12.8 C
Скопје
08:20 - 29 април, 2024

ИНТЕРВЈУ со Самуел Жбогар: Планираме голема прослава во Скопје!

Верувам дека ѕвездите конечно се местат. Но, имајќи го предвид искуството од октомври и дека живееме во време на предизвици, ништо не е сигурно додека тоа не се случи, вели Жбогар.

  • ЕУ без Британија, во рамките на Унијата во проценти сега вашата Дежела (држава) (Словенија) е поголема или…?

– Жалиме за заминувањето на Обединето Кралство од ЕУ. И двете сме сега помали. Што се однесува до мојата земја, да се биде дел од ЕУ нè прави поголеми од нашата физичка големина.

  • Се сеќавате ли на СФР Југославија?

– Да, се разбира. Јас пораснав и ја поминав младоста во Југославија. Словенија беше југословенската локомотива за ЕУ.

  • Се приклучи само Хрватска, погрешија ли другите републики што не ја разбраа навреме?

– Тешко е да се споредат различните ситуации во кои поранешните републики се најдоа по пропаѓањето на Југославија. Повеќето од нив имаа поминато низ војна или, како во вашиот случај, внатрешен конфликт кога се случи големото проширување во 2004 година. Меѓутоа, гледањето назад нема да ги врати пропуштените шанси. Вратите се сè уште или подобро речено повторно отворени и овој пат останува земјите да ја зграпчат можноста.

  • Ќе стаса ли годинава Северна Македонија барем до европскиот праг?

– Верувам дека ѕвездите конечно се местат. Но, имајќи го предвид искуството од октомври и дека живееме во време на предизвици, ништо не е сигурно додека тоа не се случи.

  • Вашиот впечаток, може ли Северна Македонија без ЕУ, всушност може ли самата?

– Сметам дека во денешниот свет, која било земја, особено малите, не можат да бидат успешни сами. Живееме во сложени времиња, и кога сте дел од поголемо семејство, тоа ви дава општа сигурност. Тоа е како да сте затекнати на отворено море за време на бура. Кога сте на голем брод, едвај ги забележувате големите бранови додека ако сте во чамец може и да не опстанете. А, денес ние живееме во времиња на немирни води.

  • Не бевте баш за вонредните парламентарни избори закажани за 12 април?

– Не се сеќавам дека сум бил против предвремени парламентарни избори во април. Како и да е, ова е одлука која се носи и беше донесена од политичките партии во земјата. Не е на нас да одлучиме за тоа.

  • Партиите не Ве послушаа, изгубено реформско време ли се овие избори?

– Ја разбирам потребата да се консултираат граѓаните по состанокот на Европскиот совет во октомври. Ова не е изгубено време бидејќи политичките партии го добиваат мислењето на нивните гласачи за тоа по кој пат да се оди. Во врска со реформите, Европската комисија заклучи во својот последен извештај дека е постигнат значителен напредок и дека земјата има испорачано конкретни и одржливи резултати.

  • Може ли да ја замислите, на пример, Шкотска во ЕУ?

– Ако сакам да ја замислам иднината, повеќе би сакал да ја замислам Северна Македонија во ЕУ. Шкотска како дел на Обединетото Кралство само што излезе од ЕУ. Ова е факт за кој ние жалиме и се надеваме дека ќе можеме еден ден повторно да им посакаме добредојде.

  • Вашиот избор: Едвард Кардељ или Стане Доланц?

– Тие се избор од минатото со никаква важност во денешно време. Јас дефинитивно никогаш не сум поддржувач на репресивни режими или институции. Што се однесува на Кардељ, неговите благородни идеи за самоуправувањето на работниците завршија како идеи што не можат да се спроведат.

  • Македонија комунално е многу неуредна земја, се навикнавте ли на овој балкански примитивен амбиент, на смет на сите страни, на руинирана урбана опрема, на паркирани автомобили на тревни површини…?

– Смет, урбана деградација и восхит спрема коли е навистина нешто што веднаш паѓа во очи. Среќен сум што не се навикнав на тоа и што сè уште ми боде очи. Но, за среќа, постојат неколку локални движења и сè поголем број граѓани на кои ова исто така им пречи и преземаат акција. Ние почнавме кампања „За чисто како дома исто“, која доби добар одѕив. И забележавме дека неколку општини обрнуваат повеќе внимание на животната средина.

