Познатата македонска ТВ-презентерка и новинарка, Татјана Стојановска, беше гостинка во најновото издание на поткастот „Менуваме животи“ на СОС Детско село. Во емотивно и искрено интервју, таа се осврна на предизвиците на мајчинството, балансот меѓу кариерата и родителството, како и за периодот по разводот со нејзиниот поранешен сопруг, познатиот фолк-пејач Благоја Грујоски, со кого го имаат синот Матеј кој сега има 28 години.
Стојановска се присети на почетоците на нејзината мајчинска приказна, откривајќи дека станала мајка релативно млада, но дека уште тогаш покажала голема зрелост во справувањето со сите животни обврски.
Зборувајќи за раѓањето на својот син, Татјана сподели како успевала да ги менаџира факултетот, кариерата и грижата за новороденчето: „Матеј го родив на 23 години, значи станав доста млада мајка. Меѓутоа, се соочив веднаш со сите предизвици што ги носи мајчинството, со сите убавини што ги носи мајчинството. Тогаш и работев, го дозавршував факултетот… значи многу работи одеднаш. Меѓутоа, секако кога ќе се сетам од денешен аспект, си велам – па, добро, сум била зрела сето тоа да го организирам, да го водам, да се справувам. Жена може сè.“
Во еден период од животот, Татјана и Благоја Грујоски одлучуваат да стават крај на нивниот брак. Но, наместо строго дефинирани судски рамки и викенд-средби кои често знаат да создадат притисок кај детето, тие избрале поинаков, пофлексибилен пристап во интерес на нивниот син.
Стојановска детално објасни како функционирал нивниот модел на споделено родителство по разделбата: „Значи немаше кај нас она како што се гледа – тој и тој ден од толку до толку час или само за викенди. Мислам сè си беше слободно, кој кога може, кој кога сака. Дури се радував кога поминуваше повеќе време со татко му. Тоа е нормално за мене, значи да бидат двајцата родители присутни колку што се може повеќе.“
Таа стави посебен акцент на важноста од одржувањето на силна врска меѓу таткото и синот, нешто на што инсистирала во текот на целиот процес на растење на Матеј. Стојановска потенцираше дека нејзин приоритет бил детето секогаш да има непречена комуникација со својот татко, со цел да се изградат и зачуваат вистинските семејни вредности.
