06:53 - 3 мај, 2024

Изборите ќе се одржат во јули, на 5. или на 15. прашање е сега?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача вчера дека за неговата партија најран можен термин за одржување на изборите е средината на јули, откако во петокот на средба кај шефот на државата Стево Пендаровски тој и лидерот на СДСМ Зоран Заев не успеаја да се договорат за датумот на изборите и за потребното продолжување на вонредната состојба.

Во саботата вечерта, пак, заврши четвртата по ред вонредна состојба со што, според Заев и СДСМ, а и според повеќето правни експерти, продолжуваат роковите од претходната изброна агенда за прогласените избори на 12 април, со одложување колкушто траеше вкупната вонредна состојба. Првата вонредна состојба претседателот на државата ја воведе на 18 март и таа траеше 30 дена, потоа следуваше уште една од 30 дена, па уште две од по 14 дена. Во моментот на прогласување на првата вонредна состојба останува уште 22 дена од роковникот на распишаните избори. Според ова толкување изборниот датум треба да биде 5 јули, а предизборната кампања треба да почне веќе од утре, 16 јуни.

Но, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат со овој термин.

– Првата можна дата за избори е средината на месец јули, а за тоа ВМРО-ДПМНЕ има два услови, да се изработат протоколи за заштита на здравјето и да има фер и демократски и инклузивни избори – изјави вчера Мицкоски.

Според Мицкоски нивните услови вклучуваат и почеток на кампањата еден ден по првата прес-конференција на ОБСЕ/ОДИХР по пристигнувањето во земјава. Но, предупреди дека ако, како што рече, СДСМ и Зоран Заев тактизираат, се губи како можност и средината на месецот, односно 15 јули.

Доколку овој услов биде прифатен од СДСМ и од Пендаровски, потребно е шефот на државата да прогласи уште едно, петто продолжување на вонредната состојба од десетина дена.

Мицкоски вчера му порача на претседателот Стево Пендаровски дека има време до крајот на денот да ја продолжи вонредната состојба. Мицковски рече дека „знае“ оти претседателот бил под притисок и дека „постојано му ѕвонеле на телефон од владејачката СДСМ“.

Индикативно е што Мицковски ја свика прес-конференцијата набргу откако се појави информација дека ОБСЕ/ОДИХР распишала конкурс за експерти кои треба да ги следат предвремените парламентарни избори во Македонија на 5 јули годинава. Во соопштение објавено вчера на интернет-страницата на институцијата се наведува дека е прифатена поканата на македонската влада за следење на изборите. Ова беше протолкувано како сигнал дека меѓународната заедница се согласува со толлкувањето дека изборите треба да се одржат на 5. јули доколку не се постигне договор меѓу власта и опозицијата.

Мицкоски го коментираше и овој потег на ОБСЕ/ОДИХР.

– Она што е побарано од ОБСЕ/ОДИХР се оценувачи, а не набљудувачи, затоа што тие не можат да пристигнат навреме до 5-ти јули. Затоа не доаѓа предвид ниту 8-ми јули – рече Мицковски.

Во отворениот конкурс кој завршува на 16 јуни, ОБСЕ/ОДИХР бара шеф и заменик на шефот на мисијата во Северна Македонија, политички аналитичар, изборен аналитичар, аналитичар за регистрација на гласачи, правен и медиумски советник. Мисијата ќе биде во траење од три недели, а сите кандидати треба да бидат на располагање за извршување на задачите уште од 19 јуни, се вели во огласот.

Нервоза во јавноста вчера предизвика и информацијата дека Државната изборна комисија не може да се состане. Според извори во Комисијата, последниве два дена траела вистинска потрага по претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, од страна на неговите колеги, за да продолжи ревидирањето на роковникот за одржувањето на изборите по одлуката на претседателот Стево Пендаровски да не ја продолжува вонредната состојба.  Поранешниот претседател на ДИК Борис Кондарко, кој е сега член на комисијата од СДСМ, потврди дека другите членови го чекале Деркоски да закаже седница, но тоа досега не се случило. Наводно, Деркоски не одговарал на телефонските повици.