  • Ѓорге Иванов ви зададе неколку главоболки, ги заборавивте ли амнестиите?

– Вашето прашање дава една перспектива што често ја забораваме. А тоа е, всушност, еден долг пат кој вашата земја го помина за само неколку години – од длабока политичка криза, скандалот со прислушувањето, амнестиите и прогонот на невладините организации, до земја на драматични промени, функционални институции, реформи и транспарентност, земја што продолжува да испорачува и има право да верува дека ќе ги почне преговорите со ЕУ наскоро.

  • Ајварот е словенечки или македонски?

– Ајварот е дел од кујната низ целиот регион на поранешна Југославија. Домашен македонски ајвар е дефинитивно најдобриот што сум го пробал. Откога дојдовме во Скопје, мојата сопруга го прави дома како што налага локалната традиција.

  • Стево Пендаровски, му предвидувате ли и втор мандат?

– Па добро, ова не е на мене да кажам, а, и многу е рано да се размислува за втор мандат на претседателот имајќи предвид дека тукушто му почна првиот. Како човек од страна, ја ценам неговата отвореност и комуникација со сите делови од општеството. Ние во ЕУ ја цениме неговата посветеност на ЕУ, на нашите вредности и на реформите што се потребни за напредок на Северна Македонија.

  • Вашиот поглед отстрана, македонските политички партии работат ли премногу против својата држава?

– Политичките партии го прават она што го прават сите политички партии – се борат за да ги придобијат срцата и умот на граѓаните/гласачите. Тоа што младите ми го кажуваат е дека политичките партии многу се фокусираат на поделби и меѓусебни обвинувања за проблемите наместо да нудат решенија за проблемите и визија за иднината.

  • Што како впечаток најсилно Ви останало за Тито?

– Му оддавам признание за неговата способност да претвори една земја разорена од војна во прогресивна и развиена земја, како и за неговата способност да ѝ обезбеди важно место на Југославија во еден поделен свет. Во исто време, недемократската природа на режимот и жалниот крај на Југославија зборува за ограничувањата и проблемите на тој авторитаризам. Ова е важна лекција за денешницата, кога сме сведоци на сè поголема популарност на силни лидери во целиот свет.

  • Корупцијата во Северна Македонија ја има во изобилство, што велат европските искуства, има ли лек?

– Корупција има секаде, ниедна земја не е имуна на тоа. Разликата е како општеството го гледа тоа и како системот се справува со тоа. Јавната поддршка што СЈО ја уживаше, сведочеше за жедта на јавноста за правда и за отфрлање на корупцијата. Рецептот за намалување на корупцијата се силни и независни институции (почнувајќи од судството, па сè до Антикорупциската комисија) како и силно граѓанско општество и истражувачко новинарство, кои функционираат како контролори.

  • Дали се плашите од коронавирус?

– Не се плашам, но сметам дека е добро да се биде претпазлив бидејќи опсегот на опасноста од него сè уште не е целосно познат. Ги следам препораките на институциите во Брисел и на Министерството за здравство.

  • Во стратегиска смисла, мислите ли дека државата Северна Македонија е на премногу опасна локација, во сендвич меѓу Вашингтон и Москва?

– Се согласувам дека имате геостратешка позиција. Наместо како опасност, јас ова би го гледал како можност. Ништо не ве спречува, како самоуверена земја која наскоро ќе биде членка на НАТО и како идна членка на ЕУ, да развивате пријателски односи и соработка со други важни држави. Секоја земја е онолку силна колку што има пријатели. И тие никогаш не се доволно.

  • По што ќе Ви недостасува Македонија по мандатот во Скопје?

– Ќе ми недостигаат многу работи, почнувајќи од луѓето што ги запознав и пријателите што ги стекнав. Ќе ми недостига и сегашната работа, особено кампањите што ја промовираат нашата помош. Ќе ми недостигаат пешачењата по планините, трчањето на Водно, храната и, се разбира, сонцето.

  • Ако Австрија или Италија, на пример, ќе сакаат Словенија да го промени своето уставно име, која би била Вашата емотивна реакција?

