-0.2 C
Скопје
10:11 - 23 декември, 2024

Стратегија против постојаната ерупција на корупцијата

Македонија е хронично зафатена од корупција која ги загрозува сите нејзини витални делови, борбата против неа не дава видливи резултати, а сликата за таа состојба се влошува. Индексот на перцепција на корупцијата во 2019 година, што вчера го објави организацијата „Транспаренси интернешнл“, ја смести Македонија на 106 место од 180 држави, што е назадување во рангирањето за 13 позиции во однос на 2018 година кога земјата била на 93 место.

Според Слаѓана Тасева, претседателката „Транспаренси“, надолниот тренд во борбата против корупцијата трае од 2012 година и убедливо сме најниската позиција од сите земји во регионот. Најголем предизвик е да се контролираат судирот на интереси, финансирањето во политиката и да се сузбие повластениот третман во сите сфери. Со други зборови, како што рече Тасева, „да нема недопирливи, како што има денес недопирливи за каква било реакција од судските власти“.

– Рангирањето е врз основа на показателите за последните две години, што ќе рече дека оваа година се вративме на нивото пред изборите и пред промената на власта во 2016 година. Оваа порака треба да не загрижува и сериозно да се побара и да се очекува промена на барањата од политичките субјекти пред изборите во април. Во годините што претстојат неопходни се натамошни суштински реформи во борбата против корупцијата – рече Тасева.

Стратегија има, фалат луѓе и пари

Дел од реформата за искоренување на ова рак-рана на општеството е најновата „Национална стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси 2020-2024“, со Акциски план на Антикорупциската комисија, која деновиве беше доставена во Собранието. Антикорупционерите ги лоцирале проблемите и предвиделе мерки и законски измени за сузбивање на корупцијата. Борбата ќе се води буквално во сите општествени сектори: јавните набавки, вработувањата, политичкиот систем, правосудството, полицијата, здравството, образованието, социјалната политика, урбанизмот, животната средина, спортот, економијата и бизнисот, јавни претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата, локалната самоуправа, медиумите и граѓанското општество!

– Цврсто веруваме дека борбата против корупцијата и судирот на интереси е можна само ако се создаде широка општествена коалиција од институции, граѓански организации и од невладиниот сектор. Поддршката и заедничките заложби се единствен начин што ќе доведе до подобрување на состојбите и до враќање на довербата во институциите. Стратегијата, откако ќе биде донесена во Собранието, ќе биде добра основа за постигнување на оваа цел – рече претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска при предавањето на документот на спикерот Талат Џафери, од кој доби поддршка и најава дека усвојувањето на Стратегијата се очекува во почетокот на февруари.

Од друга страна, Тасева вчера посочи дека Антикорупциската комисија сама по себе не е доволна, бидејќи не и се дадени доволно ресурси за да може да работи. И особено поради тоа што по одлуките на антикорупционерите нема никаква реакција, никој понатаму не ги спроведува.

Антикорупционерите повеќепати истакнуваа дека имаат голема волја да ја исполнат својата задача, но немаат доволно материјални и кадровски потенцијали, односно седумте члена на Комисијата и останатите соработници не се доволни за нивниот обем на работа. Токму тоа го акцентираат во последниот, но не најмалку важен пасус во Стратегијата: „Важен момент за имплементацијата се ресурсите. Во оваа стратегија, човечките ресурси се најважниот столб, а потребни се и материјални ресурси за непречено одвивање на борбата против корупција. Потребно е да се обезбеди целосна поддршка на овој процес, зашто резултатите се клучни за поместување кон напред на македонското општество“, се наведува во документот.

Инспекторите имаат најлепливи прсти

Антикорупционерите заклучиле дека највисоко влијание во перцепцијата за корумпираност имаат јавните набавки и инспекцискиот надзор, кои кореспондираат со сите други категории. Многу висок ризик од корупција има при вработувањата во јавниот сектор, издавањето одобренија, решенија, лиценци и дозволи, како и при доделувањето грантови, субвенции и државна помош.

„Заеднички именители кај сите анализирани сектори се силното политичко влијание во јавниот сектор, проблемите во владеењето на правото што резултираат во ниска стапка на санкционирање на коруптивното однесување, недореченостите во правната регулатива кои оставаат простор за злоупотреби и кои поттикнуваат на коруптивно однесување, проблемите со интегритетот на човечкиот фактор на ниво на општество и контролните механизми во јавниот сектор“, констатирале антикорупционерите.

Најголем проблем во правосудството, според документот, е тоа што нема интерес кај судиите и обвинителите да го зајакнат интегритетот, нема доволно кадар и пари, предметите во ЈО се уште се распределуваат рачно, а Државното правобранителство не комуницира со јавноста.

„Таквата состојба е неприфатлива, особено имајќи го предвид фактот дека непристрасното и доследното извршување на судиската и јавнообвинителската функција е од круцијално значење за овој сектор“, се вели во стратегијата во која се предлага да се промени Законот за судовите, етичкиот кодекс на судиите, а тие да одат на задолжителни обуки.

За секој анализиран сектор има понудени низа решенија и измени на закони, како и рокови за нивното исполнување.

The post Стратегија против постојаната ерупција на корупцијата appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....