20:14 - 18 април, 2024

Која е Џил Бајден, новата прва дама на САД? Наставничка за цел живот, воинствена мајка, баба, сестра…

Сака да се шегува, сака да предава, а многумина ја опишуваат како мешавина меѓу Мишел Обама, Еленор Рузвелт и Хилари Клинтон. Џил Бајден (69) е 43 години со својот сопруг Џо Бајден (78), од неодамна претседател на САД, поддржувајќи го во неговиот јавен живот, во успесите, но и во неуспесите и болните загуби, како онаа на неговиот син Бо.

profimedia

Џил Трејси Џејкобс е родена во Хамонтон, Њу Џерси, во 1951 година, како најстара од петте ќерки на таткото Доменико, вработен во банка, и мајка домаќинка. Семејството се преселило во Пенсилванија кога Џил била многу мала, и избрале да се приклучат на Презвитеријанската црква. Семејството има сицилијански корени, поточно дедото на Џил, Гајтано, бил Италијец, од близина на Месина, а Доменико (подоцна преименуван во Доминик), таткото на Џил, заминал од Италија на 19 мај 1900 година, кога имал само една година, заедно со неговите браќа и неговата мајка. Семејството првично се презивало Џакопо за подоцна да се преименуваат во Џејкобс. Во домот се  негувале многу италијански традиции благодарение Доминик, на пример, во неделите бил задолжителен ручекот кај баба со шпагети и рифови.

Дедо ми секогаш велеше дека јадењето треба да заврши со таралучи (колачиња) и вино – се присетува Џил во едно интервју објавено пред неколку месеци.

facebook

Од модел и келнерка до наставник по англиски јазик

Џил Трејси Џејкобс учела во гимназијата Апер Мореленд, а во меѓувреме, работела како келнерка во клубовите на брегот на Њу Џерси познат како Џерси Шор, но започнала и кариера на модел. Потоа, се запишала на колеџот Брендивин џуниор во Пенсилванија, на факултетот за модна трговија, но наскоро се откажала и решила да студира англиски јазик на Универзитетот во Делавер. Таму го запознала својот прв сопруг Бил Стивенсон, со кого останала во брак пет години. По дипломирањето и магистрирањето на Универзитетот Вест Честер во Пенсилванија, најпрво станала наставник на замена, а подоцна редовен наставник по англиски јазик во средното училиште Сент Марк во Вилмингтон. Предавала англиски јазик и во Детската психијатриска болница во центарот Рокфорд.

Во 1972 година, Џо Бајден во сообраќајна несреќа ги загубил сопругата Неилија и едногодишната ќерка Наоми. Во автомобилот биле и другите деца, Бо и Хантер, кои биле тешко повредени. Бајден тогаш бил сенатор и сакал да ја напушти својата политичка кариера за да им се посвети на своите деца, но колегите и пријателите го убедиле да продолжи. Три години подоцна, тој ја запознал Џил, млада студентка на Универзитетот во Делавер. Џил пак, го запознала Џо непосредно по разводот  со поранешниот сопруг Бил Стивенсон, поранешен фудбалер, со кого се омажила во 1970 година.

Џил и Џон првпат се сретнале во март 1975 година, кога Бајден бил сенатор во Деловер, благодарение на братот на Џо, Франк Бајден, кој им закажал средба „на слепо“. И за двајцата тоа била љубов на прв поглед и оттогаш станале неразделни. Џо бил вдовец со две деца, кои Џил ги прифатила, но таа пет пати го одбила неговиот предлог за брак пред  конечно да го изговори судбоносното „да“. Се венчале во Њујорк на 17 јуни 1977 година, а во 1981 година ја добија ќерката Ешли.

profimedia

Сакав да бидам сигурна, бракот мораше да функционира, момчињата веќе ја изгубија својата мајка и не можеа да изгубат друга. Морав да бидам сто отсто сигурна , објаснила Џил потсетувајќи се на минатото и на првите излегувања со Џо и неговите деца, додавајќи:

– Се венчавме во четворка.

