17.8 C
Скопје
22:41 - 30 април, 2024

Средба со Зарина Првасевда: Без предрасуди и кочници го ширам мојот музички светоглед

Како нација музички сме пораснале многу одамна, веројатно и не постојат толку стари записи колку што ние сме возрасни во однос на традиционалната музика. Но, колку сме храбри да ѝ дозволиме на музиката да нè расоблече пред самите себе, а потоа и пред светот, реторички прашува Евгенија Здравевска, уметницата која „стои“ зад името Зарина Првасевда.    

На 15 април во Филхармонијата на РСМ ќе се случи долго очекуваниот и најавуван солистички концерт на Зарина Првасевда, промоција на нејзиниот прв официјален студиски албум насловен „Ехо“, кој во деновите што следат ќе излезе под етикетата на „Кроација Рекордс“.

Кого ќе видиме со тебе на сцената и кое е значењето и симболиката на името на албумот?

– 15 април е денот. На сцената со мене ќе видите многу луѓе кои некако низ патов оставиле трага врз ова што денес е Зарина, на музички и духовен план. Некои од нив секојдневно ми го бојат животот шарено, на некои им се восхитувам од далеку, бидејќи физички сме оневозможени да поминуваме време заедно, а ова ќе биде одлична прилика кога ќе имаме можност и да си споделиме убава енергија и заеднички да се радуваме на магијата на музиката.

На 15 со мене ќе биде мојот ансамбл, кој ми е вистинска инспирација и радост, а истиот брои девет бескрајно прекрасни битија, професионалци, другари и браќа, кои доаѓаат од различни правци и стилови на музика, од повеќе градови низ земјава, различно воспитани и со различни убедувања, а сепак во овој склоп функционираме како едно цело. Овој состав е наше мало катче и простор во кој секој доаѓа со најчистото од себе, го вложува својот труд и време, кои за мене се бесценети, а она што најмногу ме радува е што ни циркулира љубов низ нотите, а и откако ќе ни завршат работните обврски и задолженија.

Специјални гости се Васил Хаџиманов, еден од луѓето кој учествуваше во креирачкиот процес на овој албум и придонесе тој да звучи така магично, Александар Петров кој е и автор на повеќето од аранжманите на албумот и ја вајаше магијата на звуците во него, „Перија“ – бенд, со кого поминавме прекрасен заеднички период, а кој остави трага и ми отвори нови димензии на она со што планирам да се занимавам во иднина. На сцената ќе се појават и уште неколку мои драги колеги и музичари како Андреа Мирческа, Гоце Димовски, Кирил Спасеновски.

Името на албумот е симболика на она ехо кое и допре до мојата публика, а тоа е ехото на мојата душа, ехото што струеше низ планините, ехото што ми е водилка низ животот и она што ме донесе овде каде што сум денес.

Како падна договорот токму со „Кроација Рекордс“ и што очекуваш од соработката со најпрестижната издавачка куќа од Хрватска?

– Договорот со „Кроација Рекордс“ не ми е чудо, затоа што јас верувам во моќта на молитвата, но и во силата на теоријата на синхроницитет, па така уште пред овој албум да отпочне да се креира во студио, размислував за тоа кој сакам да го издаде и цело време како прва опција ми стоеше токму „Кроација Рекордс“. Се случи сосема едноставно, испратив еден мејл, им се допадна целата приказна, но тоа чекаше една година сè до мојот втор обид кој беше успешен. Од она што досега го имам како искуство со нив, навистина сум задоволна и изненадена од третманот што го добивам како млад артист кој се појавува со прв албум, а во иднина не очекувам ништо помалку од тоа. Бескрајно сум благодарна на нивната поддршка и труд, сè она што го прават и начинот на кој работат досега, верувам дека нашата соработка допрва ќе раѓа плодови што ќе се вкусни за сите нас.

Во изминатите две-три години со својата публика се дружеше виртуелно, преку социјалните мрежи, а најчесто ја пренесуваше преку мелодиите и љубовта кон природата и убавините на Македонија. Какво ќе биде сега вклопувањето во затворен простор – концертна сала?

– Со оглед на тоа што ова е мој прв солистички концерт, а ја имав среќата да се случи и во една од најголемите и најубавите сали во Македонија, од акустички, технички и визуелен аспект, ова ќе биде навистина интересно доживување. Во суштина, вистината е дека сè она што градевме досега на социјалните мрежи, мојот однос и врска со мојата публика, веќе доби потреба да се преиначи во друга форма, онаква каква што традиционалната музика заслужува пред сè. Овој тип на музика е непосреден, жив, суштински, а со тоа од исклучително значење е физичкото присуство во однос на споделувањето, на контактот артист-музика – публика. Секако, тука стои и потребата јас како артист да застанам онаму каде што сите сонуваме – на штиците што живот значат, и еве, за оние кои се колебаат, соништата стануваат реалност кога човек доволно долго сонува, верува во својот сон и несомнено, макотрпно работи до реализација.

Пееш на пет јазици, преку песните го соединуваш Балканот, дали е тоа поради поприфатлив пласман на песните надвор од границите на родната земја или станува збор за нешто друго?

