Македонската полиција и службите за безбедност детално ја проверуваат можната македонска фундаменталистичка конекција на убиениот терорист од Виена, македонскиот државјанин Кујтим Фејзулаи , кој освен македонско, имал и австриско државјанство.
За терористичкиот акт во Виена, Исламска држава ја презеде одговорноста. Осуда за терористичкиот акт во Виена за кој постојан јасни докази дека го извршиле три лица со потекло од Македонија пристигнува од цел свет.
Во Македонија, како што велат за „Слободен печат“ од МВР, се собираат сите податоци за семејството на Кујтим Фејзулаи, нивните евентуални врски и конекции со стариот крај, а се испитува и „историјата“ на уште две лица за кои постојат докази дека се македонски државјани, а се вмешани во терористичкит акт.
Австриската полиција преку Европол достави барање за соработка и информации околу овој случај и од страна на Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се постапува, тврдат од полицијата.
– Вчера од австриската полиција, преку Европол, до Министерството за внатрешни работи беше доставено барање за соработка и информации околу терористичкиот напад кој се случи синоќа во Виена. Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица покрај австриското имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К.Ф. (роден во Модлинг, Австрија), А.Г. (роден во Сент Полтен, Австрија) и У.А. (роден во Виена, Австрија). Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај – велат од МВР.
Кујтим Фејзулаи се радикализирал во област позната на разузнавачките служби
Кујтим Фејзулаи на 25 април минатата година во Австрија бил осуден на 22 месеци затвор поради обид да отпатува во Сирија за да се приклучи на Исламската држава. Засега се знае дека тројца македонски државјани родени во Австрија се наоѓаат на листата осомничени за терористичкиот напад во Виена.
Покрај Фејзулаи, кој е застрелан од австриската полиција осомничени за терористички напад во Виена се најдоа и Арџент Ганији и Узеир Авдили. На списокот на осомничени за нападот има и две лица од Косово. Дваесет годишниот Фејзулаи е роден во Австрија. Неговите родители потекнувале од тетовското село Челопек. Тој завчера вооружен со автоматска пушка, пиштол и мачета учествуваше во терористичкиот напад во главниот град на Австрија во кој беа убиени четири лица.
Кујтим Фејзулаи, кој е роден во Австрија, израснал во Медлинг каде како помал бил талентиран фудбалер. Учел во средното техничко училиште Отакринг кое подоцна го напуштил. Пред само пет години Фејзулаи бил фудбалер кој покажувал голем потенцијал на фудбалскиот терен. Играл за виенски клуб и бил омилен во него. Никому не му е јасно како едно мирно момче и талентиран спортист станал крволочен убиец и терорист.
Наместо да се школува, тој избрал да го следи патот на радикални проповедници. Во септември 2018 година, Кујтим полетал од аеродромот во Виена до Истанбул и понатаму кон Хатај. Но, синот на градинар и домаќинка не пристигнал во Сирија. Тинејџерот е уапсен и вратен во Австрија. Мајката очајно го осудува својот син.
Адвокатот Николаус Раст за Хеуте се присетува на деталите: Никогаш не би застапувал религиозен фанатик. Го прифатив само за неговата мајка, потполно западна жена, која седна плачејќи со мене и ме праша„ Каде згрешив?“ вели Раст.
-Службите постојано треба да бидат подготвени. За мене не е ништо ново – нападнати се центрите на големи градови. Целта е постигната – цел свет дознава за активностите на терористите. Сигурен сум дека службите во Европа се свесни дека проблемот не е на Блискиот исток, туку тој е тука. И понатаму ќе постојат вакви предизвици. Младите луѓе за жал не ја добиваат потребната поддршка за нивна дерадикализација. Се повеќе млади луѓе од одредена вероисповест, прибегнуваат кон тоа да ги напаѓаат средините во кои живеат. Во случајот со Виена видовме дека таму растеле, се школувале и еве на кој начин одговраат кон државата. Уверен сум дека ова е негативен тренд кај младите, кој нема поддршка кај повозрасните изјави во Утрински брифинг, експертот за безбедност, професорот Никола Дујовски.
-Македонија во оваа ситуација не може многу да помогне ниту да одмогне. Ќе ги дадеме сите потребни податоци со кои располагаме, но повеќе од тоа не можеме. Видовме дека тоа момче е од с. Челопек кое воопшто не било во Македонија, ниту па имало контакти овде, што не значи дека нема поддржувачи на ваквата идеја овде во државата, смета Дујовски, кој вели дека ние како држава треба да се погрижиме младите луѓе кои што се радикализирани, навремено да ги дерадикализираме, да не ни се случи сличен напад како овие во Европа. Брзата реакција на полицијата говори за тоа дека системот не потфрли барем во делот на брзо разоткривање на ова кривично дело и превенирање состојбата да не излезе од контрола, вели тој.
The post Се проверува „македонската врска“ на убиениот австриски терорист Кујтим Фејзулаи appeared first on Слободен печат.
Се проверува „македонската врска“ на убиениот австриски терорист Кујтим Фејзулаи was first posted on ноември 4, 2020 at 11:34 am.