Во своите мемоари пак, Џо објаснува дека Џил му ја вратила вербата кон семејството.

– Ми го врати животот. Ме натера да мислам дека семејството сè уште може да биде комплетно, пишува тој.

Заедно и во тешките денови

Во 2015 година друга трагедија го погодила семејството Бајден. Најстариот син, Бо, починал од тумор на мозокот на 46 години. Актуелниот претседател, во тоа време за весникот „УСА Тудеј“ изјавил дека неговиот живот се сменил за момент:

– За време на неговата болест навистина верував дека ќе преживее. До моментот кога ги затвори очите, никогаш не губев надеж .

Оттогаш, двојката е вклучена во иницијативи за борба против рак и иницијативи за здравјето на дојка преку Фондацијата „Бајден“.

Тешки денови минувале заедно и во периодот додека биле во врска, а не биле венчани. Вонбрачната врска за која ги обвинувале не бил единствен скандал кој морале да го претрпат. Џил во 1991 година ја напаѓале зашто го поддржила сопругот, тогаш сенатор, во пропустите кои ги направил на судењето на Кларенс Томас, кандидат за судија на Врховниот суд.

Џил никогаш не била познат лик во светот на уметноста и шоу-бизнисот и покрај нејзината академска кариера, туку позната е по тоа што е сопруга на Џо Бајден. Сопругата на претседателот на САД, освен факултетска диплома, има и две магистерски дипломи и докторат, како и страст и талент за пишување. Добро е запознаена со политичката динамика на Белата куќа, благодарение на годините што ги поминала близу сопругот во потпретседателството. Таа е блиска пријателка на Мишел Обама, но и покрај назначувањето на нејзиниот сопруг за потпретседател, никогаш не престанала да биде наставничка по англиски јазик.

profimedia

Кога била Втора дама, Џил продолжила да ги носи домашните задачи на нејзините ученици дома со цел да ги корегира, и покрај противењето на Тајната служба, а има намера да продолжи да го прави тоа и во Белата куќа. Всушност, во еден период од нејзиниот живот таа воопшто не сакала нејзиниот сопруг да биде на високи функции. Во 2003 година, кога некои високи партиски функционери дошле во нивниот дом во Делавер да се обидат да го натераат Бајден да се кандидира за претседател, Џил облекла бикини со натпис „НЕ“ на стомакот со цел да го открие своето спротивставување. Работите се промениле оттогаш: Џил беше во првите редови на целата изборна кампања и беше директно и опширно вклучена во изборот на Камала Харис за потпретседател, и клучен советник во сенка.

Сосема различна од Меланија, класичарка со стил 

Профилот на Џил Бајден е целосно различен од оној на Меланија Трамп. Џил поддржува иницијативи во корист на американските жени од средната класа и програми како онаа основана во 2011 година, насочена кон поддршка на семејствата на американските војници.

На својот профил на Твитер се дефинира како „наставничка за цел живот. Воинствена мајка. Баба. Сестра. Сопруга на Џо Бајден“.

profimedia

Страствена во пишувањето, во 2012 година ја објавила својата прва книга наменета за деца, а во 2019 излегла нејзината втора книга, автобиографија. Многу ги сака животните, има две кучиња, Шамп и Мејџор.

Висока е 168 сантиметри, има сини очи и руса коса. Нејзината убава форма е резултат на постојана физичка активност, и секојдневно трчање на 8 километри како и на тренинзите со тегови. Веќе е препознатлива по својот беспрекорен, класичен и секогаш елегантен стил.

Преземено од Слободен печат

The post Која е Џил Бајден, новата прва дама на САД? Наставничка за цел живот, воинствена мајка, баба, сестра… appeared first on Слободен печат.


Која е Џил Бајден, новата прва дама на САД? Наставничка за цел живот, воинствена мајка, баба, сестра… was first posted on ноември 9, 2020 at 9:08 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....