13.8 C
Скопје
08:13 - 16 април, 2024

Интервју со Вјера Мујовиќ, белградска глумица: Секогаш ќе бидам девојченце, кое го бара своето гнездо

Израснала во семејство на доктори, се преселила од Подгорица во Белград за да си го исполни сонот и да стане глумица. Но таа вели дека глумата ни тогаш ни сега не ѝ била сон, туку природно продолжение на нејзините интересирања, нејзина потреба за исполнување. Селидбата во Белград не ѝ била лесна. Секогаш ѝ недостигала Црна Гора, особено во зима морето, кога е празно и пусто, кога може апстрактно да се ужива во природата, а не кориснички, со капење и сончање.

– Во зима морето е најубаво. Од друга страна, во Белград беше мојата втора куќа, сега прва. Мојата мајка е белграѓанка. Не е тешко на тој начин да ги чувствуваш овие простори, зашто и просторно се блиски, не само ментално и карактерно – вели Вјера Мујовиќ, театарска и филмска глумица, вработена во белградското „Народно позориште“, една од најталентираните, најавтентичните и најубавите глумици на новото време. И додава:

– Но ние зборуваме за мал простор, каде што глумачкиот повик е подвижничка професија. Не се тоа јазици на големите броеви како англиски, шпански, руски… Занимавањето со глума е ексклузивно. Многу читање, многу анализа, многу работа. Уживања, среќа, преиспитувања. Понекогаш го преиспитувам својот живот, но гледам тоа да биде што поретко – само глупавите се сопнуваат на каменот зад себе – и знам дека мораше да биде единствено и само вака. Како и да е. Одиграв некои прекрасни улоги, некои не – веројатно не требало. Важно е дека имам потреба да креирам некои нови приказни и некои нови судбини, нови возбудувања. Сè додека е така, дотогаш сум љубопитна и жива.

Глумата ѝ е на прво место, но во служба на глумата ѝ се музиката, пишувањето, поезијата, преводите… Чуварка е на „Скадарлија“, на самата улица е нејзиниот дом, но боемската Скадарлија ја чува од заборав и со Здружението на љубители на „Скардарлија“. Флуентно зборува руски, англиски, француски и италијански јазик, што ѝ овозможило да се проба како глумица и во странство – Санкт Петербург, Москва, Париз, гостувала и во Русија, Украина, Грузија, Ерменија, Шведска, Италија, Франција, Грција…, а овој декември се подготвува за гостување во Италија. Ќе биде вистинско задоволство да ја видиме и на театарската сцена во Македонија, а таа вели, ајде, орагнизирајте ми гостување и ќе дојдам.

Во нејзината деловна биографија се вбројуваат куп театарски и филмски улоги. Во 1989 ја глумела Јелкица во филмот „Свет“, потоа Светлана во „Роден како воин“ (1994), Маца во „Два часа квалитетна Тв програма“, во 1995 следува филмот „Оригинали“. Следуваат улоги во филмовите „Колибаш“, „Потера за среќ(а)ко“, серијата „Мешан брак“, филмот „Бергманова соната“. Во 2007 имала главна улога на Мина Караџиќ во истоимениот филм, а следната година била докторка во серијата „Мојот роднина од село“, следуваат филмовите „Скадарлија“, „Совршена жена“ и други. Мујовиќ играла во бројни театарски претстави, а некои од нив се „Заспаната убавица“, „Алиса во Земјата на чудата“, „Книга за џунглата“, „Лолита“, „Опасни врски“, „Свети Сава“, а тука се и нејзините проектни претстави „Човек на човека“ и „Мал црн фустан“.

Кои се предностите, а кои маните и недостатоците на актерската професија, жена – глумица на Балканот?

– Глумата е луксузна професија, се занимаваме со трагање на човечката душа, човечките судбини, мисли, односи… за да толкуваме други, ги истражуваме затоа своите души. Учиме од јунаците кои ги играме, кои ги интерпретираме, кои ги донесуваме на сцената со нашето битие. Тоа е убавина. Нашата работа не ги повредува луѓето, барем не ги доведува во опасност ни нашето незнаење, ни нашиот неталент. Секако, не е лесно да се занимавате со оваа работа без талент. Но штетата е помала отколку да сте лекар, професор… А придонесот на талентот на убавината е немерлив.

Навистина, во драмската литература има многу помалку женски улоги. Сепак, единствена голема и вистинска неволја на нашата професија е тоа што нè избираат, фактот дека треба да чекаме некој да нè повика, да нѐ избере за улога. Тоа е навистина тешко, некогаш и понижувачки. Но што да се прави? На Балканот сè е потешко отколку на други места, секогаш се поголеми предизвиците. Но и лудилото, крајностите и занимливостите се поголеми – тоа ни е судбина. Да ми беше императив материјалното богатство, би била сигурно адвокат. Но, не се жалам, не кукам, туку се радувам!

На Балканот сè е потешко отколку на други места, секогаш се поголеми предизвиците. Но  и лудилото, крајностите и занимливостите се поголеми – тоа ни е судбина.

