13:54 - 19 април, 2024

Стефанија Гаштарска и нејзината мајка Марија: Многу се жртвувавме и двете, но нè тешеше фактот дека успешните приказни се тешки

Наши соговорнички се две убавици, две балерини, две жени борци, мајка и ќерка, Марија Крстевска, балерина, солист во Македонската опера и балет и дипломиран балетски педагог и репетитор и Стефанија Гаштарска, првата Македонка што стана дел од ансамблот на престижниот руски театар „Баљшој“.

Марија Крстевска

МАРИЈА: НЕ МИ ИЗЛЕГУВА ОД ГЛАВА МОМЕНТОТ КОГА ЈА ОСТАВИВ ПРЕД ИНТЕРНАТОТ

И самата си балерина, да ни објасниш што за една балерина значи да стане дел од ансамблот на престижниот руски театар „Баљшој“?

– Да се стане дел од ансамблот на престижниот руски театар „Баљшој“ е сон на секоја балерина. Желба, која за жал, на повеќето им останува само сон. Да се биде артист во врвен светски театар како што е „Баљшој“ е престиж, привилегија и огромна чест, која им припаѓа само на највредните, најталентираните, најамбициозните и најпожртвуваните.

Инспирирана од мајка си, Стефанија од „мали нозе“ живееше со балетот, на што ја учеше ќерката, од што ти требаше да се откажеш за да помогнеш во реализација на сонот на ќерката?

 Jа учев да сонува „на големо“, да си го следи сонот и да не се откажува, колку тоа и да изгледа недостижно и нереално. Да работи многу, да не се разочарува, да не се откажува и да не дозволи никој да влијае на нејзината самодоверба. Освен физичките предиспозиции, една врвна балерина мора да поседува и јака психа, притисокот на сцена не може секој да го издржи. Стефи поседува сè што е потребно за една врвна балерина. Стефи е родена да биде на сцена, а јас за среќа тоа го забележав кога сè уште повеќето мислеа дека тоа е само мое субјективно мислење. Колку што ќерка ми веруваше во себе, толку и јас верував во неа, дури и повеќе, и тоа е клучот, поддршката е ветерот во грб. Патот до „Баљшој“ беше многу долг, многу откажувања, многу жртви, многу работа… Тешко се обезбедуваа финансии за сите тие натпревари, немавме можности да купиме костими, па ги шиев заедно со татко ми, иако двајцата немавме никакво кројачко искуство, но имавме огромна желба и љубов. Многу убава енергија имаше во тие костими и некако верував дека тие костими ќе ѝ донесат среќа. Едвај се снаоѓавме, но никогаш не престанавме да се бориме и не отстапив од идејата Стефи да оди да се школува во Русија. Бев убедена дека на натпреварот во Перм ќе го препознаат нејзиниот потенцијал и квалитет и ќе ја поканат да се школува таму, и точно тоа се случи, на наша огромна радост, но потоа следуваше тешкиот дел, да се обезбедат финансии. Жалното беше што на толку труд, работа и успеси што ги постигнуваше, секој година беше неизвесна дали ќе може да продолжи, односно дали ќе можеме финансиски да го поднесеме товарот, но никогаш не се откажавме. Стефи е дете со вонсериски квалитети, вродени танцувачки вештини, харизма, сценичност… Тоа е нешто што или го имаш во себе или не, тоа не се учи, со тоа се раѓаш. Амбициозна е и многу вредна, скромна, сама во светот на врвниот балет, без врски, без нереално форсирање, сосема сама, но со голема цел пред себе. Стефи го заслужува овој успех.

Кога ја прашував ,,Стефи, како издржуваш?“, ми одговараше ,,не издржувам, убаво ми е, цел ден сум во сала“.

Сигурно не било лесно да се бодри сопствената ќерка од далечина, да посакаш да ја гушнеш кога најмногу ѝ треба, со оглед на тоа што Стефанија се образоваше во Русија, како емотивно го поминуваше тој период, кои беа најголемите предвизици, тешкотии, болки и радости?

– Тоа е најтешкиот дел од приказната. Не ми излегува од глава моментот кога ја оставив пред интернатот во Перм на нејзини само 14 години, колку само солзи и тага. Но од друга страна, тоа беше шанса што се пружа еднаш во животот, и двете бевме свесни дека не смее да се пропушти. Многу, многу се жртвувавме двете, но нè тешеше фактот дека најчесто успешните приказни се тешки. Беше толку мала, а толку решена да си го оствари сонот, што е за восхит. Кога ќе ја прашував ,,Стефи, како издржуваш?“, ми одговараше ,,не издржувам, убаво ми е, цел ден сум во сала“. Пресреќна беше што цел ден го поминуваше во сала, но секако ѝ фалеа домот и семејството. Тие четири години ни донесоа и тешкотии, но и многу блескави моменти, кои секако немаше да се случат доколу не жртвувавме нешто. Тагував што не бев присутна на сите нејзини важни настапи да ѝ пружам поддршка и да знае дека во тие ѕвездени моменти не е сама, но секако имаше и такви на кои присуствував, и тоа се тие моменти што сакаш вечно да траат и ти помагаат да ги заборавиш тешките.

Се случило ли досега заедно да настапите на сцената, би сакале ли заедно да настапите и во која балетска претстава?