– Според мене неблагородно е со музиката да се калкулира на таков начин, напротив, јас верувам во моќта на она што го правам и верувам дека овој тип на музика допира секаде каде што треба, без пресметка. Оваа музика е жива, енергија е, ќе допре до секој кој има потреба од тоа, независно од јазикот на кој е отпеана и обратно, ќе ја избегне оној кому не му буди чувство од која било причина, сè е тоа легитимно. Не треба и не може секому да му се допадне, не треба и не може секој да прифати, затоа е светот убав и шарен, зашто сите имаме различен праг на она што ни предизвикува емоција. Благодарна ќе бидам ако допре еден човек, а сите останати ќе ми дојдат како бонус радост. Среќна сум што дојдов до сознанија за традиционалната музика на Турците, Албанците, Торбешите, Бугарите, Србите, што нивната музика ме допира и ми буди силна емоција. иако тоа не ми се мајчини јазици, па така, овој круг сигурна сум дека ќе се зголемува со текот на животот и со тоа каде ќе ме носи патот. Но, она што е важно е дека без никакви предрасуди и кочници, отворена сум за нови информации и ширење на својот музички светоглед, за многу нови песни на истите и други јазици.

Соништата стануваат реалност кога човек доволно долго сонува, верува во својот сон и несомнено, макотрпно работи до реализација. Фото – Ивана Батев

Заврши дефектологија, а срцето го предаде на музиката, што од денешен агол ти значи дипломата?

– Дефектологијата е сè уште е поглавје кое стои отворено, сè уште не сум стигнала до диплома, но се надевам во скоро време ќе го заклучам. Срцето од секогаш ми било предадено на музиката, само не секогаш имав можност и прилика да и се посветам како сега. Студирањето дефектологија несомнено ми отвори едни други фолдери во главата и срцето, кои бавејќи се со оваа работа се од исклучителна важност. Во суштина, допирот со психологијата таму и таа цела литература, ми помага во справувњето со секојдневните предизвици, во градењето на односите и врските наоколу. Благодарна сум на бога за сите деца и возрасни со нетипичен развој кои сум имала можност да ги запознаам и да имам контакт со нив во текот на практичниот дел од факултетот, но и оние кои не ги познавам, како и нивните семејства и родители. Тоа е една посебна лекција за која некогаш повеќе ќе разговараме.

Планинарењето е твојата страст, колку планината креативно те храни и на која планина постојано ѝ се навраќаш?

– Честопати говорам за планината, но и за природата воопшто дека ми е манастир, а тоа доаѓа токму од таа причина што таму сум дома. Таму нема суд, нема барања, напротив, само напливи на чиста инспирација и враќање кон срцето. Шар Планина, Баба, Јабланица, Јакупица… Не можам да ги одделам, имаме вистински многу големи и магични природни богатства, езера, слики и привиди… Тоа е причината зошто сум вљубена во Македонија и тешко ми е секогаш кога треба да ја напуштам.

Колку сме музички пораснати како нација? 

– Хмм…убаво прашање. Како нација музички сме пораснале многу одамна, веројатно и не постојат толку стари записи колку што ние сме возрасни во однос на традиционална музика. Прашањето е во ова време во кое живееме, во кое несомнено природно надоаѓаат различни музички трендови на кои сакале или не се приврзуваме, колку низ сета таа бура сме спремни да допреме кај што сме најкревки и колку сме храбри да ѝ дозволиме на музиката да не расоблече пред самите себе, а потоа и пред светот. Не е едноставно човек да се соочи со сопствената емотивност во свет во кој сме приморани на овој или оној начин постојано да бидеме силни, а музиката ја има моќта без најава и сосем неочекувано да продре до тие простории од нашето битие. На 15. април во Македонската Филхармонија ќе се обидеме да патуваме до таму и назад, кој до кај што е спремен да пушти… Ова важи и за мене исто така. Едвај чекам!

На кое ниво според тебе ни е еколошката свест?

– За жал во однос на еколошката свест, не можам да го кажам истото. Тука сме сè уште некаде околу предучилишна возраст, а можеби и помлади. Штом сè уште одиме во планина и природа и остатоците од храна и пакувањата на заминување ги оставаме таму без свест за последиците. Ситуацијата не е баш сјајна. Но, на мене, на нашите истомисленици и на вас како медиуми останува задачата постојано да ги поттикнуваме овие теми и заедно да работиме на подигањето на свеста околу чистата околина, воздух, водите и вреднувањето на природата воопшто. Немаме резервна планета, мора да реагираме строго, брзо и ефективно.

НАСЛОВНА ФОТОГРАФИЈА – Стафан Рајхл

Билети за концертот може да си набавите – ТУКА.

Слични објави

Кралот Чарл е „премногу зафатен“ за да се сретне со синот Хари: Принцот пристигнува во Лондон

еспресо

Харис Џиновиќ откри дали има нова девојка: Чаршиските муабети се сè погласни!

Еспресо

Сергеј Трифуновиќ по последното апсење: Ова ме смени, сега сум повоспитан

Еспресо

Данијела Мартиновиќ проговори за здравствените проблеми: „Морам да се носам со “

Еспресо

(Фото) Синот на Драгана Мирковиќ по разводот на родителите донел неочекувана одлука, пејачката веднаш се огласи

Еспресо

Стоја потрошила 100.000 евра за операции и била во вештачка кома 9 и пол часа: Го променив личниот опис, но луѓето не ме прифатија

jasmina.kantardzieva
Се вчитува....