Македонскиот музичар Коки Јанков сподели емотивен спомен од времето кога заедно со Дуле го сочинуваше едно од најпопуларните музички дуа на домашната сцена. По неговиот повик до обожавателите да испратат фотографии и спомени од минатото, пристигнало нешто што особено го изненадило.
Станува збор за стара тетратка, создадена пред речиси три децении, во која обожавателка по име Билјана внимателно собирала фотографии, исечоци од весници, билети и други спомени поврзани со „Дуле и Коки“.
Јанков објави видео во кое ги прикажа страниците од тетратката, потсетувајќи на времето на нивните први настапи, концерти и патувања.
„По вчерашната објава да ни испратите фотографии и спомени од минатото, ни стигна нешто навистина неочекувано…
Стара тетратка, полна со фотографии, исечоци, билети и спомени од нашите први настапи, концерти и патувања.
Е ова нема цена. Благодарам Билјана“, напиша Коки во објавата.
View this post on Instagram
Тетратката потекнува од 1996 и 1997 година, период кога „Дуле и Коки“ беа меѓу препознатливите имиња на македонската музичка сцена. Нејзините страници сведочат за времето кога обожавателите ги собираа написите за своите омилени музичари, ги чуваа концертните билети и создаваа сопствени албуми со спомени.
Ова изненадување пристигна во пресрет на јубилејниот концерт на Коки Јанков, закажан за 14 ноември во Македонската филхармонија. Токму по повод претстојниот настап, музичарот ги повика своите следбеници да споделат фотографии и сеќавања поврзани со дуото.
