Пејачката и актерка Тијана Дапчевиќ проговори за една од најголемите заблуди што, според неа, луѓето ја имаат за нејзината професија. Гостувајќи во утринската програма „Здраво Македонијо“ на Канал 5, таа се пошегува дека многумина мислат оти уметниците лесно заработуваат и дека нивната работа се сведува само на пеење и глумење.
„Најголемата заблуда и мит што луѓето ја имаат за мојата професија е дека јас пред зграда, пред куќа, имам едно дрво од кое берам пари“, рече Дапчевиќ.
Во својот препознатлив хумористичен стил, таа продолжи да ја опишува замислената слика за тоа како изгледа животот на еден пејач.
„Долу се 20 евра, овде се 50, а најгоре се оние виолетовите од 500 евра. И јас така секој ден… Сезона е цела година, зимзелено дрво е“, се пошегува Тијана.
Таа додаде дека токму претставата дека на пејачите и актерите сè им е лесно е една од работите со кои често се среќава.
„Тоа е најголемиот мит и заблуда што луѓето ја имаат за мене. ‘Супер ти е тебе, ти си глумиш и си пееш’“, рече Дапчевиќ.
Покрај музичката кариера, таа во последниот период е активна и на театарската сцена. Изминатава недела со стендап-комедијата „Менопауза“ таа беше на турнеја низ Македонија.
Во интервју за „Слободен печат“, Тијана рече дека преку хумор во „Менопауза“ зборува за тема за која сè уште недоволно отворено се разговара.
„Тоа е многу голема грешка, затоа што е сосема нормална работа што се среќава кај секоја жена на планетава кога ќе дојде во одредени години. И за тоа треба гласно да се зборува затоа што симптомите не се само бранови на топлина, промена на хормони и нервоза, туку мора и менталното здравје да се сочува. За тоа треба да се зборува, за тие жени да имаат поддршка. За да знаат дека не се сами, дека се мисли и на нив“, рече Тијана тогаш.
Слични објави
Се вчитува....
