За Хајди Клум (46) сите знаат дека е супермодел, но таа е и многу успешна жена. Нејзиното богатство минатата година беше проценето на 90 милиони американски долари.
Таа работела како актерка, пејачка и водителка, а беше и продуцент на шоуто „Project Runway”. Оваа позната германска манекенка има 4 деца и важи за многу успешна деловна жена.
Својата манекенска кариера, Хајди ја започнала со победа на натпревар за модели кој го организирал Томас Готчалк во своето шоу во 1992 година.
Набрзо ги освоила и меѓународните модни писти, работела за бројни дизајнери, а беше и еден од ангелите на „Викторија Сикрет”. Големиот успех во кариерата го доживеала во 1998 година кога се нашла на насловната страница на магазинот „Sports Illustrated”, а набрзо започнале да се нижат многу договори еден по друг.
Емисијата и проектот „Project Runway” бил вистински погодок бидејќи почетната плата од 1,3 милиони долари во текот на годините тројно се зголемила. Истото се случило и со германското шоу „Germany’s Next Topmodel“. Хајди се појавуваше и како член на жири во многубројни ТВ програми во Америка, а исто така е и успешна модна дизајнерка која многу добро ги продава своите колекции.
„Секогаш правам неколку работи одеднаш”, изјавила Клум во едно интерву, а дека тоа добро ѝ оди зборува и фактот дека од модел прераснала во успешна деловна жена со богатство од 90 милиони американски долари.
Убавата русокоса не штеди ниту кога станува збор за нејзините деца – таа за својата ќерка Лена неодамна организирала огромна роденденска забава која ја чинела вистинско мало богатство.