18.8 C
Скопје
21:27 - 29 април, 2024

Психолог Радмила Живановиќ со совети за родителите како да си помогнат себеси и на децата во услови на вонредно образование

Родителите на учениците во основно образование веќе трета недела се снаоѓаат како знаат и умеат за да „фатат чекор“ со учењето на далечина што се наметна заради заканата од коронавирусот. Илјадници домови се претворени во училници, а родителите во наставнци кои мора да решат бројни проблеми, од набавка на компјутер и разни програми за видеоконференциски врски со наставниците, до слободно време за исполнување на бројните задачи. Притоа треба да го сочуваат своето ментално здравје, за да не си наштетат себеси и на децата, а притисоците секојдневно растат. Од пред три дена на учениците им е најавено и дека ќе добиваат оценки за постигнатиот успех во овој период додека трае вонредната состојба, што  дополнително ги оптовари и нив и родителите, кои реагираа дека не е фер да се врши оценување кога не се обезбедени подеднакви услови за учење на сите деца.

Психологот и психотерапевт Радмила Живановиќ вели дека примарната улога е родителската, а родителиве во овој период се под зголемен стрес и затоа треба да дозволат образованието од дома да се одвива со темпо кое е соодветно за детето и во согласност со семејните услови и семејната динамика.

– Оваа вонредна ситуација бара брзи адаптации кои не можат да се случат толку брзо и да бидат толку адекватни затоа што се јавуваат во принудни услови, а не во услови кои ние ги избираме за себе. Образованието на децата од дома е само една од тие значајни адаптации, но не и единствена. Ова не е нешто за што сме се подготвувале, сме развивале вештини и се чувствуваме спремни како родители да одговориме. Нашата примарна улога е родителската, која претежно има негувачки, грижлив и воспитен аспект и истата се реализира преку поинакви помалку структурирани и понеформални начини на контакт и комуникација, додека родителот како наставник во суштина го спроведува само она што дотогаш го знае и го има како искуство од досегашниот образовен процес со себеси и со своите деца. Ми се чини дека и неможноста да се најде флексибилност во приодот, да се даде можност секој со своето темпо да работи и да сработи онолку колку што е во можност, создава голема фрустрација кај родителите и го нагласува работниот и родителскиот стрес кој веќе родителите секако го имаат со промените – вели  Живановиќ од здружението Психотерапика.

Таа ги советува родителите да ги прилагодат зададените инструкции на она што му одговара на детето во овој момент и во оваа ситуација, затоа што детето има и други комплексни потреби освен образовните. Процесот треба да се прилагоди и на семејната динамика затоа што не може да се очекува досега незаинтересирани родители за учењето на децата сега конечно да се вклучат, како и премногу ангажираните родители сега да се опуштат.

– Сите овие тенденции кај родителите само ќе се нагласат, се додека не се разбере и потребата на родителот за каков наставник сака да биде на своето дете – некој од кој детето ќе се плаши или со кој ќе соработува. Сепак, во целата констелација на одговорности и улоги родителите се оние кои ги филтираат информациите однадвор и оние кои дозволуваат системот внатре да се менува на одреден начин. Тие треба да видат што е она што тие како заменски учители можат да го реализираат како образовна содржина, што нив не ги фрустрира, за да можат да го бараат од детето да го изработи. Потоа, треба да се следи она што на детето полесно му оди да го заврши за да има чувство на постигнување и успешност, па потоа она каде родителот може да пружи дополнителна пддршка. Потребно е да се вклучат и двајцата родители во спроведувањето на овие обврски и да имаат усогласена стратегија. Ако станува збор за самохрани родители кои живеат сами, тогаш она што го договараат со детето и што ќе им ја олесни комуникацијата во домот е најбитната задача која треба да ја земат и завршат. Онаа задача која и родителот ќе го исфрустрира, треба да ја остават. Сите избрани задачи треба да се изработат со ресурсите кои ги имаат дома и кои можат да ги искористат, а да не се обидуваат да ги обезбедат ресурсите кои ги немаат – советува Живановиќ.

Според неа, родителите треба да направат проценка која наставна содржина им е полесна за водење.

– Треба да работите со детето на задачи кои и самите можете да ги сработите, отколку да земате време да си ги објасните истите за да изгледате компетентно пред вашето дете. Подобро е да кажете не знам, па заедно да се обидете да го најдете одговорот. Процесот на завршување на задачите е многу побитен од крајниот резултат. Не барајте перфектно изработени задачи, наградете ја заинтересираноста на детето. Секогаш договарајте се што е она што прво би сакало детето да заврши, а потоа кога ќе дојде до потешките задачи укажете на веќе сработеното и на нивната способност. Оставете на нив да одлучат дали ќе одат до крај или ќе одморат, па ќе се вратат пак на задачите. Значајно е да им укажете дека супер завршиле еден дел, но доколку го дозавршат целото ќе имаат поголемо задоволство затоа што не останале на половна пат. Нека целиот дом биде место за учење, а некои од задачите или темите кои ги носат наставниците, понекогаш изработете ги на ваш начин и тоа покажете го како сработено. Мислам дека ќе ве разбират, затоа што на тој начин учењето е контекстуализирано и се бави со реалните проблеми, решенија и интереси на детето – вели нашата соговорничка.

Таа предупредува дека опасностите се јавуваат кога се создава притисок материјалот да се совлада во определно време, кога очекуваме премногу од себе во улога на наставници, кога само едниот родител се вклучува во образовниот процес, кога еден родител е оптоварен со рокови и перфекција, а другиот смета дека работите треба да се порелаксирани, кога воопшто не се бара од детето да ги работи задачите, кога родителите коментираат и силно емотивно реагираат пред децата за неефикасноста на овој тип на учење, кога ги навредуваат децата за незавршените задачи, кога им зборуваат само за задачите, а не им обезбедуваат емотивна топлина, заштита и разбирање итн.

Опасно е и кога родителот споредува, подредува, кога гледа во роковите наместо во потребите и емоциите на детето, кога упорно ја наметнува сопствената агенда како единствен одговор на ситуацијата, кога премногу ја структурира работата, кога ја завршува задачата наместо детето или ги прикрива неговите грешки без да посочи на можната корекција или кога родителот не сака да зборува за грешките од страв да не го одврати детето од учењето.

Психолошки советувања за родителите

Родителите кои имаат потреба од психолошко советување и поодршка во периодот додека децата учат од дома можат да ја добијат бесплатно преку телефон. Универзитетската клиника за психијатрија неодамна отвори повеќе телефонски линии за советување, а за психолошка поддршка на родителите на децата од предучилишна и училишна возраст е отворен бројот 072-912 676. Граѓаните можат да се јавуваат од 9 до 16 часот.

The post Психолог Радмила Живановиќ со совети за родителите како да си помогнат себеси и на децата во услови на вонредно образование appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....