Сестрана уметница си, освен глума, писателка си на две книги и музички си образована, како ги поврзуваш овие уметности и кога знаеш кога е време повеќе да се посветиш на одредена уметност? Од што зависи тоа?

– Јас сум прво глумица, па сè останато. Сè друго е во служба на глумата. И пишувањето, и музиката, и преведувањето. Ги сакам моите мали мобилни проекти кои сама ги осмислувам и кои ми го разубавуваат животот. Со нив најчесто патувам низ светот. Секако, кога оваа коронијада нема да ме сопре. Затоа, додека бевме затворени, пишував, ги средив своите хартии, фрлив неколку стотини килограми документација и пронајдов некои незаборавни записи. Ќе користат.

Втората книга, „Не го замислував вака животот“, излезе после повредата и операцијата што ја преживеа, што созна и што научи од тоа тешко искуство?

– Книгата настана како моја потреба за заборав, како потреба да ја поделам болката со светот, на луѓето да им кажам и покажам дека немаат монопол на болката. Имав желба да им кажам себеси да не се сфаќаат сериозно! Тогаш животот е поубав, полесен и посреќен!

Понекогаш го преиспитувам својот живот, но гледам тоа да биде што поретко – само глупавите се сопнуваат на каменот зад себе – и знам дека мораше да биде единствено и само вака.

А што научи од коронакризата? Промени ли нешто во тебе и во твоите размислувања за животот?

– Короната ми донесе враќање на своето детство во хартиите, но короната ми донесе и збогување со своето детство во стварноста. Имено, ја загубив најдрагата и единствена тетка која почина од срце, не од корона. Но така се заврши моето детство. Малку подоцна, но така е. Тетка ми е институција на Балканот и тоа е уште една убавина на овие простори. Тагата ми беше преголема. Моето семејство беше расфрлено на повеќе страни во текот на првите неколку месеци. Таа физичка самотија од една страна ми беше престрашна. Од друга страна, сите бевме толку сочувствителни. Моите блиски пријатели ми беа и физички близу. Се грижевме едни за други на различни начини, како кому требаше. Пишував. На својот балкон се дружев со сонцето и добрата литература. Снимив и едно звучно дело. Работев за нашата библиотека – говорев поезија, им се обраќав на слушателите и гледачите во различни програми, држев онлајн-часови по глума и часови за убаво зборување. Заедништвото е незаменливо, не се може без комуникација, нема живот без контакт, без допир, без спојување!

Рече дека се подготвуваш да напишеш трета книга, за тоа како човекот тапка во место, на што тоа тапкање се однесува? Тапкаме ли сите во место? Тапкаш ли и ти, и ако е така, најчесто кога и поради што?

– Интересно дека тоа го најде. За време на короната пишував, но нешто друго. Таа моја книга за тапкање во место никако да дојде на ред. Едвај чекам да му се посветам на тоа дело. Јас тапкам кога сум тврдоглава, кога не знам да пуштам работите да одат по свој тек, кога заборавам да седнам и да се насмевнам на себе и на светот со едно обично кафе.

Короната нѐ натера малку многу да тапкаме. А можеби – да се замислиме, да не брзавме премногу, да не бевме арогантни кон природата, да не претеравме во многу нешта. Короната е можеби ресетирање на светот, враќање на скромноста и покорноста – кон небото, но и кон самите себе.

Во која мера политиката на Балканот е виновна за нашето тапкање во место? Колку политиката е вмешана во уметноста во Србија, во твојот живот конкретно?

– „Имагинарниот Балкан на Марија Тодорова“ е книга која секој Балканец треба да ја прочита. Книга за идентитетот, за хибридниот идентитет, за тоа што спојува и одвојува, за предрасудите… Книга за истокот на западот и западот на истокот, за тоа што мојот драг професор Дарко Танасковиќ го зборува, а овие кои зборуваат за непостоечкиот европски идентитет забораваат, а тоа се – духот, карактерот, менталитетот.

Политиката е навистина тука дел од нашата судбина, нашето секојдневие, целиот наш живот. Но политиката мора да се презира и да се игнорира што повеќе се може. Докторирав на тема Културна дипломатија и во јуни Институтот за политички студии ми издаде монографија под наслов „Културната дипломатија во служба на Србија“. Уметноста и културата зависат од државата, од поддршката на државата, макар и финансиска. Така следува дека зависиме и од политиката. Но, треба најмногу што можеме да се чуваме од политиката за нашите дела да не бидат банални и површни.

Мојата мајка, мојата тетка, мојата баба, која беше модеристка и правеше шапки, сите мои другарки, сите се тие работни жени балкански. Па така ние не заостануваме зад светот. Ние само недоволно се сакаме себеси.

Ретко зборуваш за својот приватен живот, но морам да те прашам, што се смени во тебе, како жена, од денот кога се венчаше?

– Не се менувам јас. Мислам дека секогаш ќе бидам девојченце кое го бара своето гнездо, кое бара среќа, љубов и заштита. Секогаш ќе бидат екстремистка и фаталистка.

