Сања Каракашова Христов е сопственичка и креативна сила зад брендот Jewelry Palace SJ, кој веќе седум години е присутен на македонскиот пазар. Со силно изразена уметничка чувствителност и љубов кон дизајнот, таа создава накит кој не е само моден додаток, туку приказна, емоција и начин на изразување. Инспирирана од уметноста, боите и личната креативност, Сања преку својот бренд ја пренесува пораката за самодоверба и љубов кон себе, создавајќи уникатни парчиња што ја слават индивидуалноста на секоја жена, а во продолжение прочитајте ја нејзината приказна.

Сè е убаво кога ќе го погледнеш со љубов.
Мојата љубов кон накитот почна од мали нозе. Тоа мало девојче кое секогаш сакаше да се кити (што би рекла мајка ми), да комбинира бои и материјали на накит и на тој начин да ја изразува креативноста, љубовта кон накитот, уметноста и боите.



Уметноста е моето второ јас. Од мали нозе цртам и сликам различни портрети на жива и мртва природа.
Морам да напоменам дека прв пат ме откри наставникот во петто одделение по ликовна уметност, кој ме научи дека не треба да се плашам да ги мешам боите, дека сè може да се поправи и дека мојот талент е присутен. Посетував секција по уметност и доста научив. Никогаш нема да го заборавам моментот кога мојот помал брат со очи полни восхит гордо ми рече: „Професорот по ликовно на твојата слика на час ни објаснуваше како се мешаат боите.“

Бев изненадена и пресреќна што тоа ми го кажува баш брат ми, мојата најголема инспирација и најголњм критичар. Станува збор за мртва природа „Сончогледи“, што долго време стоела изложена на ѕидовите во училиштето каде што завршив основно образование.

Со исто темпо продолжив и во средно училиште каде што мојот талент беше забележан од професорот по ликовна уметност и прилично научив за техниките за цртање и дизајн. Имаше момент кога професорот им кажа на моите родотели: „Детево ви е уметник.“ Тоа беше во четврта година од моето средно образование кога се одлучував за правец за високо образование.
Имав доста тешка одлука каде да продолжам да се надоградувам со знаење и по долги колебања правецот го сменив кон Информатичко образование, што во тие моменти беше во развој во Македонија.


Не продолжив по патот на уметноста, ама мојата душа си ја бараше. Како хоби цртав и таа моја љубов кон уметноста остана да живее.
Првото работно искуство во продажба на накит ми беше интересно и пронајдов како да го изразам мојот стил, креативноста и љубовта кон модата и накитот.
После долги години конечно ми се исполни мојата желба да отворам онлајн продавница и да понудам на пазарот дизајнерски накит полн со бои и приказни. Овде ги споив мојата љубов кон накитот, мојата уметничка душа и секако информатичките техники кои многу ми помогнаа да се котирам високо на пазарот и на онлајн пребарувачите.


Денес веќе седум години успешно градиме спомени, креираме моменти и создаваме љубов. Љубов кон накитот, модата, уметноста. Но најважно од сè, создаваме простор во кој секоја жена може да се пронајде и да се изрази со уникатни парчиња кои се внимателно избрани за секоја возрасна група и за сите вкусови и стилови.

Нема да застанеме да подаруваме љубов. И да им помогнеме на женита да пронајдат љубов кон себе.
Со љубов,
Сања Каракашова Христов





Накит со потпис на Jewelry Palace SJ – уникатни дизајнерски парчиња што зборуваат без зборови