– Прашањата во врска со националниот и државниот идентитет се секако многу чувствителни и лесно може да замислам дека такво барање би предизвикало негативни чувства кај мене. Всушност, кога ние пристапувавме кон ЕУ, исто така моравме да го промениме Уставот. Не името, туку правото на странците да купуваат земјиште во Словенија. Со оглед на историјата и нашата мала територија, бевме многу чувствителни во однос на тој член од Уставот. Сепак, на барање на Италија (со поддршка од ЕУ), на крајот го сторивме тоа. Овие ситуации не може да се споредуваат. Но, како и во нашиот случај, по некое време мора да се најде разумно објаснување за тоа на кој начин ќе се оди напред. Навистина ги разбирам чувствата на многу од вашите граѓани и отсекогаш сум оддавал признание за тешките одлуки што беа донесени. За жал, понекогаш, кога ќе се најдеме во безизлезна ситуација, болните решенија се единствен начин да се придвижиме напред. Убеден сум дека кога во иднина ќе се навраќаме на ова, ќе го гледаме како пресвртница што ѝ донесе подобра иднина на земјата.

  • Кој крај, кое место во Македонија го посакувате за викенд-куќа?

– Шар Планина, Попова Шапка.

  • Не ги сакате баш новинарите или впечатокот е погрешен?

– Впечатокот е дефинитивно погрешен. Уживам во промовирањето на ЕУ и нашата помош. Посетувам наши проекти низ земјата речиси секоја недела и секогаш им се обраќам на медиумите. Сум дал многу интервјуа. Уживам во соработката со сите новинари и во нашите приватни разговори.

  • Вино, црно или бело, можеби розе?

– Не сум баш некој љубител на алкохолот.

  • Напишал ли некој новинар нешто што Ви создало непријатност?

– Секоја јавна личност треба да очекува реакции, вклучително и негативни. Се чини дека има и такви што доаѓаат од обични граѓани, кои понекогаш не се стеснуваат да ми ги кажат директно, на улица или на пазар за време на викендите. Тоа е секако непријатно и дефинитивно нешто ново за мене. Инаку, сум имал само позитивни искуства со новинарите и сметам дека се многу професионални.

  • Посакувате ли да сте претседател на Словенија?

– Не. Бев накратко во словенечката политика и мислам дека сум подобар дипломат од политичар.

  • Првите три работи што македонските политичари би требало да ги сторат за Северна Македонија?

– Да се обединат, да се обединат и да се обединат. Дефинитивно треба да работат на намалување на поларизацијата во општеството. Треба да зборуваат со младите и повеќе да ги слушаат.

  • А првите три задачи за македонските граѓани?

– Да се грижат подобро за животната средина, да бараат отчет од политичарите и да не чекаат промените да дојдат однадвор.

  • По Вашиот мандат, би посакале некогаш приватно да навратите овде?

– Дефинитивно, да.

  • Вашата оценка за македонските евроинтеграции, на кое скалило од 1 до 50 е денес?

– Сè уште сте на почетокот од патот. Се надевам дека тоа ќе се смени наскоро и дека конечно ќе скокнете во возот за ЕУ. Но дури и кога сте на почеток, патувањето е исто толку важно како и крајната дестинација, приклучувањето кон ЕУ. Земјата ќе се промени на подобро во текот на патувањето, а не на крајната дестинација.

  • Накусо, што како амбасадор овде Ве радува, а што Ве растажува?

– Ме радуваат разговорите со младите луѓе, гледајќи колку се интелигентни и полни со креативна енергија. Ме растажува сметот кој е насекаде. Поделбата, говорот на омраза и острата реторика присутна насекаде во политиката и во општеството ме загрижува.

  • А приватно?

– Поминувањето време со моето семејство ме прави среќен. Гледајќи како светот скршнува од патот ме загрижува.

  • Беспрекорно сте облечен, конфекција или личен шивач за Вашите костуми?

– Ви благодарам на комплиментот. Купувам готови костуми во продавници.

  • Купувате во Скопје, во Љубљана или во Брисел?

– Немам посебно место. Сум купил костуми во сите места што ги споменавте.

  • Краватите се Ваш избор или …?

– Краватите се мој избор и обично ја консултирам мојата сопруга.

  • Што ѝ посакувате на Северна Македонија во мај за Денот на Европа?

– Посакувам сите да се собереме да ги прославиме Денот на Европа и вашето патување со нас на возот. Планираме голема прослава во центарот на Скопје со граѓаните на Северна Македонија.

The post ИНТЕРВЈУ со Самуел Жбогар: Планираме голема прослава во Скопје! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....