Со посебни протоколи за работа и максимално почитување на мерките за претпазливост од Ковид-19, од денеска можат да работат и внатрешните делови во угостителските објекти ширум земјава.
По првиот бран од олеснувањето на рестриктивните мерки, кафулињата и рестораните кои имаат тераси добија дозволи за работа до 22.00 часот, а сега под посебно утврден протокол гости ќе можат да се примаат и во внатрешните делови.
Исто како и за отворениот дел, така и во затворените делови на угостителските објекти вработените ќе мораат да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на рацете.
Се ограничува и бројот на гости, ќе се послужуваат само гости кои може да седат и лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки. Не е дозволено послужување на гости преку стоење на шанк и стоечки маси.
Во внатрешните делови останува да важи мерката за обезбедување на растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столчиња може да седат и да се послужуваат максимум две лица.
Дозволен е максимален број на 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1.5 метри, како и задолжително поставување на дезинфекциско средство за раце на секоја маса.
Според од она што го најавија од Влада, потребно е да се воведат засилени внатрешни контроли на вработените од страна на лице кое ќе биде одговорно за одржување на личната хигиена во сите фази на подготовка, прием и послужување на храната.
На крајот на смената задолжително е механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот.
Останува забраната за организирање на прослави, како свадби, родендени, крштевки и слично.
The post Внатрешните делови на угостителските објекти почнуваат со работа: Почитување на мерките и максимално одржување на хигиена (ФОТО) appeared first on Слободен печат.
Внатрешните делови на угостителските објекти почнуваат со работа: Почитување на мерките и максимално одржување на хигиена (ФОТО) was first posted on јуни 26, 2020 at 11:34 am.