14:00 - 25 септември, 2026

Ова се новите евровизиски претставници: Лила Филиповска ги најави двата нови албума на „Бендот на браќата Нуне“

„Ги гледаме ли пред нас новите евровизиски претставници? Тие се“, рече Лила Филиповска на почетокот на промоцијата на двата нови албума на „Бендот на браќата Нуне“, „Љубов“ и „Верувај ми“.

Со многу музика, шеги, позитивна атмосфера и голем број познати лица од македонската естрада, бендот го прослави и својот осумгодишен јубилеј. Промоцијата ја водеше Лила Филиповска, која во свој препознатлив стил во текот на вечерта се шегуваше со музичарите и ја одржуваше веселата атмосфера меѓу гостите.

Фото: Вангел Тауровски

Музичарите не се задржаа на вообичаено претставување на албумите, туку направија вистински мини-концерт.

Сите 16 песни од двата албума ги отсвиреа и отпеаја во живо, пред публика во која имаше бројни пејачи, музичари, водители и други познати лица.

Вечерта потоа продолжи во ритамот на двата сосема различни албума. „Љубов“ е фолк-албум, додека „Верувај ми“ ја покажува забавната страна на бендот.

На „Љубов“ се најдоа „Браќа Нуне свират вечерва“, „Сине“, „Верни другари“, „Ќе се вратам мајко“, „Верна љубов“, „Напи се брате“, „Прстен ѝ давам“ и „Тапаните силно ми чукаат“.
Албумот „Верувај ми“, пак, ги содржи „Љубов што е љубов“, „Верувај ми“, „Ништо не значи“, „Глеј“, „Живот“, „Еј, девојко, девојко“, „Љуби, љуби, љуби“ и „Љубовта е најскапа“.

Фото: Вангел Тауровски

Особено емотивен момент беше крајот на промоцијата, кога бендот ја отсвире песната „Сине“, посветена на Никола, синот на пејачката во бендот Мими Јовановска и нејзиниот сопруг, трубачот Филип Нуневски. Тригодишниот Никола им беше поддршка на родителите во првиот ред пред сцената.

„Ова е приказна која почна пред околу осум години, со промоцијата на нивниот прв албум, кој се викаше ‘По патот’. И тие така убаво си го одеа патот и стигнаа дотука. Потоа дојде и вториот албум со нашата Есма, незаборавна засекогаш, снимен во Лондон. А сега, замислете, трета среќа! Уште еден аплауз, трет албум, односно, албуми. Во денешно време, кога сѐ е полесно, нели, со Чат-џипити. Па, јас можам песна да напишам со вештачка интелигенција. Знаете дека знам и да пеам сега, но не сакам токму вечерва“, се пошегува Лила Филиповска.

Специјално изненадување на промоцијата беше настапот на познатиот српски виртуоз на хармоника Борко Радивојевиќ, кој важи за еден од позначајните хармоникаши во Србија и регионот. Во својата кариера соработувал со бројни познати музичари, а бил ангажиран и како шеф на оркестар во музичка програма на Радио-телевизија Србија (РТС).

Фото: Вангел Тауровски

„Навистина ми е чест и задоволство што вечерва сум тука и што дојдов во Скопје да свирам со моите пријатели. Секогаш е убаво кога музиката нè собира и кога сме заедно на сцена“, рече Радивојевиќ на промоцијата.

Двата албума имаат по осум песни, бројка која не е избрана случајно. Годинава „Бендот на браќата Нуне“ слави осум години постоење.

„Поводот е нашето осумгодишно постоење, а осумката е свртена во ‘инфинити’, што би значело дека нашата музика нема граници. Сметаме дека добро можеме да свириме и народна и забавна музика. Имаме два прекрасни вокали, Мими и Дац, имаме прекрасни инструменталисти, Слободан Геровски и Роберт Јосимовски. Добро се снаоѓаме и во народната и во забавната музика“, рекоа членовите на бендот.

За нив, велат, поделбата на народна и забавна музика е помалку важна од тоа песната да допре до слушателот.

„Музиката си е музика и дали е народна или забавна, за нас навистина не е важно. Важно е да биде убаво. Сите песни се правени со љубов и сѐ понатаму што ќе излегува од нас ќе се прави со многу љубов. А публиката тоа го препознава“, порачаа тие.

Според Филип Нуневски, љубовта е заедничката нишка што ги поврзува сите песни.

„Сметаме дека направивме песни кои ќе ги сакаат, слушаат и пеат сите генерации. Тоа и ни беше целта, секој да може да се пронајде во некоја од нив. Оттаму и темата во песните е љубовта во разни облици: меѓу двајца вљубени, љубовта во семејството, кон родителите и децата. Но, има и песни за разделба, бидејќи сме сведоци на иселувањето на младите и тоа не може да остане незабележано“, велат од бендот.

Музичарите имаат уште една амбиција, со авторските песни да остават нешто свое на македонската музичка сцена. Особено ги радува тоа што песните што досега ги објавија веќе почнала да ги бара публиката на нивните настапи.

„Не постои настап, а да не биде побарана некоја од новите песни. Тоа ни значи многу, бидејќи значи дека луѓето ги слушнале, ги запомниле и сакаат повторно да ги слушнат.

Сите нас во бендот нѐ држи музиката, но и почитта. Ние сме другари од детство и благодарни сме што имаме вакви луѓе во бендот. Ние сме тим каков што треба да биде. Среќни сме кога луѓето се среќни со убави песни и затоа целта на овој проект е да направиме музика што ќе им се допадне на сите“, порачаа тие.

Покрај музиката, вечерта имаше и хуманитарна страна. На промоцијата беше поставена кутија за донации за СОС Детско село, а гостите добија специјални УСБ-картички со песните од двата албума и можеа по своја желба да донираат.

 

Слични објави

Моминска вечер што ќе се памети – Резервирајте термин во Villa Diva и прославете со стил

Еспресо

(Видео) „Би сакал да ги кријам партнерите но не ми успева“: Сергеј Варошлија искрено за љубовта

Еспресо

Катарина Лазиќ на удар поради здравиот живот: „Почни да пиеш како Дарко, да не најде некоја слична на себе“

E.A.

(Фото) Жак Хоудек ослабел 30 килограми: „Би сакал да симнам уште 30“

Еспресо

(Фото) Маја Вукичевиќ горда на успехот на синот Горазд: „Срцето ми е исполнето со гордост и среќа“

Еспресо

Противотров за стресот: Возењето велосипед може да нè направи посреќни

Т.Ц.
Се вчитува....