Марина Петровска, велнес-советничка и менторка, преку сопственото искуство сфатила дека грижата за себе не е привилегија, туку неопходност. Низ годините, преку личното искуство и работата со жени, дошла до бројни сознанија за здравите навики и промените што можат да донесат подобар квалитет на живот. Со нашите читатели ќе споделува дел од своите искуства и совети, со желба да им помогне и на другите да направат чекор кон промена и подобар однос кон себе.
„Некогаш одамна, веројатно малку по 50-тата, нешто во мене почна да се менува.
Не се случи преку ноќ. Немаше некој голем момент во кој си реков: „Од денес ќе биде поинаку.“
Само почнав поинаку да го гледам времето.
Почнав да размислувам дека животот има свој тек. Дека е еден. Дека, колку и да не сакаме да размислуваме за тоа, има свој рок на траење.
И тогаш, за првпат посериозно погледнав наназад.
Што направив со времето што помина?
И сфатив нешто важно.
Не жалам за времето што сум им го дала на моите деца, на партнерот, на семејството, на луѓето што ги сакам, на пријателите, на соработниците. Тоа време не го сметам за изгубено.
Тоа е време што сум го инвестирала.
Во љубов. Во односи. Во луѓе. Во живот.
Но имаше едно друго време за кое денес жалам.

Времето што го потрошив размислувајќи што ќе кажат другите.
Времето во кое се обидував да бидам добра за сите.
Да не разочарам.
Да не се замерам.
Да не кажам нешто што можеби нема да им се допадне.
Да премолчам, иако имав што да кажам.
Да направам нешто затоа што „така треба“, наместо затоа што јас навистина сакам да го направам.
Колку само време сме способни да потрошиме обидувајќи се да бидеме доволно добри во туѓите очи.
А најчудно е што, додека се обидуваме да не разочараме никого, многу често се разочаруваме себеси.
После 50, нешто во мене едноставно рече: доста е.
Не затоа што повеќе не ми е грижа за другите.
Напротив.
Сè уште сакам да помогнам. Сè уште сакам да бидам тука за луѓето што ги сакам. Сè уште ми значат нивните чувства.
Но денес сфаќам дека и моите чувства се важни.
Денес можам да си дозволам слободен ден, дури и ако дома ме чека работа.
Можам да кажам: „Денес не можам.“
Можам да кажам што мислам.
Можам да кажам кога нешто не ми одговара.
Порано можеби ќе премолчев.
Денес сум погласна.
Не затоа што сакам да повредам некого, туку затоа што повеќе не сакам да се повредувам себеси со постојано премолчување.
И долго време она што денес го правам за себе го гледав како себичност.
Кога ќе видев некоја жена во повозрасни години како си го живее животот по свое, можеби некогаш ќе си помислев: „Колку е себична.“
Денес знам дека можеби воопшто не била себична.
Можеби само порано од мене сфатила нешто многу важно.
Дека и нејзиниот живот е нејзин.
После 50, сè повеќе чувствувам дека немам време за туѓите очекувања.
Немам време да бидам некоја друга за да им бидам поудобна на другите.
Немам време да се објаснувам за секоја моја одлука.
Немам време да се плашам дали некој ќе ме одобри.
Имам време за луѓето што ги сакам.
Имам време за она во што верувам.
Имам време за нови идеи, нови почетоци, нови места, нови луѓе.
И, конечно, сакам да имам време и за себе.
Не затоа што сум станала себична.
Туку затоа што конечно сфатив дека грижата за себе не е спротивна на љубовта кон другите.
Кога знаеш дека времето не е бесконечно, почнуваш поинаку да го избираш.
И денес, ако нешто би си кажала на помладата себе, би било:
Не го троши животот во обид да им бидеш доволна на сите.
Сакај ги своите луѓе. Биди тука за нив. Давај од себе.
Но не се губи себеси во тоа.
Затоа што еден ден ќе погледнеш наназад и нема да се прашуваш дали сите биле задоволни од тебе.
Ќе се прашуваш дали ти си го живеела својот живот.
А можеби после 50 не стануваме себични.
Можеби само конечно учиме да бидеме свои.
