3.8 C
Скопје
22:39 - 20 декември, 2024

ЗАГЛАВЕНИ ВО ГАНА: Македонци бараат помош да се вратат дома

На платформите за нафта во Гана, Африка, има заглавено македонски граѓани кои се загрижени за својата безбедност поради целокупната ситуација со коронавирусот кој не го заобиколи ниту овој континент. Тие се обратија до редакцијата на Слободен печат со цел, како што велат, да апелираат до македонските власти да им овозможат на некој начин да се вратат во своите домови.

Според нашите информации, само на една од платформите има десетина Македонци кои работат за француската фирма Апаве, која има претставништво и канцеларии и во Скопје. Македонци има и на копно – во Гана и во Eкваторска Гвинеја.

Тие се загрижени и бараат начин како да се вратат во Македонија, бидејќи состојбата  поради коронавирусот и таму станува критична. Според нашите сознанија, странците (Британци, Германци, Французи, Сингапурци) кои работеле на платформите се речиси целосно евакуирани. Ако на пример, на една платформа имало 300 странци, сега се останати само неколкумина заради организирање на тековни работи, техничка поддршка, но и тие во наредниот период ќе се повлечат.

Свои луѓе повлекува и Америка. Меѓународниот аеродром во Акра, Котока, е затворен за комерцијални летови. Американците преку својата амбасада и властите во Гана организираат некои летови за свои граѓани. Тие за неколку дена ќе организираат чартер летови и од Џибоути.

Во моментот на платформата во Гана има Македонци и Срби и тие бараат решение, како да се извлечат, бидејќи ситуацијата станува сериозна. Луѓето кои не контактираа велат дека се загрижени за својата безбедност, бидејќи не знаат како ќе реагираат ганските власти во случај на дополнително влошување на состојбите. Тие, како што додаваат, се практично заглавени на платформата и воопшто во Гана, бидејќи има луѓе и на копно.

Дополнителна вознемиреност создава и тоа што на платформите има лимитиран пристап до интернетот, па стравуваат дека може да бидат целосно отсечени од светот. Посочуваат дека се пријавени на списоците во МНР, но од МНР немаат конкретен одговор дали и како ќе им се помогне.

Заробени во Гана

Покрај Македонци, во Гана се заробени и Срби, кои се надеваат дека властите од двете земји заеднички ќе организираат нивно враќање. Дејан Ч. во изјава за српски Блиц, вели дека по завршената работа требал да се врати во Србија, но засега тоа не му е овозможено. Тој заедно со уште неколу колеги, Срби и Македонци, во моментов се наоѓа на копно во една куќа.

– Во Гана сум од 29 февруари, работиме на нафтени платформи и имаме отприлика ротација месец дена во Србија, месец дена на платформа. Демобилизирани сме од проектот и тргнавме за Србија, но успеавме да стигнеме само до главниот град на Гана, Акра, затоа што е затворен аеродромот Никола Тесла и картите ни се поништени. Го контактиравме почесниот конзул на Србија по мејл, но немаме никаков одговор, нашата логистичка поддршка од Србија ја контактираше амбасадата и им даде наши податоци и засега е само тоа. Засега четири лица се на копно и во текот на следната недела се очекува уште пет лица да заминат од платформите. Нашата логистика се уште не ни дала конкретен одговор, освен дека се трудат да не вратат што е можно поскоро. Во моментов се наоѓаме во една куќа во Акра со колеги од Северна Македонија. Повеќето колеги, вклучувајќи ме и мене, имаат мали деца и сопруги кои се сами дома – раскажува тој за Блиц.

АПАВЕ: Сите Македонци да ги контактираат своите претпоставени

Слободен печат се обрати до фирмата Апаве која организира работа на платформи во Африка. Од канцеларијата во Скопје ни одогворија дека состојбата во Гана е безбедна, дека Македонците нема за што да стравуваат и дека за било што треба да ги контактираат своите претпоставени.

– Ние како компанија имаме формирано кризно тело кое ги следи состојбите со коронавирусот во светот. Македонците кои се таму нека ги контактираат своите претпоставени и за било што нека им се обратат. Проблем е што аеродромите и границите секаде се затворени. Нема како да се вратат. Во постојан контакт сме и со македонското МНР. Засега проблеми на платформите нема. Луѓето работат и за тоа се исплатени – велат од Апаве.

Оттаму ја потврдуваат информацијата дека странски фирми ги повлекуваат своите работници, но не затоа што ситуацијата е небезбедна, туку затоа што нема работа.

– Вие гледате дека секој ден цената на нафтата вртоглаво паѓа. Клиенти ни откажуваат зделки, работат со огромни загуби и кога нема потреба од работници, нормално е истите да се повлечат, бидејќи немаат како да се платат. Сепак, не може да се испразни цела платфрома. Мора да остане технички персонал кој ги одржува работите.  Ако сака некој да си оди нека го исконтактира својот менаџер таму и обавезно да комуницираат со колегите и претпоставените. Ќе видиме како ќе биде и како ќе се одвива целата ситуација. Имаме протоколи кои ги следиме – додаваат од Апаве.

МНР: Засега чартер летови само во Европа

Од Министерството за надворешни работи велат дека постојано се во комуникација со колеги од други држави со цел да се организираат хуманитарни летови и конвои за враќање на сите македонски граѓани. Македонците кои се во Африка, велат од МНР, нека се пријават и штом ќе има решение за нив, веднаш ќе бидат контактирани.

Како што веќе соопшти министерот за надворешни работи, Никола Димитров, со хуманитарни летови ќе се враќаат во земјава македонските граѓани кои се заглавени во трети земји, но кога ќе се вратат ќе мора да поминат 15 дена во државен карантин. Според него, најмногу такви граѓани има во европските држави.

– Направивме еден пресек. Бројката варира, дел од луѓето успеваат можеби во меѓувреме. Се зголемува исто така евиденцијата. Значи зборува за бројка од некаде 2.300 македонски граѓани низ целиот свет – рече неодамна Димитров.

Димитров информираше дека во фокус за извлекување ќе бидат земјите каде има поголема концентрација на наши граѓани, но предупреди дека тоа нема да може да се прави континуирано поради голема организација и трошоци.

– Нема да имаме ресурси за чартери кон Тајланд и Нов Зеланд, на пример, од каде имаме по еден пријавен граѓанин. Ќе бидеме фокусирани на европските земји од каде доаѓаат најмногу барања – изјави Димитров.

Потребни податоци кои македонските граѓани е потребно да ги пријават се:

– име и презиме

– број на патна исправа

– контакт телефон

– земја и град каде се наоѓаат

– дали имате регулиран престој во која било странска држава

Телефони за пријавување:

075 27 37 32 (редовна линија, Viber, WhatsApp)

071 25 34 30 (редовна линија, Viber, WhatsApp)

072 30 68 45 (редовна линија, Viber, WhatsApp)

075 44 66 47 (редовна линија)

Електронска пошта:

[email protected]

Лицата кои ќе се вратат со чартер летовите при влез во авионот ќе потпишуваат договор меѓу нив и Владата во кој ќе гарантираат дека ќе ја подмират сумата за авионскиот билет во рок од 15 дена по пристигнувањето во земјава. Но, ќе пополнат и изјава дека се согласни да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена. За нивни трансфер од Меѓународниот аеродром Скопје до местата што се определени за државен карантин ќе биде организиран превоз.

The post ЗАГЛАВЕНИ ВО ГАНА: Македонци бараат помош да се вратат дома appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....