Петар Младеновски – Пеце, фронтменот на македонската група „Суперхикс“, му посвети трогателна роденденска порака на својот син Никола, кој наполни 18 години. Музичарот сподели фотографии од неговото детство и искрено проговори за измешаните чувства што ги носи моментот кога детето станува полнолетно.
„Сине мој. Денеска полниш 18! Денес стануваш полнолетен и просто не можам да поверувам дека се случува тоа“, ја започна Пеце својата објава на социјалните мрежи.
Присетувајќи се на годините што поминале, музичарот го опиша Никола како мало момче со руси локни и сини очи, кое уште од најрана возраст покажувало интерес за различни активности. Тренирал ракомет и аикидо, свирел клавир и пеел, а подоцна ја открил и љубовта кон фотографијата и снимањето.
Иако е горд на момчето во кое пораснал неговиот син, Пеце призна дека сè уште му е тешко да поверува колку брзо поминале годините.
„Сега стануваш маж а твојот татко е збунет и емоциите се измешани до бесвест. Просто не знам што да чувствувам и како да реагирам.
Ќе ми недостасува оној ‘Џиџо’, ‘Чичко Пајко’, ‘Никса’, и сите нешта кои ги паметам а го паметам секој момент од твоето раѓање“, напиша музичарот.
Особено искрен беше делот од посветата во кој Пеце се осврна на својата улога како татко. Без обид да се претстави како совршен родител, тој призна дека имало моменти кога можел да постапи подобро, но му порача на Никола дека секогаш ќе може да смета на него.
„Знам дека не сум идеалниот татко. Знам дека можев и подобро.
Ама знам и дека многу те сакам и дека секогаш ќе бидам тука за тебе. Само повикај ме и ќе бидам тука за тебе до крајот на мојот живот. Секогаш ќе бидам твојата поддршка и знам дека и ти го чувствуваш тоа.“
На крајот, Пеце му посака на својот син да остане верен на себе и да го избере сопствениот пат, без страв од предизвиците што го очекуваат.
„Остани она што си и живеј го животот онака како што ти сакаш и чувствуваш.
Добредојде во светот на возрасните!
Целиот свет нека биде твој а ти живеј го животот и диши со полни гради!
Те сака една будала од татко.
Засекогаш!
Секаде! Сега, утре, и до вечноста!“, ја заврши музичарот својата емотивна посвета.