Сè уште си чуварка на „Скадарлија“? Како и од што ја чуваш?

– Од глобалистите! Ха-ха. Ја сум родена на „Скадарска улица“. Го водам Здружението на љубители на „Скадарлија“, кое ги собира прекрасните уметници, културните пратеници, реставраторите и нашата дијаспора, да ја чуваме од заборав, да го чуваме нејзиниот дух на боемија, лудило и среќа. Дојдете ни и вие од Македонија во што поголем број, ќе се радуваме. Доделуваме и годишни награди на најголемиот боем, на поетите, музичарите, сликарите, реставраторите… Ќе имаме и своја театарска продукција… Гостуваме и во други градови, а и во други земји.

„Мал црн фустан“ е дело кое сама го напиша, за Коко Шанел. Што најмногу те инспирираше кај оваа жена?

– За Коко Шанел многу се знае, но нејзиниот живот ни ден денес не престанува да ја интригира јавноста. За неа се направени шест играни филмови, неброени мјузикли и претстави во светот, балет во Салцбург, монодрама на Васиљев во Москва… Кај нас, досега, никој не се занимавал со ликот на Коко Шанел. Нашата претстава „Мал црн фустан“ е омаж на Коко Шанел. Премиерните претстави се одржаа на 30 јуни и на 1 јули 2018 година, во првиот приватен музеј во Србија, Дом на Јеврем Грујиќ. На секоја претстава може да присуствуваат само 40 гости, кои на крајот од претставата, можат да уживаат во оваа историска куќа. Просторот на музејот од крајот на 19 век, го доловува амбиентот на парискиот хотел „Риц“, во кој хероината на нашата драма живеела и умрела. Изборот на овој простор има цел и гледачот да го доживее интимниот свет на Коко Шанел како активен учесник, а не само набљудувач. Иако се занимаваме со француска легенда и со францускиот дух, претставата ја слави српската креативност и занаетите. Во претставата нема копии на костими од Шанел, туку ги креираше Игор Тодоровиќ, инспириран од моделите и од духот на Коко Шанел. Автентичната музика ја компонираше композиторот Раде Радивојевиќ. Шапките, ракавиците и чевлите се, исто така, изработени во Србија – шапки „Ерцеговац“. Во Домот на Јевреј Грујиќ, претствата „Мал црн фустан“ е одиграна над 50 пати, како и на фестивалите во Црна Гора, Германија, Руската федерација… Гостуваше и во нашиот Културен центар во Париз, во март 2020 година.

Две глумици – Рада Ѓуричин и Вјера Мујовиќ го оживуваат детството, љубовта, борбата, мечтаењето и стремежот на комплетната личност каква што била Коко Шанел. Ликот на Коко Шанел е претставен како двоен: баш какво што е логото на нејзинито бренд, составено од една правилна и една наопаку свртена буква Ц, кои се вкрстуваат. Столбот на оваа драма претставува соочување на човекот со самиот себе, со минатото, вистината и лагите, со тоа што мислиме дека е вистина, соочување со бескрајната осаменост и изгубената љубов. Во време на големи светски превирања, војни, револуции, борби за социјална еднаквост, Шанел ја ослободила жената од корсетот, ги скратила фустаните и високите потпетици – за жената да може да работи и да одлучува за својата судбина. Ова е дело и за осаменоста и вечната потрага по љубов. Снимав филм на мински колхоз во Белорусија и случајно купив биографија за Коко Шанел. Така се роди идејата. Наесен ми излегува книгата со драмата „Мал црн фустан“ на пет јазици, во Италија. Во декември треба да играме во Италија претстава – секако, ако оваа коронава не здивее.

Мојата мајка, мојата тетка, мојата баба, која беше модеристка и правеше шапки, сите мои другарки, сите се тие работни жени балкански. Па така ние не заостануваме зад светот. Ние само недоволно се сакаме себеси.

Од претставата „Мал црн фустан“

Со што си сега уметнички преокупирана и најпосле, кога може да те видиме тука, во Македонија?

– Работам на две театарски претстави, и двете се со мала форма, така што короната не ни може ништо. Хероините кои треба да ги играм во овие претстави се сосема различни, но и двете се стварни карактери. Едната живеела во 19, а другата во 20 век. Имам три претстави што се со мобилна форма: „Кабаре Иво Андриќ“, во кое за Андриќ говориме и пееме песни компонирани на негови стихови, „Човек на човека“, во кое со Рада Ѓуричин прикажуваме приказни за великанот на српската книжевност и „Мал црн фустан“, за која веќе зборував. Ете, таман можеме да дојдеме и да ги покажеме и во Македонија. Немој да ме прашуваш кога можете да ме видите, туку организирај гостување.

 

The post Интервју со Вјера Мујовиќ, белградска глумица: Секогаш ќе бидам девојченце, кое го бара своето гнездо appeared first on Слободен печат.


Интервју со Вјера Мујовиќ, белградска глумица: Секогаш ќе бидам девојченце, кое го бара своето гнездо was first posted on септември 23, 2020 at 12:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....