16.8 C
Скопје
20:27 - 16 април, 2024

Од Тарзан и Џон Вејн до Ајвармен: Разговор со Игор Јовчевски, стрип автор и илустратор

Деветта уметност или стриповите се уникатна уметност заради посебното спојување на визуелниот и пишаниот начин на создавање на приказните кои често се пренесуваат и на филмското платно.

За деветтата уметност кај нас разговараме со Игор Јовчевски стрип – цртач и илустратор, еден од момците кои го создадоа првиот македонски суперхерој – Ајвармен.  

има нешто што не може да се објасни во тие магични квадратчиња кои привидно се движат и раскажуваат некаква приказна. Фото – приватна архива

Игор црта откако знае за себе, неизлечив стрипоман е. Од неговата огромна љубов кон цртањето се „заразила“ и ќерка му Марија, па сега цртачите се мнозинство во семејството Јовчевски. Игор се држи до класиката во светот на цртањето и луѓето го препознаваат по тој негов печат.

Кога и како се запозна со стрипот?

– Имам чувство дека стрипот бил отсекогаш присутен кај мене. Цртам од најмала возраст, уште кога одев во градинка, но конкретно со стрипот првпат се запознав во трето одделение кога во еден од двата киоска во мојата населба здогледав насловна страна од стрипот „Тарзан“ од тогашни југословенски автори. Тоа беше љубов на прв поглед. Веднаш го купив и останав стаписан од убавината пред сè на цртежот. Веднаш си реков, кога ќе пораснам сакам и јас вака да знам да цртам. Од тој момент стрипот секој ден е со мене со несмален интензитет и љубов.

Како научи да црташ?

– Со оглед на тоа дека кај нас сè уште нема конкретна образовна установа, односно факултет, каде што стрипот се изучува како што треба и заслужува, научив да цртам сам. Освен стандардните часови по ликовно образование во основно и средно образование и два цртачки предмети во прва и втора година на Архитектонскиот факултет, други часови немам посетувано. Сè што има врска со конкретно цртање стрипови го учам сам. Сметам дека сè уште учам, затоа зборувам во сегашно време. Убавината на стрипот е и во тоа што секогаш има нешто ново да се научи. Учам анализирајќи стрипови на автори чии дела ги сакам и имаат големо влијание на мене, а такви автори има многу.

Која е причината за љубовта кон вестерн стил на цртање?

– Мојата љубов кон вестерн тематиките, во прво време вестерн филмовите започна многу одамна, кога бев „клинец“. Прво стапив во контакт со вестерн филмовите со Џон Вејн, кои тоа време често ги даваа на телевизија, но тогаш не бев толку обземен од целата вестерн магија. Вистинското вљубување беше кога ги гледав филмовите на Серџо Леоне, со неповторливиот Клинт Иствуд во главните улоги. Кога ги открив стриповите како Текс Вилер, полковникот Блубери, Команча и други, некако сликата се потполни. Отсекогаш ми била интересна целата таа магија околу класичните ликови од Дивиот Запад, нивниот имиџ, однесување, сите тие вестерн пејсажи, гратчиња, „салуни“ итн.

Која е магијата на стрипот?

– На ова прашање не верувам дека и поголемите познавачи од мене би имале конкретен одговор. Веројатно таа комбинација на цртеж, текст, кадрирање кое е слично и потсетува на кадрирањето во филмовите ја прави таа магија која вистинските љубители на стрипот ги обзема и никогаш не ги остава. Едноставно има нешто што не може да се објасни во тие магични квадратчиња кои привидно се движат и раскажуваат некаква приказна.

Имаш твој наследник?

– Може да се каже, колку и да е можеби рано за тоа. Мојата ќерка е вљубеник во цртањето и сега за сега знае што е тоа стрип, знае да ја следи приказната, знае да земе стрип од нашата стрип библиотека и да помине време разлистувајќи и анализирајќи како е тоа направено. Инаку често црта и очигледно напредува во тоа.

Како го откри талентот кај Марија?

– Лесно беше воочливо тоа кај неа. Од две, три години црташе релативно конкретни работи. Никогаш не чкрташе по хартијата, секогаш имаше некоја конкретна идеја и тек на цртежот.

Што најмногу сака Марија да црта?

– Сака да црта конкретни ликови од цртани филмови, како класични, така и ликови од понови и помодерни цртани. Ги работи претежно во акварел затоа што како што таа вели – можам убаво да сенчам. Не сака многу фломастери, но сака да сенча и со дрвени боички и молив. Во последно време покажува повеќе интерес за цртачка анатомија на човечкото тело и сака како и големите артисти да знае да црта фигури кои би биле многу реалистични.

Што би ги советувал љубителите на стрип уметноста?

– Па вака, кога се веќе љубители на стрип уметноста тоа значи дека цел живот ќе бидат, а тоа е убава работа. А за совет, хм, би им посакал да читаат добри стрипови кои ќе ги забавуваат, некогаш можеби замислат, некогаш насмејат, некогаш растажат. А младите љубители кои воедно сакаат да бидат и стрип автори би ги поздравил и би им препорачал да бидат истрајни, упорни, сејдневно да цртаат и напредуваат и нормално да се обидат да најдат начин своите дела да ги објават и на тој начин да ги презентираат пред другите љубители на стрипот.

Фото – приватна архива

Слични објави

Шокантни тврдења за двојниот живот на Џенан Лончаревиќ: Сосетка вели дека пејачот има дете со љубовницата

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ позираше во вежбална: Водителката ја покажа долната облека

Еспресо

Јелена Карлеуша му се закани на Тони Бијелиќ: Само ако продолжи на каков било начин да ја загрозува Драгана Мирковиќ…

Еспресо

(Видео) Среде улица пие алкохол: Харис Џиновиќ снимен како се теши по разводот со Мелина

Еспресо

(Фото) Синот на Драгана Мирковиќ се посвети на верата и црквата: Го „отследи“ татка си на Инстаграм

еспресо

„Се степав на училиште поради мајка ми“: Анастасија Ражнатовиќ си ја отвори душата за најтешките моменти од детството

Еспресо
Се вчитува....