– Секако дека се случило, настапувавме заедно на сцената на МОБ во претставите „Петар Пан“, „Лебедово езеро“ и „Снежана и седумте џуџиња“, каде што таа ја играше Снежана, а јас лошата кралица.

Колку и каква дисциплина е потребна за да го задржиш беспрекорниот изглед?

– За една балерина многу е важен здравиот начин на живот. Никако не препорачувам диети, туку само здрава, умерена, избалансирана исхрана, богата со многу витамини. Кај нас дома се јаде овошје и зеленчук во изобилие, не консумираме месо бидејќи Стефи е вегетаријанка, не пиеме газирани пијалаци. Нормално, знаеме да направиме по некоја отстапка, но важно е сè да биде умерено.

СТЕФАНИЈА: НЕМАМ ВРЕМЕ ДА ПРАВАМ РАБОТИ ШТО СЕ СВОЈСТВЕНИ ЗА МОИТЕ ВРСНИЧКИ

За да се стигне онаму каде што си сега, неопходни се бројни откажувања, кои беа твоите откажувања уште од мало девојченце, ти недостигаше ли нешто што твоите врснички го правеа, а ти немаше време за тоа?

– Уште од малечка бев свесна за тоа колку работа, жртви и откажувања се потребни за да ја остварам целта што си ја имав поставено. Мене најголемо задволство ми претставува балетот и најубавите моменти ми се моментите што ги поминувам во сала. Вистина е дека сè што се прави со љубов не е тешко, јас сум жив доказ за тоа. Колку и да се напорни пробите, вежбите, кои некогаш траат и по цел ден, и кога чувствувам дека немам ни атом сила во мене, пресреќна сум што ја имам таа можност да го живеам мојот сон. Свесна сум дека немам време да правам работи што се својствени за моите врснички – излегувања, забавување, но мене тоа не ми недостасува, никогаш тоа не ми било важно, ниту приоритетно.

Стефанија Гаштарска

Како изгледаше животот поминат во вежбање, далеку од дома? Каде престојуваше во Русија? Ти недостигаше ли семејството? Со кого се дружеше? Што те охрабруваше?

– Секако, да си далеку од дома на 14 години е многу тешко. Тоа е нешто што најмногу ми недостасуваше, да бидам со моето семејство, со мајка ми, баба ми, брат ми. Но тоа е цената на успехот што мораше да се плати и бев свесна за тоа. Во Русија живеев четири години во интернат. Секако, развив многу пријателства, кои сигурно ќе траат. Сите бевме таму во истата ситуација, сами, понекогаш и тажни, но се дружевме и си помагавме… Ме охрабруваше фактот што на оваа Академија можам да го добијам комплетното врвно образование не само по балет, туку и по општообразовните предмети. По завршувањето на Академијата поткован си со знаење и технички си подготвен да се носиш со предизвиците што следуваат, а тоа секако е тетарот „Баљшој“.

За една балерина клучен е и режимот на исхрана, како изгледа твојот режим на исхрана?  

– Се хранам здраво, вегетаријанка сум, јадам риба и обожавам авокадо. Здравиот начин на исхрана е многу битен во оваа професија, затоа никако не препорачувам диети, бидејќи на телото му треба сила да ги издржи напорните тренинзи, но затоа препорачувам многу зеленчук и овошје, а од слатки исклучиво црно чоколадо.

Ти дошло ли некогаш толку тешко да си кажеш, не можам веќе, ќе се откажам? Кој или што во тие мигови бил твоја најголема потпора?

– За среќа, никогаш не ми дошла таква мисла во главата, па дури и тогаш кога ми било многу тешко, никогаш не помислив да се откажам. Секако, и во убави и во тешки моменти до мене беше и ќе биде мајка ми, дури и кога физички не е присутна, секогаш ја имав и ќе ја имам нејзината поддршка. Никогаш немаше да стигнам тука каде што сум сега да не беше таа, заедно се боревме и се изборивме.

Мојата единствена цел е да го постигнам тоа за што цел живот мечтаам и напорно работам, а тоа е да станам следната примабалерина во театарот „Баљшој“.

Што значи да се биде дел од ансамблот на театарот Баљшој? Дали тоа ти гарантира светла иднина, поголема сигурност, побезбедни финансии?

– Да се биде артист на театарот „Баљшој“ е најголемата желба на секоја балерина и врвно искуство. Да се работи во театар со толку голема традиција како „Баљшој“, каде што настапувале најголемите балетски имиња во историјата на балетската култура е луксуз кој не може секој да си го дозволи. Голема шанса за успешна кариера, но дали сè ќе се одвива како што сум замислила дефинитвно не зависи само од мене, но искрено се надевам дека ќе добијам шанса да покажам дека заслужувам да бидам дел од таа сцена.

Што значи за тебе слава? Која е твојата следна цел? Би рекла за себе дека си славна кога би…?  

– Мојата единствена цел е да го постигнам тоа за што цел живот мечтаам и напорно работам, а тоа е да станам следната примабалерина во театарот „Баљшој“.

 

 

The post Стефанија Гаштарска и нејзината мајка Марија: Многу се жртвувавме и двете, но нè тешеше фактот дека успешните приказни се тешки appeared first on Слободен печат.


Стефанија Гаштарска и нејзината мајка Марија: Многу се жртвувавме и двете, но нè тешеше фактот дека успешните приказни се тешки was first posted on јуни 8, 2020 at 10:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....