6.8 C
Скопје
12:14 - 22 декември, 2024

ИНТЕРВЈУ со Горан Трајковски, алијас доктор Горан: Би ми било предизвик да го реформирам зарѓаниот македонски здравствен систем!

Доктор Горан, доктор по интерна медицина, го следат речиси 50.000 следбеници на социјалните мрежи. Тој е најпознатиот инфлуенсер меѓу докторите и најпознатиот доктор меѓу инфлуенсерите. Македонец, кој сонот за подобро утре го однесе во Германија.

Татко ми е лекар и јас ги листав дебелите медицински книги и разгледував сликите уште од мал. фото-приватна архива

Како дојде на идеја за доктор-инфлуенсер? 

– Пред речиси 3 години додека бевме со Александра во Египет на одмор, после долго време пауза од социјалните мрежи решив да отворам Инстаграм. Иако ова не го памтам, сум ѝ рекол на Александра „направив Инстаграм и сега ќе станувам инфлуенсер“. Започнав со смешки и скечови како начин за опуштање од работа и за тренирање на закржлавената креативност, но со текот на времето сакајќи или не медицината си го најде патот и на инстаграм профилот.

Колку време си во Германија? 

– Шест години. 

Зошто замина? 

– Македонија веќе не беше плодна почва за мене во тој период кога заминав, многу фактори влијаеа за тоа, дел од нив (политичките) веќе сум ги спомнал. Но, како и во секоја интересна приказна главниот лик треба да го напушти домот и да замине на патување, авантура каде ќе се соочи со различните предизвици на светот и со своите демони, кои ако не го скршат ќе го направат посилен и поискусен човек. Така гледам и гледав на работите.
Се разбира, олеснителна околност кај мене беше што Александра е Германка па ми помогна многу со административните работи околу виза и наоѓање работа.

Ти недостасува ли Македонија? 

– Секогаш.

Би се вратил ли? 

– Некогаш… (се смее, н.з).
Сега за сега не е опција, основав фамилија овде и преземав одредена финансиска и професионална одговорност, а гледајќи ја сегашната ситуација во Македонија сметам дека Себастиан има подобри услови за неговиот психофизички развој овде.

Животот во Македонија наспроти оној во Германија, кои се позитивни а кои негативни страни? 

– Откако сум во Германија немам егзистенцијални проблеми, имам доверба и можам да се потпрам на административниот и бирократски апарат, има ред и култура која ја ценам и ми годи. Едноставно Германија ми понуди добри услови за живот и формирање фамилија.
Е сега, цената која ја плаќаш за тој подобар живот е работа, работа и уште работа, а малку слободно време, малку време за опуштање (abschalten) . Покрај тоа, купови пошта, писма и рокови кои треба да се запазат. Но она што најмногу ми фали и би ме натерало да се вратам е топлото македонско сонце.

Колку те промени родителството? 

– Родителството е една сериозна и тешка обврска, како ниедна друга. Но и љубовта е како ниедна друга. Ти ги менува приоритетите. Мојот живот сега зависи од животот на едно мало неспретно човече.  Наеднаш имам задача да оформам друг човек, друга личност, иако мојата личност е сè уште полна со маани и недостатоци. Тоа носи голема одговорност и сериозност со себе.

Сака ли и Басти да биде доктор? 

– Толку многу си игра со стетоскопот што ме заплашува дека сака (се смее, н.з).

Од мал ли сакаше да бидеш доктор? 

– Ќе испадне класична приказна, ама така и беше. Татко ми е лекар и јас ги листав дебелите медицински книги и разгледував сликите уште од мал. Најмногу ги гледав педијатриските случаи, генетски дефекти и се прашував која игра на природата довела до тоа. Имаше некоја мистерија која ме влечеше.

Беше ли тоа желба на твоите родители? 

– Татко ми разговараше со мене пред да се запишам на медицинскиот факултет и ми ја објасни тежината и жртвата на животот како лекар. Сакаше на некој начин да ме предупреди, но не и да ме премисли, сакаше да знае дека сум спремен за тој чекор и дека сум сигурен во одлуката.
Никогаш не сум осетил притисок да студирам медицина.

Неколку совети за добро здравје… 

– Добра храна, добра вода, добар воздух/средина и најважно добри мисли, здравјето само ќе си дојде. Организмот секогаш тежнее кон хомеостаза и здравје, ние сме тие кои обично стојат на патот. Нема тајна состојка, таен еликсир или таен суплемент кој ќе ви го врати здравјето.
Здравјето е како кокиче, се појавува кога има поволни услови.

Се разбира постојат одредени генетски состојби каде можноста за хомеостаза и постигнување здравје е нарушена и отежната, но епигенетиката не учи дека ние избираме кои гени ќе дојдат до израз.

Како ја запозна Александра? Беше ли тоа љубов на прв поглед? 

– Го памтам моментот кога првпат се сретнавме. Таа излегуваше од една градинка во Чаир, а јас влегував. Како студенти учествувавме на еден проект наречен Мече-болница чија цел беше меѓу другото да се намали стравот на децата од лекарите. Се разминавме на влезот, таа носеше пролетен розов мантил, ја погледнав и ми се допадна и ми остави впечаток… После неколку недели се видовме на мецицински конгрес во Охрид, но таа не беше воодушевена од мене и ме откачи неколку пати. Јас бев разочаран и прекинав да ѝ пишувам. Неколку дена откако прекинав комуникација таа ми пиша и ме покани на кафе. Типична приказна.

Се чувствуваш успешен? 

– Не, ама кога ќе размислам за 32 години имам постигнато доволно.

А среќен? 

– Некогаш да, некогаш не. Јас сум емотивен човек и знам да искусам емоции на двете страни на спектарот. Откако за првпат доживеав депресија се променија многу работи во мене. Го запознав страдањето на човекот. Сега знам дека животот е во фази, малку си горе, малку си долу, па ќе те снема. Целта во животот ми е да имам повеќе работи кои го прават престојот долу помалку лош и престојот горе уште подобар, а ќе им недостасуваш кога ќе те снема.

Каде за десет години? 

– Некаде каде што има повеќе сончеви денови.

Ќе биде ли доктор Горан следниот министер за здравство во Македонија? 

– Следниот тешко, ама во иднина зошто да не. Би ми било чест и предизвик да го реформирам тој зарѓан здравствен систем.

 

Слични објави

(Фото) Потресна објава на Милиќ Вукашиновиќ: По ампутацијата на ногата, умирам од болки, дома е хорор

Еспресо

(Фото) Тежок луксуз, облечена во десетици илјади евра: Џина Џиновиќ во Монте Карло рамо до рамо со најбогатите

Еспресо

Хороскоп за 22 декември: Бикот да го направи првиот потег, Скорпијата ја чека изненадување, а вие?

Еспресо

Луна и Марко открија колку заработуваат од Јутјуб: „Доволно за еден луксузен стан во Белград!“

Еспресо

(Фото) Јована Јеремиќ му се обрати на својот татко со низа трогателни пораки: „Сите ќе умреме! Ако ме нема утре, напишав историја“

Еспресо

(Фото) Цеца Ражнатовиќ без грам шминка: Вељко објави приватна фотографија од семејната вила

Еспресо
Се вчитува....