3.8 C
Скопје
12:34 - 23 декември, 2024

Пасија што трае 70 лета: Бецко е еден и единствен

Од дете е по фудбалот, а уште спие со топка. За малку ќе го ангажирале за белградска “Ѕвезда“, ама го процениле дека е кафеански тип, па се откажале од намерата. На 70 години станува во 5 сабајле, трча, потоа тренира млади фудбалери, а околу 10 часот оди на чорба и пиво

Јордан Трајковски цело скопско Драчево го знае како Бецко. За себе кратко и јасно ќе каже:
“Од моите пет години чичко ми ме задои со фудбалот, а да ви кажам искрено и цела фамилија ми е по фудбалот.  Прво чичко ми, па јас, па Пане Блажевски, Деко Блажевски,  Пере Трајковски… И внуците ми се по фудбалот, едноставно сите дишеме за тој спорт“.

Бецко како играч за врска бил фудбалер за драчевски “Партизан“, настапувал за “Балкан“, “Треска“, „Братство единство“… Инаку цел живот страствено навивал за белградска “Црвена Ѕвезда“ и токму со овој клуб е поврзана и една негова голема животна анегдота. Имено, Јордан на времето важел за голем фудбалски талент, па тренерот на “Ѕвезда“, светски познатиот Миљан Миљаниќ дошол во Драчево да го скенира Бецко како играч, ама нашиот шеснаесетгодишник во тоа време бил активно ангажиран околу женскиот пол…

„Пубертетот ми удри во глава и само две работи ме интересираа, фудбалот и девојките. Тоа беше мојата голема грешка, требаше барем малку да одглумам пред Миљаниќ дека сум дисциплиниран спортски тип и ќе завршев на “Маракана“, ама пустото не ми се глумеше, јас сум тоа што сум и не сакам да продавам пуфки“, вели Бецко. Миљаниќ дојде во црн “Мерцедес“, виде со кој си има работа, му беше јасно дека не живеам спортски живот и си отиде. Шансата пропадна и нормално никогаш не се врати“.

Ова се случувало во далечната 1968 година.

ГИ ДРИБЛАВ КАКО МАЛИ ДЕЦА

Интересно е што Трајковски активно играл фудбал до својата педесетта година.

„Настапував за “Партизан“ во трета лига. Ги дриблав младите фудбалерчиња, им правев слаломи и ме фати срам за нив, па си реков- ај човече пензионирај се, не прави мајмуни од децата. Знам дека делува фалбаџиски, ама спортските муабети се такви, мора да има и малку шлаг на тортата. Како и да е, ги обесив копачките на ѕид после мојата педесетта година, но тоа не значеше дека се откажувам од фудбалот“.

Бецко станува тренер на женската екипа “Ломбардини“ со која го освојува државниот шампионат по што следувало учество во Лигата на шампиони по групи.

Инаку игралиштето познато како „Дупките“ се наоѓа во населбата Драчево на патот кон железничката станица. Ова игралиште е креација на Јордан кој со своите две раце ја има исчистено депонијата, посадено тревата, ги поставил головите и мрежите. Пред самиот терен има монтажен објект со соблекувални и едно мало апартманче каде живее Бецко. Тука е со децении и многу му е убаво. Секое утро станува околу 5 сабајле, трча петнаесетина кругови, а потоа следува тренинг со младите фудбалерчиња. Негови ученици биле Асани, Блажевски, Деан Георгиевски, Марко Георгиевски и многу други… Откога ќе заврши со тренинзите околу десет часот Бецко заминува во кафеаната „Комар“ каде се загрева со топла чорбица и се разладува со студено пиво…    

НАЈУБАВИОТ ДЕН ВО МОЈОТ ЖИВОТ

Во далечните осумдесети години од минатиот век имав кафуле и после натпреварот Вардар- Црвена Ѕвезда на гости ми дојдоа сите играчи на тогашна Ѕвезда. Цела вечер во Драчево лудо се журкавме со Панчев, Просинечки, Савичевиќ, Лучиќ… Паметам една ситуација, Просинечки видел паркирано моторче пред кафулето и го земал да се повози. Ми доаѓа едно девојче и ми вели- чичко Бецко, некој ми го украл моторчето. Еве ти го после пет минути Просинечки, се враќа со моторчето, а откога и го виде уплашениот лик на девојката без многу мислење и даде двеста марки, чисто колку да се почести. До толку се пиеше таа вечер што ми снема виски, па морав да позајмувам од другите драчевски кафулиња. Фудбалерите останаа до седум сабајле и тоа беше навистина луда журка, се потсетува Бецко.  

Ова беше приказната за седумдесетгодишната драчевска легенда Јордан Трајковски Бецко кој за себе ќе каже- фудбалот ми е се во животот, уште го сонувам и спијам со топка.

Слични објави

(Видео) Публиката ја исвирка Тијана Дапчевиќ: Пејачката го поздрави Ивица Дачиќ и наиде на критики!

Еспресо

Александра Пријовиќ го прекина последниот концерт: Свекрвата Зорица, во солзи, целосно скршена

Еспресо

(Фото) Ништо од венчавката вредна 600 милиони долари! Џеф Безос ја демантираше свадбата во Аспен, сè е лага! 

Еспресо

Хороскоп за 23 декември: Вагите ќе имаат љубовни проблеми, Скорпиите ќе бидат под тежок стрес

Еспресо

Славниот водител сподели тажни вести: „Никогаш нема да те заборавам, многу поминавме заедно“

Еспресо

(Фото) Сув луксуз: Петар Грашо вложил 160.000 евра во станот на планина

Еспресо
Се вчитува....