Стигна сезоната на вишни – овошјето што го обожаваме поради неговиот препознатлив слатко-кисел вкус и неодоливата темноцрвена боја. Освен што се неизоставна состојка на бројни летни десерти, вишните се и вистинска мала нутритивна бомба, поради што често се наоѓаат на листата на суперхрана. Овие сочни бобинки кријат низа придобивки за организмот – од позитивно влијание врз срцето, па сè до подобар сон.
Здравствени придобивки од вишните
Вишните се идеално летно овошје бидејќи се лесни, освежувачки и нискокалорични. Порција од околу 14 вишни содржи помалку од 40 калории, а истовремено му обезбедува на организмот влакна, витамин Ц и калиум. Но она по што особено се издвојуваат се вредните растителни соединенија, пред сè антоцијанините – силни антиоксиданси кои им ја даваат карактеристичната длабоко црвена боја и се познати по своето антиинфламаторно дејство.
Бројни истражувања покажуваат дека редовната консумација на вишни или сок од вишна може да има низа позитивни ефекти врз здравјето. Благодарение на нискиот гликемиски индекс, тие постепено ослободуваат шеќер во крвотокот, па можат да бидат добар избор и за лица што внимаваат на нивото на шеќер во крвта. Некои истражувања покажуваат и дека сокот од вишна може да помогне во регулирање на глукозата кога се пие на празен стомак.
Сојузник на срцето и мускулите
Вишните можат да бидат одличен сојузник и за здравјето на срцето и крвните садови. Богати се со калиум и полифеноли кои можат да помогнат во одржување на здрав крвен притисок, а одредени студии покажуваат дека редовната консумација на сок од вишна може позитивно да влијае и врз намалување на нивото на лошиот холестерол.
Ако редовно вежбате, постои уште една причина да ги вклучите во исхраната. Сокот од вишна одамна е интересен за спортистите бидејќи истражувањата покажуваат дека може да помогне во побрзо опоравување на мускулите по интензивна активност. Благодарение на антиинфламаторните својства, може да ги ублажи болките во мускулите и да го забрза враќањето во форма по напор.
Покрај тоа, вишните можат да помогнат и кај одредени воспалителни состојби како артритис и гихт. Уште една интересна информација е дека вишните се еден од ретките природни извори на мелатонин – хормон кој го регулира циклусот на спиење. Токму затоа, чаша сок од вишна навечер може да придонесе за поквалитетен и помирен сон.