Според истите информации вчера во ДИК, покрај Деркоски, не дошла и претставничката на ДУИ, Дитмире Шеху, која е и потпретседател на ДИК. Овој „бојкот“ на ДУИ се поврзува со незадоволството во оваа партија што нивни претставник не беше повикан на средбата кај Пендаровски во петокот. Тие остро ја критикуваа средбата како „моноетничка“ и „екслузивна“.

Инаку, ДИК веќе почнал дел од подготовките за избори. До МВР и до Управите за санкции и за водење матични книги веќе биле испратени барања за прибирање на потребните податоци за ажурирање на Избирачкиот список. Комисијата почнала да работи и на дислоцирање на избирачките места, во согласност со препораките од здравствените власти, односно да бара пошироки простории за гласање, онаму каде тие се мали, за да се овозможи поголема дистанца помеѓу гласачите и членовите на избирачките одбори во текот на гласањето,

Спасовки: Без вонредна состојба мора да се оди на избори на 5 јули

Премиерот Оливер Спасовски викендов рече дека „во моменти кога не може да се договарат политичките лидери настапуваат институциите на државата“.

– Уредбата предидвидува дека 22 дена по завршувањето на вонредната состојба треба да се одржат изборите.  Република Северна Македонија има потреба итно да се вратат сите институции во полн капацитет, и Собранието и нова политичка влада и сите институции, затоа што ќе мораме да се справуваме и со пандемијата и со економската криза, меѓутоа имаме и многу проекти кои што треба да продолжат да се градат како капитални инвестиции. Така што, избори мора да има. Сите политички субјекти ги повикувам да излезат на политичкиот мегдан и да ги соочат своите концепти за иднината на државата и на основа на тие концепти да побараат поддршка од граѓаните – изјави премиерот Спасовски.

Во меѓувреме лидерите на двете најголеми партии во земјата, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски, на средба со претседателот Пендаровсски во „Вила Водно“ не постигнаа договор за датумот за изборите, па затоа, по завршувањето на вонредната состојба изборните рокови продолжуваат да течат по автоматизам, онака како што беа запрени пред прогласувањето на изборите на 12 април, па така датумот за одржување на предвремените избори е 5 јули.

Лидерот на СДСМ завчера го понуди 8 јули како ден за избори, а ако Мицкоски се согласеше на тоа, Заев рече дека ќе побара од Владата да свика седница и да донесе предлог за продолжување на вонредната состојба од три дена, овој пат заради договор со опозицијата. Тој нагласи дека опозицијата треба да учествува на изборите.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, без конкретен одговор на таа понуда, само го повторија ставот дека избори се можни, но инсистираат прво на заштита на здравјето на граѓаните, како и на квалитетен меѓународен мониторинг и прочистен избирачки список.

– Инсистираме за целосно почитување на Уставот и законите и на меѓународните стандарди. Заев сака избори без набљудувачка мисија на ОБСЕ и да немаме прочистен избирачки список. Она што Заев го сака е избори каде ние ќе броиме корона-жртви, каде ќе немаме прочистен избирачки список, и без квалитетен меѓународен мониторинг. Тоа би значило изборна кражба, а не потврда на народната волја – изјави на прес конференција Орце Ѓорѓиевски член на Извршниот комитете на ВМРО-ДПМНЕ.

Според претседателот Стево Пендаровски, со изборен процес кој не би бил инклузивен, земјата може да влезе во длабока политичка криза.

– Доколку не успееме да се договориме за транспарентен и инклузивен изборен процес тоа ќе значи влез во длабока политичка криза. Ако го погледаме поширокиот регион во кој се наоѓаме и обидите за дестабилизација преку хибридни закани и лажни вести, не можеме да исклучиме дека евентуланата правна и политичка криза нема да прерасне во безбедносна – изјави Пендаровски пред средбата со Заев и Мицковски.

На ваквите оценки на Пендаровски ВМРО-ДПМНЕ реплицираше со обвинувања дека претседателот, како што соопшти партијата, „учествува во донесување одлука за брзи избори, без набљудувачи од ОБСЕ и на директна штета на здравјето на граѓаните, а со цел да му удоволи на Зоран Заев“.

 

 

The post Изборите ќе се одржат во јули, на 5. или на 15. прашање е сега? appeared first on Слободен печат.


Изборите ќе се одржат во јули, на 5. или на 15. прашање е сега? was first posted on јуни 15, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....