-0.2 C
Скопје
09:56 - 23 декември, 2024

Предизборни јадици, педалинки и зајачки пуфки

Темата за македонско-бугарските односи е совршена „педалинка“ за избори, една националистичка вежба за одржување кондиција како кога морско прасенце – хрчак – трча без крај во затворена вртелешка во стаклен аквариум. Многу одамна, сум гледал трки на кучиња во Англија: ќе им закачат зајачка опашка на механички спринтер околу патеката, а тие во кругови ја бркаат зајачката пуфка до изнемоштеност до целната линија – нема таму зајак, ама има обложувалница и исплазени до земи кучешки јазици на финишот… До следните избори, за ново обложување на публиката.

Навистина, дури и вон изборен контекст, не постои „позапалива“ тема за анализирање и пишување во Македонија од онаа за македонско-бугарската расправија за тоа кој бил што бил и кога бил и зошто бил и каде бил и дали бил и… Секоја историја е збир на факти (што) и нивни интерпретации (зошто), но кога станува збор за идентитетски, па згора на тоа и актуелни прашања, тогаш значењето на интерпретациите убедливо го надминуваат значењето на фактите, бидејќи за контекстуализирање (интерпретирање) на историските настани, на личностите и на нивните постапки и ставови, секогаш има доволно факти и за едните и за другите, спротивставени толкувања.

Државите – односно, победничките елити во нив – љубоморно го чуваат правото на врвната интерпретација на „вистинската“ историја. „Вистината“, тој комплексен општествен конструкт, често пати е тешко да се востанови и за актуелни настани, а не пак за нешто што се случувало пред сто, триста или илјада години. Кога се работи за толку идентитетски блиски нации, како македонската и бугарската, со бескрајно испреплетени протагонисти и настани во историјата, тогаш е речиси невозможно да се „помират“ различните интерпретации, сегашни и минати, водени од национални, државни интереси.

Државите, се разбира, повеќе зависат од географијата, па толкувањето на историјата (особено во нејзините најделикатни, идентитетски интерпретации) е „содржината“ со која се чуваат или се менуваат географските граници. Како што се менуваат границите, така победниците во тие промени ја интерпретираат историјата наназад, за да им користи нанапред. И тоа е така откако постои светот и векот, и за време на империите и царствата, многу пред и да се измисли концептот на организација на општествата во границите на државите.

Со други зборови, историјата е секогаш и секаде политика, потпрена врз контекстуално толкување на факти, а колку се настаните понеодамнешни, толку се интерпретациите пополитички. Што се за историјата сто години – како вчера да било!

Во таа смисла, професорот Денко Малески е сосема во право кога вели дека, во денешните македонско-бугарски (меѓудржавни, политички) односи, „треба сериозно да разговараме за спорот околу историјата која не можеме да ја промениме, но можеме да ја интерпретираме на начин кој од нас ќе направи најдобри пријатели“. Другото што тој го вели и пишува – на пример, дека ние „мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ“ – е негово неспорно право да има сопствена, субјективна интерпретација за начинот на кој ќе се изврши тоа „прилагодување“ кон „објективната историска вистина“, кога веќе мисли дека таква вистина постои.

Македонија и Бугарија одбраа најцивилизиран можен начин за читање на заедничката историја: потпишаа меѓудржавен Договор за пријателство и формираа Меѓудржавна комисија што треба да се занимава со „препрочитување“ на таа историја. Така тоа го прават пријателите. Во таа историја, Македонците немаат од што да се плашат и од што да се срамат. Во тој процес нема да има „победници“ и „поразени“.

Дури, паметно, владите во двете земји се договорија комисијата да не заседава кога во едната или во другата држава има избори. Знаат тие со каква домашна јавност си имаат работа. На тоа некни предупреди и потпретседателката на Бугарската влада и нејзина министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која запрашана да ги коментира сегашните односи меѓу Скопје и Софија, изјави дека нашата земја е во предизборен период и дека бугарската „мудра надворешна политика значи да не влегуваш во предизборната кампања и да не се фаќаш на таа јадица“.

Па, ако Бугарите разбираат дека се работи за „предизборна јадица“, зошто треба ние да изигруваме предизборни морски прасенца, бескрајно трчајќи во идентитетската вртелешка на македонскиот национализам?

Македонија, а и Македонците, никогаш не биле повеќе меѓународно признаени и респектирани од денес. Доколку тоа некому изборно не му одговара – тој нека се подготвува за пораз на изборите. Тој „зајак“ е веќе уловен.

Цивилмедиа

The post Предизборни јадици, педалинки и зајачки пуфки appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....