19.8 C
Скопје
20:17 - 10 октомври, 2026

„Секогаш позитивен, енергичен, полн со живот, полн со љубов“ – Во Струмица ќе се подигне спомен-обележје за тапанарот Џоко од ДНК, кој загина во пожарот во Кочани

Струмица ќе добие спомен-обележје за Џоко, тапанарот на ДНК кој загина во „Пулс“: „За нас, тој само се пресели на друга сцена“

Споменот на Ѓорѓи Ѓоргиев – Џоко, младиот струмички тапанар кој го загуби животот во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, од 5 септември ќе има свое трајно место во неговиот роден град.

Во Градскиот парк во Струмица, во близина на Домот на АРМ, ќе биде откриено спомен-обележје посветено на музичарот, неговата хуманост и љубовта што ја имаше кон музиката. Одлуката за поставување спомен-обележје – биста на Ѓорѓи Ѓоргиев и трагично загинатите жртви од пожарот во Кочани е донесена од Општина Струмица.

Џоко беше тапанар на „ДНК“ и кобната ноќ на 16 март 2025 година настапуваше со групата во „Пулс“. Неговата прерана смрт остави голема празнина меѓу семејството, пријателите, колегите музичари и сограѓаните.

Во Струмица беше познат и по прекарот „Џоко Тапанаро“. Уште пред да стане дел од „ДНК“, тој со години ја градеше својата музичка приказна и настапуваше со различни изведувачи и состави. Беше активен и како музички педагог, а неговите колеги од музичкото училиште „Боро Џони“ во Струмица по неговата смрт му оддадоа последна почит.

За неговото семејство, сепак, Џоко пред сè останува син и брат – човекот чие присуство не може да се замени со ниту еден споменик.

Неговиот татко Драги Ѓоргиев вели дека семејството со гордост ќе го чува сеќавањето на неговиот син, а спомен-обележјето ќе биде потсетник и за идните генерации.

„Споменикот за нас останува траен белег како фамилија и за сите генерации, сегашни и идни, кои ќе го паметат по неговата харизма, насмевка и топла душа кон секого.

Младите да ја запаметат неговата преголема љубов кон музиката, кон неговиот инструмент, тапанот, да го запаметат по неговите хумани дела“, вели Ѓоргиев за „В ТВ-Вистинска Телевизија“ од Струмица.

Тој додава дека Џоко и дома бил прекрасен син и изградена личност, и имал целосна поддршка од семејството во остварувањето на музичките соништа.

„За нас, како син и брат, беше непроценливо богатство. Секогаш позитивен, енергичен, и пред рефлекторите и кога ќе се изгаснат рефлекторите, полн со живот, полн со љубов и секогаш сакаше да биде помеѓу луѓето“, додава неговиот татко.

Последниот настап на Џоко пред струмичката публика бил на традиционалниот Струмички карневал. По неговото заминување, неговото име и музика продолжија да живеат преку оние со кои работел, пријателите, семејството и публиката.

На 5 септември Струмица ќе му оддаде уште една почит. Спомен-обележјето во Градскиот парк ќе остане како место што ќе потсетува на младиот музичар и неговиот живот, но и на човекот кој, како што вели неговиот татко, за најблиските никогаш вистински не заминал – туку само „се преселил на друга сцена“.

Слични објави

Сека Алексиќ во центарот на шпекулациите по објавите на младата пејачка за украдени песни

Еспресо

Весна Змијанац со потресна исповед за најболните моменти од животот: Изгубив два сина…

Еспресо

(Фото) Ѓина Џиновиќ ужива во луксузот на Капри – прошета во секси модно издание низ улиците на монденскиот град

Еспресо

Половина век без Силвана Арменулиќ – легендарната пејачка загина во страшна сообраќајна несреќа, а околностите за нејзината смрт и понатаму се мистерија

Е.А.

Никому не кажав кога почина Владо Јаневски, молчев и дека е болен: Влатко Плевнеш искрено за смртта на пријателот

Еспресо

Песна на Цеца и по 25 години меѓу најслушаните во Србија — хитот од 2001 година повторно се искачи на трендинг

E.A.
Се вчитува....