат затоа што сакаат да ослабат. Некои затоа што повеќе не се чувствуваат добро во своето тело. Некои сакаат повеќе енергија, подобра организација, повеќе движење и подобри навики. А некои едноставно чувствуваат дека е време конечно да направат нешто за себе.
И секоја од тие приказни на свој начин ме допрела.
Некои ги паметам по резултатите, некои по упорноста, некои по моментот кога првпат ќе се погледнат во огледало и ќе кажат: „Ова сум јас повторно.“
Но денес сакам да ви раскажам една поинаква приказна.
Не затоа што е најголемата трансформација што сум ја видела. Не затоа што бројката на вагата е најимпресивна.
Туку затоа што во неа има нешто што често го забораваме кога зборуваме за промена.
Нашата промена никогаш не останува само наша.
Понекогаш ние самите не ја забележуваме веднаш. Премногу сме внатре во процесот, премногу сме фокусирани на она што сè уште не сме го постигнале, па не гледаме колку всушност сме се поместиле.
Но ја гледаат другите.
Ја гледаат луѓето што нè сакаат.
Понекогаш дури и оние најмалите.
Приказната на Даниела започна како и многу други – со желба да промени нешто кај себе.
Да направи промена во начинот на кој живее, во навиките, во своето тело, во начинот на кој се чувствува. И, како што често се случува, имаше убави денови, но имаше и тешки. Имаше моменти кога веројатно најлесно било да каже: „Доста е. Се откажувам.“
Сите сме ги имале тие моменти.
Кога ентузијазмот од почетокот ќе помине, кога резултатите не доаѓаат толку брзо колку што сме очекувале, кога секојдневието ќе стане посилно од нашата одлука.
Но во нејзината приказна се случи нешто што мене особено ме допре.
Нејзината мала ќерка не ѝ дозволила да се откаже.
Зошто? Затоа што детето веќе видело промена. Не само во телото на мајка си. Ја гледало како оди на настани, како се дружи, како запознава нови луѓе, како се смее, како станува дел од една заедница. Ја почувствувало таа енергија.

Оној убав момент кога си опкружен со луѓе кои искрено се радуваат едни на други, кога некој те охрабрува, кога се смееш, учиш, растеш и чувствуваш дека припаѓаш некаде.
И девојчето го забележало сето тоа. Го почувствувало. Толку многу што и самото посакало да биде дел од таа приказна. И токму во моментите кога мајката можеби сакала да се откаже, нејзината ќерка ѝ покажала дека она што го прави има значење.
Можеби мајката во тој момент не ја гледала својата промена доволно јасно. Но ја гледало нејзиното дете.
И тогаш повторно се потсетив зошто толку многу години ме радува работата со жени.
Затоа што трансформацијата никогаш не е само бројка.
Не е само колку килограми покажува вагата.
Не се само сантиметрите.
Трансформација е и кога една жена повторно почнува да се грижи за себе.
Кога има повеќе енергија.
Кога почнува да се движи.
Кога повторно се радува на нешто.
Кога излегува од дома.
Кога стекнува нови пријателства.
Кога се чувствува убаво во својата кожа.
Кога нејзиното дете забележува дека мама е посреќна.
И можеби токму тоа е делот што најмногу го забораваме.
Никогаш не знаеме кој гледа додека ние се менуваме.
Можеби мислиме дека правиме нешто само за себе.
А некој друг преку нас добива храброст.
Некој друг гледа дека може да се започне одново.
Некој друг сфаќа дека промената е можна.
Можеби токму затоа секој нов 21-дневен циклус за мене не е само почеток на уште една програма.
Тоа е почеток на уште многу лични приказни.
Некој ќе започне со желба да ослабе.
Друг ќе сака да создаде подобри навики.
Трет ќе сака да има повеќе енергија.
Некој можеби само ќе сака повторно да се почувствува добро во своето тело.
И никој од нив на првиот ден не знае каде ќе го однесе таа одлука.
Но тоа е убавината на почетокот.
Не мора да знаеш како ќе изгледа целата промена. Понекогаш е доволно само да започнеш.
А можеби, некаде по патот, ќе сфатиш дека не си променил само нешто кај себе. Можеби си променил нешто и кај луѓето што те сакаат.
Како оваа мајка. Која можеби започна заради себе.
А денес има приказна која ја видела и нејзината ќерка.
И можеби токму затоа, кога зборуваме за трансформација, треба да престанеме да ја мериме само со вагата.
Затоа што некои од најважните промени едноставно не можат да се измерaт.
