9.8 C
Скопје
06:18 - 19 март, 2024

Репортажа: Види ја Преспа и уживај

На петнаесетина километри од Ресен се наоѓаат Асамати, Претор, Сливница, Крани и Маркова Нога. Од другата страна на брегот се Отешево, Стење и Коњско. Ние бевме во Сливница и воопшто не се покајавме. Плажа за мерак, приказни за мерак. Еве неколку од нив…

Прво и основно, Преспанското Езеро е на надморска височина од 853 метри, Охридското на 693. По логика на нештата, Преспанското треба да биде постудено, ама не е бидејќи нема камења и сè е песочно. Плажата во Сливница е како во Грција, овде удира медитеранската клима, водата е топла, две лежалки и чадор се 200 до 250 денари сосе лимонада. Од едната страна е Баба Планина, од другата Галичица. Навечер комарци нема, по 22 часот „морално“ е да се стави винтјагиче.

Одеднаш на плажа ми се појавува Ферди или Фреди, како што би рекол тој. Продава кочанчиња пченка. Земи едно ми нуди и шеретски намигнува. Седи до мене, му велам, тој седнува, го прашувам за животот.

– Јас сум среќен човек, по потекло сум од прилепско Дебреште и кога се запознав со девојката ми, рече – ај ќе одиме за Ресен, таму имам куќа од дедо ми. Дојдовме и многу ни е убаво, преку зима редиме јаболка и дневница е 50 евра, напролет собираме печурки и јагоди, па береме јаболка, цело лето продавам пченка на плажата во Сливница, а ноќе печеме пуканки и ги продаваме во Ресен.

Чекај, бе, човек, како можеш да бидеш задоволен во Ресен, го прашувам.

– Овде има работа колку што сакаш, а има и пари, само треба да се ставиш во погон.

Овој Ферди е задоволен човек и посебна галаксија во орбитата на едно чудо мрчатори и незадоволници.

Ферди

ЦОЦА ПЛАЖА

На плажата во Сливница има мало културно ресторанче во посед на фамилијата Стериовски. Злате, Сотирка и нивниот син Саша работат од сабајле до вечер. На времето Сотирка т.е. Цоца била манекенка, по што заминала за Германија заедно со сопругот Злате, кој бил полицаец моторџија. Таму имале ресторан со македонска храна, ама им пукнал филмот и пред 18 години се вратиле во Македонија…

плажа Цоца

– Јас по потекло сум од Преспа и кога дојдовме дома, со Злате решивме да направиме плажа во Сливница – вели Цоца.

– Овде беше пустелија, немаше ништо, па ангажиравме багери, го асфалтиравме патот, отворивме ресторан и посадивме дрвца – се потсетува Злате.

Тој станува во пет наутро, ја чисти плажата, набавува храна, ги полни фрижидерите со пијалаци и тоа е тоа.

Инаку, Цоца, Злате и синот Саша спијат во приколка и тоа им е секојдневие од мај до октомври и покрај тоа што имаат куќа во ближното село Љубојно.

Саша се вклучува во муабетот и вели:

– Последниве години имаме проблем со персонал. На младите не им се работи и бидејќи сум роден во Диселдорф, ќе ви направам споредба со Германија – овде треба да ги молиш да работат, а таму молат за работа.

За крај од муабетов поставив едноставно прашање – дали туристичкиов бизнис може да донесе заработувачка, а Злате едногласно одговара – со многу пот и напор, може.

Цоца, Злате и Саша

ШТО ДРУГО ТРЕБА ДА СЕ ВИДИ ВО ПРЕСПА ?

Па да тргнеме со црквата во Курбиново изградена во 12 век. Тука е Големиот Град познат и како Змиски Остров каде што на времето престојувал цар Самоил. Во селото Асамати има две домаќинства каде што секогаш ќе начекате тазе крапче и белвица. Ако отидете во Ресен, ќе го видите замокот на Нијази-бег изграден по француски нацрт. Малку подоцна Нијази како младотурчин ќе биде убиен во Валона по налог на султанот. Во Ресен е спомен-куќата на доктор Христо Татарчев, еден од основачите на Македонската револуционерна организација, а во неговиот дом се поставени темелите на востаничката борба за слобода.

Повторно се враќаме до Преспанското Езеро. Во Крани е хотелот на МВР, каде што, верувале или не, полниот пансион чини 891 денар. Шума, природа, мир, чист воздух, добро јадење и јок скапотија, па каде го има ова, бре, луѓе?

хотелот на МВР

ЛИЧНО ИСКУСТВО

Пред 20 години летувавме во Преспа со синот. Тој постојано кубуреше со бронхитис и, дете како дете, се поднапило вода додека се бањало во езерото. Одеднаш поврати жолт шлајм. Ние како млади родители се испаничивме и веднаш го однесовме во Битола на преглед. Докторот ни рече – ај, сега да честите ракија, вашиот син веќе никогаш нема да фати бронхит. Така и беше.
Ова е мал дел за убавините на Преспанско-ресенскиот крај. Кој верува, нека вкуси од тој наш рај, кој не верува, нека проба и ќе се увери.

Слични објави

(Фото) Ким Кардашијан покажа ретка фотографија пред пластичните операции: Нема да ја препознаете!

еспресо

„Немам дечко веќе 40 дена“: Дара Бубамара отворено за мажите и врските

Еспресо

(Видео) Лозано има нова песна, слушнете ја „Бариера“

еспресо

Невкусен мајтап на Ким Кардашијан на сметка на „исчезнатата“ принцеза: „Одам да ја најдам Кејт“

еспресо

(Видео) Теа Таировиќ провоцира: Пејачката заводливо танцува во тесни хеланки

jasmina.kantardzieva

(Фото) Популарниот диџеј Дејвид Гета третпат стана татко: „Сијан, добредојде“

еспресо
Се вчитува....